Шпорети, измами, војни и батерии

МАКЕДОНИЈА - Десет илјади семејства од Скопје, Кичево, Тетово и Битола ќе добијат по 1.000 евра за набавка на клима инвертери како дел од првата фаза на владиниот план и еколошката мерка за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни уреди како што се инвертер клими.

МАКЕДОНИЈА - Надлежен Јавен обвинител донел наредба за покренување истрага против 5 физички и едно правно лице за измама. Првоосомничениот и правното лице за продолжено кривично дело измама, додека другите за помагање. За едно лице обвинителот бара мерка притвор, а првоосомничениот веќе се наоѓа во притвор.

ТУРЦИЈА / СИРИЈА - Почна операцијата на турската војска против курдските борци во северна Сирија. Почнувањето на офанзивата го објави и туркиот претседател Ердоган.

САД - Белата куќа го информираше Претставничкиот дом на Конгресот, контролиран од Демократската партија, дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп нема да учествува во процесот за импичмент на претседателот.

КИНА / ПАКИСТАН - Кинескиот претседател Си Џипинг изјави дека ја следел внимателно ситуацијата во Кашмир и одлучил да го поддржи Пакистан во прашањата поврзани со неговите суштински интереси, објави официјалната новинска агенција Ксинхуа, пренесе Ројтерс.

РУСИЈА - Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ги обвини САД дека играат многу опасна игра со сириските Курди, чии борци беа најголеми сојузници на САД во војната против Исламска држава во Сирија, пренесе новинската агенција Асошиејтед прес.

ГЕРМАНИЈА - Германската полиција изврши рација во четири сојузни држави, привремено притворајќи шестмина осомничени поврзани со серија закани за бомбашки напади на џамии, канцеларии на политички партии и редакции на медиуми, пренесе германската новинска агенција ДПА.

ИРАН - Иранската армија почна ненајавени воена вежба во северозападниот дел од државата, во близина на границата со Турција, јави иранската новинска агенција ИСНА, пренесува Ројтерс.

СРБИЈА - Група од 14 владици на Српската православна црква (СПЦ), преку писмо до патријархот Иринеј, повика на редовна седница на Светиот архиерејски сабор поради наводно скромно одбележување на 800 години од автокефалноста на СПЦ, загриженост за евентуално признавање на Косово и заради одлуката да му се додели Орден на Свети Сава од Прв степен на српскиот претседател Александар Вучиќ, првпат во осумвековната историја на Црквата, објави новинската агенција Бета.

ШВЕДСКА - Научниците Џон Б. Гудинаф, Стенли Витингем и Акира Јошимо се годинешните добитници на Нобеловата награда за хемија. Наградата им е доделена за развој на литиум-јонски батерии, соопшти Нобеловиот комитет, пренесе Ројтерс.