Инфлацијата „изеде“ 1000 денари од платата

Илустрација

Истите работи кои лани чинеле колку една плата, сега чинат 1000 денари повеќе, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Сепак, според државната статистика, и просечната плата е зголемена за околу 1000 денари. Народната банка очекува инфлацијата годинава да биде 3,1 отсто.

Ако лани ова време сте трошеле 24 илјади денари, сега за истите работи ќе треба да потрошите 1000 денари повеќе. Според Државниот завод за статистика, трошоците за живот во октомври годинава се за 4,1 отсто повисоки од истиот месец лани. Храната е поскапена за 4,6 проценти, а транспортот за 18 отсто. На пример, маслата се поскапени за 25 отсто, зеленчукот за 12 отсто, а гасот и горивата за над 30 проценти.

Видете и ова: Енергетската криза: Скап увоз или рестрикции

Сепак, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека од август лани до август годинава просечната плата пораснала за 4 отсто, односно за 1100 денари, од 27.535 на 28.642 денари.

Народната банка на Македонија вчера изврши корекција на инфлацијата за годинава на 3,1 отсто од априлската проекција од 2,2 отсто. На почеток на годинава Народната банка очекуваше инфлацијата годинава да биде 1,5 отсто.

Поранешниот гувернер на Народната банка, професор Љубе Трпески вели дека граѓаните веќе ја чувствуваат инфлацијата на свој грб.

„За обичниот граѓанин тоа значи поскапување на одредени намирници, особено ако се оствари најавеното поскапување на струјата, сето тоа ги зголемува трошоците за живот“, вели тој.

Трпески сепак вели дека инфлацијата сè уште е под контрола, и кај нас и во светот, и не треба да се крева паника.

Видете и ова: Повисоките цени ја продлабочуваат сиромаштијата

„Ако се сеќавате, пред 20-30 години инфлацијата дневно растеше колку што сега расте на годишно ниво, така што нема потреба од паника. Народната банка има инструменти да ја контролира, ама тоа треба заедно со буџетот, со Министерството за финансии да го прави“, вели Трпески.

Гувернерката Анита Ангеловска Бежоска рече дека растот на инфлацијата пред сè се должи на поскапувањето на храната и на енергенсите на светските берзи, како и на нарушување на глобалните синџири за снабдување. Таа вели дека инфлацијата останува во умерени рамки и засега нема потреба од итни мерки.

Видете и ова: За и против зголемување на минималната плата

„Будно ги следиме состојбите особено во енергетскиот сектор, но не само во енергетскиот сектор, туку и кај глобалниот раст на цените на храната, бидејќи ако се погледне потрошувачката кошничка кај нас, тие имаат доминантна улога. На храна и на енергија отпаѓа околу 50-тина проценти од вкупната потрошувачката кошничка, така што будно следење е навистина неопходно во овој период, иако засега не се очекуваат поизразени шокови. Се очекува инфлацијата да остане во умерени рамки“, рече таа.

Гувернерката вели дека се очекува цените на храната и енергенсите да се стабилизираат на почетокот на наредната година, за кога се предвидува инфлација од 2,4 отсто, а потоа таа да се држи на околу 2 проценти.

Економскиот раст за годинава се проценува на 3,9 отсто, со што економијата би го достигнала нивото од пред пандемијата во текот на наредната година.