Длабока метла, руски пасош, фејсбук милијарди...

МАКЕДОНИЈА - Првата екипа ќе биде одлучувана и од страна на премиерот, но не сметам дека кадровските поместувања ќе се ограничат исклучиво на владиниот состав, туку на она што се вика извршна власт и на она што се вика неисполнување на еден дел од очекувањата на граѓаните, изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска за најавената чистка во власта.

МАКЕДОНИЈА - Генералниот секретар на СДСМ, Александар Кирацовски, на својот профил на Фејсбук, напиша дека побарал повлекувањe на неговите роднини од работните места за кои, како што напиша, Државната комисија за спречување корупција наоѓала некакви индиции, иако, пишува дека немал право на тоа оти не влијаел за нивните вработувања.

САД - Поранешниот потпретседател на Соединетите Американски Држави Џо Бајден обелодени дека ќе влезе во трката за претседател на државата, за што прво треба да ја добие поддршката во својата Демократска партија.

РУСИЈА - Рускиот претседател Владимир Путин и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун одржаа тет а тет средба во Владивосток по што следуваа разговори на поширокоите делагации меѓу двете страни.

САД - Стејт департментот на САД ја критикуваше наредбата на рускиот претседател Владимир Путин за поедноставување на постапката за руско државјанство за луѓето што живеат во делови од источна Украина што ги држат сепаратистите поддржани од Русија.

КИНА - Десетици светски лидери пристигнаа на кинескиот форум Еден појас, еден пат, кој ќе се одржи во наредниве два дена.

САД - Фејсбук, најголемата социјална мрежа во светот, соопшти дека се подготвува на парична казна од 5 милијарди долари во врска со истрагата на американската Федерална комисија за трговија за тоа дали компанијата ги прекршила правата на приватност на корисниците.

БРАЗИЛ - На планетата земја во 2018 година снемало повеќе од 12 милиони хектари тропска шума, што е колку површината на Никарагва, соопшти светскиот институт за природни ресурси. Овој проблем најмногу ги засега Бразил, Индонезија, Демократска република Конго, Колумбија и Боливија.