Вируси и војни

СИРИЈА - Крвавата граѓанска војна во Сирија влегува во својата 10-та година, со тоа што владата на претседателот Башар ал Асад, се чини дека ја консолидира власта, поддржана од круцијалната воена и политичка поддршка од Русија и Иран.

МАКЕДОНИЈА - Јавната седница закажана за ден 18,19 и 20 март за насилствата во собранието - 27 Април - се одложува во интерес на јавното здравје и превенција, а во согласност со издадените мерки и препораки од Владата на Република Северна Македонија, соопшти Апелацискиот суд Скопје.

МАКЕДОНИЈА - Во моментов нема потреба од прогласување на кризна состојба на целата држава, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски по одржување на состанокот на Советот за безбедност во проширен состав.

МАКЕДОНИЈА - Во моментов се тестираат седум пациенти за корона вирус - тројца од нив се од Дебар со симптоми на грип и двајца од Штип, како и две лица на инфективаната клиника, кои се тестираат затоа што патувале во високо ризични земји, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче.

МАКЕДОНИЈА - Лидерите на власта и на опозицијата денеска побараа одложување на предвремените парламентарни избори, закажани за 12 април, поради настанатата состојба со коронавирусот. Претседателот Стево Пендаровски свика лидерска средба за одложување на изборите.

БЕЛГИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека земјите од Г-7 се согласни заедно да дејствуваат со координирани мерки во спречување на ширењето на коронавирусот како и справувањето со последиците од него.

ТУРЦИЈА - Турција соопшти нови мерки за превенција од ширење на коронавирусот со кои се прекинуваат групните молитви во џамиите, вклучително и големата петочна молитва.

РУСИЈА - Рускиот уставен суд ги одобри измените на уставот со кои меѓу другото, му се овозможува на претседателот Владимир Путин да остане уште 16 години на власт откако неговиот мандат требаше да заврши во 2024 година.

САД - Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, се заложи светските влади усогласено да делуваат во спречувањето на рецесијата на светската економија заради ширењето на коронавирусот.

ГРЦИЈА - Во последните пет дена во Грција биле регистрирани 122 прекршувања на превентивните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот и биле уапсени 127 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

СРБИЈА - Премиерката на Србија Ана Брнабиќ изјави денеска дека доколку препораките на владата старите лица да останат дома не се почитува и доколку луѓето и натаму излегуваат можен е полициски час.