Учебници на парче - новите доаѓаат дел по дел, некои од старите се распаѓаат

Искинат учебник по Историја

Некои ученици имаат учебници уште од крајот на минатата година, но велат, исто како да ги немаат сите , бидејќи повеќето се распаѓаат. Други уште чекаат учебници. Од Министерството за образование и наука (МОН) порачуваат дека училиштата треба да ги пријават оштетените за да се испечатат нови.

Третоодделенците во основно училиште во скопска Кисела Вода уште немаат добиено ниту еден учебник, иако првата седмица од новата учебна година завршува денеска.

На родителската средба наставничките рекле дека колку што се информирани родителите преку медиумите, толку знаат и самите тие. Додека да стигнат учебниците ќе се снаоѓаат со работни материјали за на час, вели татко на ученичка во ова училиште.

За разлика од нив, осмоодделенците во училиште во Карпош речиси сите учебници ги добиле уште на крајот на минатата учебна година. Чекаат уште по некој учебник кој сѐ уште го немаат вратено сега деветтоодделенците. Но, половина од добиените учебници исто како да ги немаат, бидејќи се „партал“, се жалат родителите.

Учебник за осмо одделение

„Три учебници беа комплетно со сите страници извадени и не постои опција никако да се спојат, па веројатно ќе треба да ги печатиме. Другите беа со искчртани страници и искинати корици, но внатре беа малку поздрави. Други родители велат дека речиси сите учебници на нивните деца се во многу лоша состојба“, вели скопјанката Симона, мајка на основец во училиште во Карпош.

Оштетен учебник по Физика

Според неа, би требало да се закаже дополнителна родителска само за оваа тема, иако ланското искуство покажало дека родителите залудно се бунат.

„Лани јас пробав да реагирам, но не добив никаков одговор. Проблемот се стави „под чергиче“ и се продолжи така. Требаше да бидеме среќни дека воопшто имаме учебници, бидејќи имаше паралелки кои немаат. Два учебника ги испечативме сами“, додава мајката.

Учебник по Биологија

Освен основците, проблем со учебниците имаат и средношколците. Некои веќе се пожалиле за нивната состојба кај младинските амбасадори на Сојузот на средношколци.

„Од досегашните информации што ги имаме добиено од нашите амбасадори и соученици, на учениците кои следат настава во општите гимназии им се обезбедиле сите учебници, но учениците во стручните струки, не ги имаат добиено сите. Исто така, учебниците кои ги имаат добиено се во многу лоша состојба“, велат од Сојузот на средношколци за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Учебник по историја за средно образование

Средношколка од скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ за РСЕ раскажа дека кај нив учебниците се делеле на принципот „прв дојден-прв услужен“. Бидејќи седела во прва клупа, можела меѓу првите да си избере комплет учебници, а за оние во последните клупи останале оние со повеќе оштетени примероци. Меѓу нејзините учебници за кои ѝ се посреќило да бидат во прилично добра состојба бидејќи бирала прва, сепак го има и распаднатиот учебник по Историја кој можете да го видите на фотографијата.

Делови од учебникот по Историја

Ваквата беше сликата и минатата година ова време. Потоа, некои учеа од оштетени учебници, а други немаа ни такви, па чекаа да добијат со месеци. Иако министерот за образование и наука Јетон Шаќири неколку пати ветуваше дека ќе се реши проблемот со учебниците, учениците во основно, но и во средно образование цела година следеа дел од предметите без учебници. Некои добија учебник по одредени предмети дури на крајот на учебната година.

Средношколци ги покажаа парталавите учебници пред камерата на РСЕ и се пожалија дека едвај три учебници од цел комплет се во добра состојба.

„Јас имам учебник од кој изгледа само во второ полугодие ќе треба да учам. Од 141-ва страница почнува. Така што, топ! Ќе одмарам во прво полугодие“, изјави тогаш средношколката Теодора Томашевска.

За време на Неделното интервју со Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, снимено на крајот на минатиот септември, колешката Зорана Гаџовска Спасовска му покажа дел од распаднатите учебници на министерот и праша: „Зошто учениците учат од вакви учебници?“ Во видеото подолу погледнете го неговиот одговор.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Зошто се учи од парталави учебници?

Што велат од МОН oваа година?

Доколку некој од постојните учебници е многу оштетен, тогаш ученикот кој го добил, треба да се обрати до училишната комисија за учебници со цел да му биде заменет, велат од МОН.

„Учебниците се печатат во тираж кој пред почетокот на учебната година, секое училиште го пријавува преку посебна електронска апликација на МОН, зависно од потребите (зголемен број на ученици, оштетени учебници и слично). Во целосен тираж се печатат нови учебници од прво до трето одделение, бидејќи истите имаат еднократна употреба, односно се пополнуваат содржини со боење, сечење, лепење. За останатите одделенија, по закон учебниците имаат важност од 5 години, но доколку некој е оштетен и не може да се користи, училиштето треба да пријави во МОН и ќе биде испечатен нов примерок“, додаваат од Министерството.

Во нивниот одговор стои и дека учебниците за основно образование кои се одобрени од Националната комисија за учебници се испечатени и дистрибуирани до училиштата. Останатите ќе се печатат и испорачуваат веднаш откако ќе биде донесена позитивна одлука за нивно користење, а тоа се во најголем дел учебници за шесто одделение.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) на седницата одржана на 5 септември одлучи да поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против МОН поради недостигот на учебници во основното образование.

Видете и ова: Тужба против МОН поради недостиг на учебници во основното образование

Во образложението се вели дека одлуката е донесена поради повреда на правото на еднаков пристап до квалитетно образование на поголема група ученици од основното образование, извршена со необезбедување учебници по секој предмет и на сите јазици на кои се изведува наставата во задолжителното деветгодишно образование.

Учебната 2022/2023 почна со речиси 75 илјади привремени учебници за учениците од прво, второ, четврто и петто одделение бидејќи тогаш не беа готови нивните нови учебници. За привремените материјали, МОН потроши 640 илјади евра, пари добиени како заем од Светската банка.