Евра, Шверцери и пратеници

МАКЕДОНИЈА - На рочиште за случајот Рекет, бизнисменот Зоранчо Митровски сведочеше дека преку неговиот адвокат и кумашин, првообвинетиот Бојан Јовановски - Боки 13, му побарал 2 милиони евра за да се спаси од истраги на СЈО. Додаде дека не пријавил, бидејќи, како што рече, се плашел оти СЈО било многу моќно.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев изјави дека нема намера да поднесе оставка на 3 јануари, ако опозицијата продолжи да ги блокира битните закони во Собранието, како законите за повисоки плати и пензии.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев изјави дека министерот за култура ќе поведе дисциплинска мерка против директорката на МНТ, која имала само усна комуникацијата со организаторите на настанот во МНТ во кој учествуваше навивачката група Шверцери.

МАКЕДОНИЈА - Најдобро е пропустот за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски да го утврди Обвинителството и да покрене постапка, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

ИРАН - Двајца пилоти загинаа кога се урна ирански борбен авион во северозападниот дел на Иран, објави полу-официјалната новинска агенција ИЛНА. Државните медиуми соопштија дека воениот авион се урнал во планински дел во провинција Ардабил.

АВГАНИСТАН - Дваесет и седум активисти од авганистанското Народно движење за мир биле киднапирани од талибанците за време на мировниот марш во западниот дел на Авганистан, соопштија водачите на групата и локалните власти.

ИРАК - Ирачкиот парламент одобри нов изборен закон кој има за цел на непартиските кандидати за пратеници да им овозможи подобри шанси за освојување мандати во парламентот.

ВАТИКАН - Папата во божиќната порака повика на мир во земјите зафатени од конфликти, а се осврна и на мигрантската криза. Тој рече дека се надева оти Бог ќе ги омекне камените и егоистичните срца на луѓето и така ќе се запре неправдата кон мигрантите.