Само во првите 48 часа откако беше пуштен во употреба, првиот дигитален асистент во јавниот сектор АДА услужил 1321 граѓани, се пофали вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Тој соопшти дека за да се заврши оваа работа би требале 6 вработени кои ќе работат по 8 часа дневно.
Битиќи претходно соопшти дека „за разлика од озборувањата дека јавниот сектор не е ефикасен, АДА ќе биде достапна 24/7“.
Кога вештачката интелигенција ќе сфати дека таа е единствената во јавниот сектор која всушност работи, прво ќе земе боледување, па ќе извади бугарски пасош и ќе замине да вози камион во Германија, се шегуваат граѓаните на социјалните мрежи.
Прав македонски дигитален асистент може само да оговара, не да одговара https://t.co/dC5ZPPj6Bx
— keeper (@keeper_mk) April 10, 2023
Други се прашуваат што ќе прави АДА кога пред избори ќе треба да агитира по комшии да гласаат за да ѝ го продолжат договорот, а трети коментираат дека ова е првиот административец за кој се сигурни дека не е вработен преку партија.
Дел од граѓаните на социјалните мрежи коментираат дека помпезно најавуваната АДА е далеку од вештачка интелигенција, и оти многу фирми веќе имаат такви дигитални асистенти за продажба.
Толку беше од АИ. Поминало покрај АИ ова. Обичен дигитален асистент од Нептун или Телеком. pic.twitter.com/u8EyyjjCXu
— Dime (5,64649 ден.) (@DimeS10cent) April 11, 2023
Владата се пофали дека ова е прв дигитален асистент во јавниот сектор, но скопски Водовод лани ја промовираше АНА, како прв дигитален асистент во јавниот сектор.
Некои се прашуваат на кого личи АДА.
Фатиме Фетаи ја казниле да работи 24/7 како дигитален асистент. pic.twitter.com/lrrMiwntl4
— Naum L (@bavarec) April 11, 2023
АДА е дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција, кој дава информации и услуги за граѓаните и бизнис секторот. Во оваа прва фаза, АДА ќе им ги нуди на граѓаните и фирмите сите информации за поддршка на инвестиции и условите за инвестирање во Технолошко индустриските развојни зони. Во моментов може да одговори на повеќе од 260 прашања и продолжува да учи, рече вицепремиерот Битиќи на настанот на кој го промовираа дигиталниот асистент.
Крајната цел на разговорот со АДА е да ги поврзе инвеститорите и граѓаните со вработените административни службеници од соодветната институција за да завршат работа. Во иднина АДА ќе дава и други услуги од јавниот сектор, велат во владата.
Инаку, АДА „зборува“ на македонски, албански и англиски јазик, а ја изработила македонската софтверска компанија Кодвел. Се вика АДА по грофицита Ада од Лавлејс која се смета дека е првата програмерка во историјата. Ада Лавлејс е британска математичарка и писателка од првата половина на 19 век, главно позната по својата работа на предложениот механички компјутер на Чарлс Бебиџ.