Јаневска: Нема да го повлечеме законот за високо образование

илустрација

Министерката за образование Весна Јаневска изјави дека не размислува за повлекување на законот за високо образование и негова доработка. Таа најави дека работната група која го подготвува че се сретне уште еднаш, а потоа ќе биде пуштен во владина постапка. На професорите кои бараат повлекување на законот, министерката им порача дека имаат две можности.

„Мала група професори бараат повлекување на законот. Претпоставувам дека тоа е од страв дека во иднина нема да можат да ги исполнат условите кои законот ги бара. Имаат две можности. Значи, првата можност им е сериозно да се фатат за работа. Втората можност е да останат во истото звање подолго време, па потоа, кога ќе бидат спремни, да одат во следното звање. Од тука ништо не губат, туку со одредено темпо, побрзо или побавно, ќе стигнат до целта“, изјави министерката.

Таа додаде дека многу од забелешките кои биле добиени за законот и за кои се сметало дека се конструктивни се прифатени и веќе се внесуваат во текстот на законот. За некои од забелешките, како што се оние за отчетноста на универзитетите кон државата или ингеренциите на националниот совет, работната група смета дека се неоправдани.

„Бројни корекции се направени. Искрено се надевам дека сите ќе бидат задоволни“, рече министерката Јаневска.

Видете и ова: Закон за високо образование: Борба меѓу универзитетската автономија и политички агенди

Надлежните велат дека Законот за високо образование се менува со цел да се подобри и да ги донесе македонските универзитети на Шангајската листа.

Освен група професори, повлекување на законот побара и опозицијата, која тврди дека законот премногу се фокусира на административни процедури и ја централизира контролата, наместо да ги решава суштинските проблеми како недоволното финансирање, одливот на млади кадри и слабата поврзаност со пазарот на труд.

Видете и ова: Опозицијата бара повлекување на законот за високо образование, Јаневска вели дебатата продолжува

Дел од професорите и од државните и од приватните универзитети, аргументираат дека предложениот закон за високо образование нема да донесе квалитет, наспроти очекувањата на власта. Тие посочуваат дека новиот закон формално ја признава автономијата, но ја зголемува административната регулација, па така се создава систем во кој автономијата постои во декларативна форма, но во практиката се ограничува преку бројни процедури, согласности и централни одлуки.

Законот меѓудругото, предвидува универзитетите и високите стручни школи за својот статус да добиваат согласност од Собранието, но по претходно позитивно мислење од Владата.