Вирус, избори и гардеробата на Боки

МАКЕДОНИЈА - Судењето за предметот Рекет денеска продолжи со презентирање докази од одбраната, односно адвокатот Саша Дукоски и обвинетиот Бојан Јовановски презентираат фотографии од гардероба на обвинетиот Боки 13, за да докажат дека поголемиот дел е купена пред 2019 година, наспроти тврдењето на обвинителката Вилма Русковска дека ја купил со пари од рекетот. Станува збор за седум вреќи запленета гардероба.

МАКЕДОНИЈА - На координативната средба се обединивме околу тоа дека здравјето на граѓаните е најважно и сите се сложивме на почитување на мерките за заштита во новонастанатата ситуација од коронавирусот, изјави попладнево премиерот Оливер Спасовски, по средбата со лидерите на партиите во државата. На средбата се договориле да нема предизборни митинзи, а изборите да се одржат.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп во телевизиското обраќање до нацијата соопшти дека Соединетите држави ќе ги суспендираат сите патувања од Европа за Соединетите држави на 30 дена во обид да се спречи ширењето на пандемијата со коронавирусот во светот.

БЕЛГИЈА - Првите луѓе на Европската унија, Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел изразија несогласување со одлуката на американската администрација да ги забрани летовите кон и од земјите на ЕУ во наредните триесет дена поради коронавирусот.

СИРИЈА - Во воздушни напади на коалициските сили предводени од САД во Ирак, во источна Сирија биле убиени 26 борци на ирачка паравоена група поддржана од Иран. Претходно во напад на Камп Таџи во Ирак биле убиени 2 американски и еден британски војник.

ГРЦИЈА - Со молотиви коктели, дрвја и камења, мигрантите и бегалците собрани на турската страна од границата со Грција, кај Еврос, ги нападнаа грчките полициски сили, објавија локалните медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

СРБИЈА - Поради појава на коронавирусот Србија привремено затвори 44 гранични премини за патен, железнички и речен сообраќај, кон Унгарија, Романија, Бугарија, Црна Гора, Хрватска, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, како и неколку внатрешни гранични премини.

МАКЕДОНИЈА - Во моментов не постојат научни докази дека храната претставува извор или преносител на вирусот корона, соопшти Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА), објави македнската Агенција за храна и ветеринарство. Според објавата на АХВ, ЕФСА ја следи ситуацијата во однос на појавата и ширењето на КОВИД 19.