Во каква состојба се засолништата во земјава?

Јавно засолниште во Скопје

Додека некои земји ги одржуваат своите засолништа за итна употреба, други ги трансформираа во музеи. Во Северна Македонија има 100 јавни засолништа, но дали и колку се подготвени за евакуација на население и на одговор во случај на вонредна ситуација?

Зад пазарчето во населбата Аеродром се наоѓа едно од дваесеттината јавни засолништата во Скопје.

Речиси два метри под земја, засолништето има капацитет да засолни 200 луѓе во случај на вонредна состојба.

Опремено е со системи за вентилација и ротори за произвдоство на електрична енергија како и алати за самоспасување и е едно од функционалните засолништа во земјава.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Од над 100 засолништа во државата, половина не се во функција

Засолништето е изградено во 80-тите години од бившата југословенска армија, а последен пат е реновирано пред десеттина години. Скривницата има неколку соби со бетонски прегради, располага со тоалети, има систем за вентилација и врати за принуден излез.

„Во Скопје се дваесеттина засолништа, но не се рамномерно распределени затоа што, како се градело, зависи од големината на градежните активности и сето ова е градено до пред 15 години“, вели Димче Митевски, раководител на Сектор за оператива и логистика од Дирекцијата за заштита и спасување.

На територијата на целата земја пак има околу 100 јавни засолништа, но само пет се целосно реновирани.

Скопските засолништа се наоѓаат во општините Гази Баба, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир. Со одлука на Владата во 2005 година година дел од засолништата кои припаѓале на Министерството за одбрана, се доделени на Дирекцијата за заштита и спасување на трајно користење.

Видете и ова: Руска инвазија врз Украина -„нормален“ живот во воени услови

Само половина од засолништата се функционални

Дел од засолништата, како ова, се функционални, но дел се оставени на забот на времето.

„Половина од засолништата се во одлична функционална состојба и истите се одржуваат навремено и служат за она што е наменето, останатите се тунелски засолништа, кои уште во времето на градење се направени само за еднократно засолнување, но без некои поголеми мерки за засолнување“, вели Митевски.

Друг и поголем дел од засолништата пак се во надлежност на граѓаните. Станува збор за помали засолништа кои се наоѓаат под станбени згради и други објекти, за кои што се одговорни куќните совети.

„Повеќето од засолништата се во сопственост на граѓаните односно куќните совети и по добиен знак за евентуална опасност, претседателот на куќниот совет кој го има клучот од засолништето го отвора за засолнување на граѓаните“, вели Митевски.

Засолништата се урбанистичко-технички мерки за заштита за населението, кои не само што се дел од деталните урбанистички планови туку за нив порано се плаќала и јавна давачка. До пред неколку години секоја зграда мораше да располага со засолниште, но од 2012 година тие законски уредби се укинати и во новите згради кои што се градат нема засолништа.

Жителите на еден ослободен украински град живеат под земја додека руските сили напредуваат

Голем дел од овие засолништа се запуштени или пак издадени на приватни лица за разни намени. Давањето под закуп не е спротивно на Законот за заштита и спасување, но обврска на закупците е да не изведуваат градежни зафати што ја нарушуваат основната функција и мораат во услови на криза да ги вратат во првобитната состојба за 48 часа.

Некои од засолнишата пак како на пример градското засолниште во Струмица станало уметничка галерија, а во Штип во засолниште се влегува преку кафуле.

Војната во Украина ги отвори прашањата во каква состојба и дали и колку државите се подготвени за вакви ситуации.

„Ние сме сега членка на НАТО, сметаме дека дури немаме потреба за градење на нови засолништа, дури предлагаме постоечките да се користат за други намени како теретани, магацини, кафулиња и слично“, вели Митевски.

Сепак европските држави, како на пример Германија, веднаш по руската инвазија почна да ги зајакнува своите јавни засолништа, а Владата соопшти дека работи на нови концепти, подобрување на подземните паркинзи, метро станиците и подрумите, со цел да станат потенцијални засолништа, а на сојузните држави им дала 88 милиони евра за поставување сирени за тревога.