Бектеши: Можеме да извезуваме пченица и брашно, залихите ни се добри

Министерот Крешник Бектеши

Владата ќе ја укине забраната за увоз и извоз на пченица и брашно, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши, по состанокот со претставници од мелничко-пекарската индустрија во земјата. Тој појасни дека одлуката се менува поради фактот што нема недостиг на брашно и пченица, а тоа го направиле и земјите од регионот.

„Залихите се во одлична кондиција во земјава и имаме простор да овозможиме компаниите да продолжат да извезуваат и затоа дозволуваме извоз. Немаме проблеми со снабдување со брашно, ниту покачување на цените. Ги заштитивме домаќинствата“, рече Бектеши.

Претседателот на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија, Горан Малишиќ, рече дека се задоволни од договорт.

„Имавме правен проблем со делот на Одлуката да се задржат цените на ниво од пред 11 март во кој вели дека ако цените се зголемуваат за набавки, тогаш да се задржи маржата на заработка како пред 11 март за да има некаква контрола. Во меѓувреме, Србија забрани извоз на брашно во земјава, а дозволен беше увозот на пченица. Србите веднаш искористија прилика и до денеска ја покачија пченицата за 20 евра по тон, а исто и транспортерите го зголемија превозот на околу 10 евра по тон. По ова, ние мелничарите се соочивме зголемување на цената на пченицата и на трошоците за производство на брашно, што доведе до зголемување на цените на брашното од минимум два или три денари по килограм. Продавниците не можеа да го продаваат нашето брашно поради забраната за зголемување на цените. По оваа ситуација реагиравме со барање да се смени Одлуката“, рече Малишиќ.