Директорки, полицајци и ракети

МАКЕДОНИЈА - Направената штета во МНТ ќе ја надомести навивачката група Шверцери, а ако тие не ја платат, тоа ќе го стори директорката на установата Симона Угриновска, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.

МАКЕДОНИЈА - Демократската унија за интеграција констатира алармантна состојба во третата власт. Делегатите на четвртиот изборен Конгрес на партијата констатирале селективна правда, која, како што се наведува во соопштението од ДУИ е инспирирана од политиката, применета од обвинители и спроведена од судии со предрасуди од претходни системи, со застарени убедувања и коруптивни склоности.

МАКЕДОНИЈА - На рочиште за случајот Титаник беше сослушан сведокот Ацо Стојанов кој донирал пари за политичката кампања на ВМРО-ДПМНЕ во 2011. Тој сведочеше дека донирал пари во повеќе наврати за ВМРО-ДПМНЕ, дека во партијата има благајник што ги прима донациите, а за донациите некогаш добивал каса прими, а некогаш не му давале.

ТУРЦИЈА - Повеќе до 30 илјади полицајци се отпуштени од работа во Турција во рамки на борбата против организацијата на проповедникот Фетула Ѓулен, која турските власти ја сметаат за одговорна за обидот за пуч во 2016 година.

АВГАНИСТАН - Ослободени се 27-те авганистански мировни активисти, кои беа киднапирани од талибанците, соопштија тамошните власти. Талибанцити 45 часа ги држеа во заробеништво aктивистите од Народното движење за мир.

РУСИЈА - Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални изјави дека полицијата го отстранила од неговата канцеларија додека вршела претрес во седиштето на Фондацијата за борба против корупцијата. Навални на Твитер напиша дека никој не е приведен, само дека го извлекле од канцеларијата.

ИЗРАЕЛ - Бегајќи од ракета истрелана од Појасот Газа, премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху ја напуштил говорницата во текот на предизборниот собир во градот Ашкелон. Војската соопшти дека нејзиниот систем за против воздушна одбрана ја пресретнал ракетата.

АВГАНИСТАН - Најмалку шест авганистански војници загинаа во бомбашки напад во северната провинција Балх, соопштија локалните власти. Нападот кој се случил во утринските часови бил насочен кој воен комплекс.

ТУРЦИЈА - Најмалку седум луѓе загинале откако мал брод со мигранти од Пакистан, Бангладеш и Авганистан се превртел и потонал во езерото Ван, во источна Турција.