Судија од Апелациониот суд во Скопје е осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот“ во истрага што ја води Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Станува збор за судија по потекло од Неготино, каде на 18 јануари надлежните вршеле претрес и пронашле пари скриени во ѕид.
„Во домот на родителите на сега осомничениот судија, соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени“, соопшти ОЈО ГОКК доцна вечерта на 18 јануари.
Обвинителството најави дека „претресите и другите истражни дејствија продолжуваат“.
Истите информации ги објавија и од Министерството за внатрешни работи од каде во истрагата се вклучени припадници на Одделот за борба против организираниот криминал.
„Станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава до сега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност“, наведе МВР.
Повеќето медиуми објавија дека осомничениот судија е Ѓоко Ристов што надлежните не го демантираа.
Видете и ова: Интерпелации во судството: тенка граница помеѓу контрола и влијаниеРистов, како што е наведено во неговата биографија, е избран за Апелационен судија во Скопје во февруари 2020 година. Тој постапува во предмети од кривичниот оддел.
Засега нема информации дека тој бил приведен во рамки на акцијата. Од ОЈО ГОКК наведоа дека се продолжува со постапувањето и јавен обвинител „деновиве ќе процени во однос на мерки за обезбедување присуство на осомничениот“.
Во случај да биде барана најстрога мерка – притвор, за тоа ќе треба „амин“ да даде и Судскиот совет со оглед дека тој како судија ужива имунитет.
Што претходеше на акцијата?
Оваа акција, како што појасни и обвинителството, претставува проширување на истрагата што беше отворена на 14 декември, а во која е осомничен адвокат за „примање награда за противзаконито влијание“.
Авокатот, според тврдењето на ОЈО ГОКК, примил 50.000 евра од осомничено лице за да посредува и „да го искористи своето реално влијание и да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје“.
„Првично, осомничениот [адвокатот] побарал 100.000 евра за да влијае за укинување на мерка притвор определена кон лице кое е недостапно на органите на прогонот и против кого ОЈО ГОКК води друга постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството. На 06.10.2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство“, објави обвинителството опишувајќи го земањето пари од страна на адвокатот.
Потоа на 13 декември, според доказите на ОЈО ГОКК, адвокатот директно побарал и примил уште 20.000 евра како дел од поткупот што го барал за да го даде на судијата.
Непосредно по примањето на парите тој беше уапсен.
Поради опасноста од бегство и вршење на нови кривични дела, но и да влијание врз истрагата, обвинителството бараше, а судот одреди 30-дневен притвор за адвокатот.
Како што е познато во јавноста, осомничениот адвокат е Фехми Стафа. Стафа е поранешен државен правобранител – функција што ја извршуваше од август 2018 до август 2022.
Државниот правобранител е институција задолжена за правна заштита на државата и нејзините имотно-правни интереси. Стафа си поднесе неотповиклива оставка од „лични причини“ истиот ден кога тогашната Влада донесе одлука да го разреши.
Видете и ова: Екс државен правобранител и шефот на кабинетот на Гаши во трка за ОмбудсманЗа време на мандатот во Државното правобранителство, името на Стафа најчесто се споменуваше во рамки на судскиот случај „Труст“ односно за начинот на кој правобранителството постапувало во однос на конфискацијата на имотот.
Стануваше збор за имот на компанија „Трансмет“ на бизнисменот Сеад Кочан кој беше осуден во предметот „Труст“ што го отвори поранешното Специјално јавно обвинителство, а беше поврзан со незаконско добивање тендер за ископ на јаглен во РЕК Битола.
Државното правобранителство, Управата за финансиска полиција и обвинителите меѓусебно се обвинуваа кој е виновен што не можеше да му се конфискува имотот на „Трансмет“.
По заминувањето од Државното правобранителство Стафа стана адвокат, а во јули 2025 конкурираше и на огласот за избор за нов Народен правобранител на Северна Македонија.