Дезинформации и електронски цигари

МАКЕДОНИЈА - Одбраната на обвинетите во случајот Талир 2, што досега го водеше СЈО, побара и доби одложување на судењето поради промена на бројот на предметот и легитимноста на решението на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да ѝ го додели предметот на поранешната обвинителка од СЈО, Ленче Ристоска.

МАКЕДОНИЈА - Лажните вести стануваат закана за националната безбедност, оценија претставниците на државниот врв и најавија одлучна борба против дезинформациите, кои, како што рекоа, ја поткопуваат демократијата.

МАКЕДОНИЈА / ГЕРМАНИЈА - Вицепремиерот за државни прашања, Бујар Османи, објави дека во Берлин добил потврда од државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот, дека германската влада во октомври ќе го поддржи додолувањето на Датум за преговори за земјата од страна на ЕУ и дека цврсто ќе го брани тој став кога за тоа ќе одлучува германскиот Бундестаг.

БЕЛГИЈА - Амбасадорите на земјите членки на Европската унија одлучија да ја поддржат поранешната романска обвинителска Лаура Кордута Ковеси да стане прва жена обвинителка на ЕУ.

САД - Поранешниот советник за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Џон Болтон, остро го критикувал Трамп поради неговата надворешна политика кон Иран, Северна Кореја и кон Авганистан, објави Политико, пренесоа агенциите.

ФИНСКА / ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Финскиот премиер Анти Рине му порача на британскиот премиер Борис Џонсон дека има 12 дена за да ги претстави своите планови за Брегзит пред претставниците на ЕУ, објави Би-Би-Си.

ФРАНЦИЈА - Нема причина Франција да ја смени својата одлука од 2013 година, кога одби да му даде азил на поранешниот припадник на американската Агенција за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден, изјави францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дријан, пренесоа новинските агенции.

ЈЕМЕН - Oткако Саудиска Арабија го обвини Иран за нападот врз рафинерија, јеменските Хути се заканија со нови напади и во и надвор од границите на Саудиска Арабија. Тие рекоа дека се подготвени за напад со дронови врз Абу Даби, финансискиот центар на ОАЕ, пренесоа агенциите.

АВГАНИСТАН - Над 20 луѓе се убиени, а 95 се ранети во експлозија на камион-бомба пред болница во јужен Авганистан, соопшти владин претставник, пренесоа светските новински агенции. Меѓу повредените се неколку жени, деца, здравствени работници и пациенти во болницата.

САД - Њујорк стана првата држава која ја забрани употребата на ароматизирани електронски цигари, по 400 случаи на сериозни заболувања поврзани со вдишувањето на пара од нив кои беа забележани во САД.