Амбасадори и плински боци

МАКЕДОНИЈА - Владата е посветена на избор на амбасадори за барем половина од непополнетите амбасадорски позиции, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања. Тој вели дека е стигнато до фаза на консултации со претседателот на државата и министерот за надворешни работи. Приоритет е, вели Заев, да се испрати амбасадор во НАТО.

МАКЕДОНИЈА - Околу 100 војници со навршени 45 години старост на кои им престануваше ангажманот во Армијата, од сега ќе бидат под Министерството за правда, односно под Управата за извршување на санкции во затворската полиција.

МАКЕДОНИЈА - Јавното обвинителство за организиран криминал поднело обвинение против 11 луѓе, меѓу кои и против поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

МАКЕДОНИЈА - Патници кои се возеле во автобусот на Дурмо Турс, сведочеа на судењето за автобуската трагедија кај Ласкарци, во која загинаа 16 луѓе, а 37 беа потешко повредени.

САД - Американскиот дипломат Филип Рикер, во интервју за Слободна Европа, го критикуваше погледот што го имаат некои лидери во ЕУ, откако Северна Македонија и Албанија не добија датум за преговори со ЕУ.

ПАКИСТАН - Најмалку 65 луѓе загинале во централната пакистанска провинција Пенџаб во пожар кој избувнал во еден патнички воз, соопштија локалните власти. Пожарот бил предизвикан од плинска боца во момент кога еден патник подготвувал појадок.

АЛБАНИЈА - Пред секои избори додека Албанија не стане членка на ЕУ да се формира преодна влада, која ќе гарантира фер и слободни избори, предлага лидерот на најголемата албанска политичка сила, Демократската партија, Љуљзим Баша.

АВГАНИСТАН - Од почетокот на годинава над 400 илјади Авганистанци се вратиле во земјата од Иран и од Пакистан, соопшти Меѓународната организација за миграција (ИОМ). Во извештајот се наведува дека околу 385 илјади Авганистанци биле вратени од Иран, при што нешто повеќе од половина биле принудени да заминат под наредби за депортација.

СЕВЕРНА КОРЕЈА - Северна Кореја истрелала две ракети кон Јапонското Море, соопштија властите на Јужна Кореја и на Јапонија.

ПАКИСТАН - Илјадници демонстранти маршираа кон главниот град на Пакистан, Исламабад со барање премиерот Имран Кан и неговата влада да си дадат оставка.