Брутализмот популарен меѓу „инстаграм“ генерацијата

Архитектскиот стил брутализам популарен во 1950-тите и 1960-тите години во поранешна Југославија ги воодушевува младите од „инстаграм“ генерацијата.

Брутализмот е карактеризиран со масивен и монолитски изглед и со огромни бетонски блокови.

По Втората светска војна, социјалистичка Југославија предводена од Јосип Броз Тито одлучи да ја реконструира земјата уништена од војување. Станбените блокови, хотелите, граѓанските центри и спомениците изградени од бетон „никнаа“ низ земјата.

Идејата на оваа архитектура била да ја покаже моќта на државата меѓу два света - западната демократија и комунистичкиот исто, која се стремела кон креирање социјалистичка утопија, пишува „Ројтерс“.

Но, по смртта на Тито во 1980 година, и поради економската криза, новите елити го промениле правецот на државата, вклучувајќи го и правецот на архитектурата. Во 1991 година започна серија војни со кои се распадна Југославија.

Во последните години генерациите се потсетуваат на оваа архитектура, која има остатоци во повеќето држави кои биле дел од поранешна Југославија.

Белградскиот менаџер на туристичка агенција, Војин Мунчин за „Ројтерс“ изјавил дека нивната тура „Југо“, со која се разгледуваат зградите во стилот на брутализам, привлекува десетици посетители неделно.