Гаранции, кампањи, предупредувања...

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев изјави дека на Министерскиот совет написмено добиле правно формална гаранција дека не подоцна од октомври земјата ќе добие датум за почеток на преговорите. Според него, нема можност да се донесе таква одлука без сите земји да бидат согласни, што значи дека има консензуална одлука.

МАКЕДОНИЈА - Ако не добиеме датум до октомври, тоа ќе биде точка на нашата ЕУ перспектива, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров на заедничката прес конференција со министерот за надворешни и европски работи на Република Словачка, Мирослав Лајчак. Лајчак додаде дека Северна Македонија ги исполнила условите и дека сега е на ред ЕУ да ги исполни сопствените услови.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп ја продолжи важноста на зголемениот степен на предупредување во врска со Западен Балкан кое е во сила од 2001 година. Тој го информира Конгресот дека заканата поради која тој степен на предупредување е воведен и натаму постои, соопшти Белата куќа. Заканата која се огледува во постапките на лица кои се вклучени, помагаат, финансираат или поддржуваат екстремистичко насилство во Северна Македонија и во другите држави на Западен Балкан не е отстранета, се вели во документот што го потпишал Трамп.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека не верува оти поранешниот претседател на Египет Мохамед Морси умрел од природна смрт. Морси почина во судница.

ХОЛАНДИЈА - Холандскиот обвинител Фред Вестербек ги именуваше четворицата осомничени за испорака на ракетниот систем Бук од Русија до Украина со кој беше соборен патничкиот авион МХ17 на 17 јули, 2014 година. Според него, се работи за тројца руски државјани Сергеј Дубински, Игор Гиркин и Олех Пулатов, како и украинскиот државјанин Леонид Харченко кои ќе бидат обвинети за убиство за нивната улога во случајот. Авионот на Малезија Ерлајнс МХ17 беше соборен во источна Украина и загинаа сите 298 патници и членови на екипажот.

УКРАИНА - Украинските власти соопштија дека еден војник загинал, а шест биле повредени во судирите со проруските бунтовници во источниот дел на земјата.

САД - Агенцијата за бегалци на ОН соопшти дека речиси 71 милиони луѓе се раселени низ светот во минатата година како резултат на војна, прогон и друго насилство. Најмногу бегалци има од Сирија, околу 6,7 милиони, а потоа следи Авганистан со 2,7 милиони. Според извештајот, бројката на раселени лица е за два милиони поголема од 2017 година и претставува највисока бројка во изминатите 70 години.

ИРАН - Иранскиот министер за нафта Бијан Заганех изјави дека Европа не соработува со земјата, бидејќи не купува нафта во услови на санкциите на САД врз енергетскиот сектор.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп официјално ја почна кампањата за негов реизбор во 2020 година изјавувајќи дека ривалската Демократска партија сакала, како што рече, да ја уништи земјата, а ги нападна, како што ги нарече, медиумите за лажни вести.