Брегзитот веќе го зафати банкарскиот свет

Околу илјада милијарди долари и 220 банки се преселиле од Британија во Европската унија од изгласувањето на Брегзитот во 2016 година. Брегзитот, покрај трговските искри меѓу САД и Кина, е една од главните причини поради која ММФ ја намали својата прогноза за глобалниот економски раст.

Најмалку илјада милијарди долари, односно околу 10 насто од вкупниот имот на британскиот банкарски сектор и 220 банки и финансиски фирми се преселиле од Британија во Европската унија од изгласувањето на Брегзитот во 2016 година.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Брегзитот избрка илјада милијарди долари од Британија

Според американската агенција Блумберг, пред заминувањето на Британија од ЕУ најавено за 31 октомври, се забрзува и бегањето на финансискиот капитал од со децении неприкосновениот банкарски центар на Европа.

Само во минатиот месец водечките светски осигурителни компании со седиште во Лондон префрлиле бизнис вреден околу 75 милијарди долари и тоа во Даблин, Луксембург, Франкфурт и Париз.

Германскиот финансиски аналитичар Роберт Халвер вели:

„Што се однесува до Брегзитот, очекувам тој да биде без договор. На Британците веќе не може да им се помогне. Ако продолжат такви какви што се, и нивните политичари... Ако инсистираат да удираат со главите во ѕид, тогаш се надевам дека ќе имаат подготвено доволно фластери“.

И покрај сите финансиски, но и политички неизвесности, британскиот премиер Борис Џонсон ги предупреди пратениците дека тој никогаш нема да побара од Европската унија одложување на Бргзитот.

Тој притоаимплицитно предупреди дека ќе биде принуден да распише генерални избори ако неговите раце му бидат врзани во парламентот.

„Сакам сите да знаат дека не постојат околности во кои ќе го замолам Брисел да го одложи Брегзитот. Заминуваме на 31 октомври, без никакви проблеми“.

Премиерот Џонсон затоа ги повика пратениците да не гласаат за, како што изјави, „уште едно бесмислено одложување на Брегзитот“.