ВМРО-ДПМНЕ: Датум за избори само со консензус

Нашиот принцип е јасен дека датумот за следните парламентарни избори треба да биде донесен со консензус на сите политички партии кои седеа на таа маса уште при првата лидерска средба која ја организираше претседателот Пендаровски, без разлика што во меѓувреме се видоизмени содржината на масата и дел од тие што беа на таа маса се во коалиција, ние стоиме на тој принцип и не бегаме од тој принцип, изјави денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Тој рече дека комуникација за одредување на датумот на избори постои, но не сакаше да коментира ништо во врска со неа, и додаде дека ако има договор меѓу партиите, тоа ќе се соопшти јавно.

„Нашите позиции поврзани со предвремените парламентарни избори ги знае македонската јавност. Нашата позиција дека компромис треба да се постигне за интересот на граѓаните, во интересот на државата, но тоа не треба да биде по цената на здравјето на граѓаните. Канална комуникација постои. Јас, не би сакал дополнителни коментари поврзани со тој канал за комуникација кој што постои, денеска да изнесувам. Бидејќи, не сме сите исти и не се занимаваме сите со ваков тип на брифинзи. Доколку има договор и кога ќе има договор, ќе го соопштиме тоа на јавноста. Но, повторно ќе кажам, здравјето на граѓаните треба да биде водилка за сите нас“, рече Мицкоски.