Парите во ѕидот во домот на родителите на осомничениот апелациски судија Ѓоко Ристов за висока корупција, биле најдени при вториот обид, откако првиот претрес на три локации бил неуспешен.
„При првиот обид не беше пронајдено ништо. Во таква ситуација малку се разочарувате. Со макотрпна работа, отидовме поспремни, со техничка опрема. Ќе стане сомнително кога ќе најдете нешто, ќе забележите цемент кој е потазе од другите, а претходно кога сте прашале дали правеле нешто ново дома ви рекле – ’не, не сме правеле‘“, посочува обвинителката Искра Хаџи Василева од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) што ја води истрагата.
Но, не се само цементот, различно залепената плочка и другите што се поткршиле кога се правел бункерот во ѕид во кујната, туку и собрани „оперативни сознанија“ биле причината обвинителството да реши уште еднаш да го претресе домот на родителите на судијата во Неготино.
Судијата Ристов е осомничен за кривичните дела „противправно стекнување и прикривање имот“ и „перење пари“. Од вчера тој е во куќен притвор, а обвинителството го гони бидејќи смета дека нема поткрепа за тоа како се стекнати парите.
Видете и ова: Најдени 350.000 евра во ѕид, под истрага е судијаОдбраната на судијата тврди дека парите не се негови туку на неговите родители и биле собрани од занимавање со земјоделие, во главно со лозје. Но, обвинителството не верува во тоа.
И МВР со кривичната пријава го товари Ристов дека откако бил избран за судија во Апелацискиот суд Скопје на почетокот на 2020 до денес, дал лажни податоци за својот и имотот на неговото семејство кој, според полицијата, „во големи размери ги надминува неговите законски приходи“.
Охрабрување за откривање нови случаи?
Откривањето на овој комплексен случај во ОЈО ГОКК се надеваат дека ќе биде охрабрување да се пријават и други случаи со висока корупција.
„Сакаме да ги охрабриме луѓето да пријавуваат. Кога е кредибилна пријавата, да видат дека ние ќе постапуваме, никој нема да биде заштитен“, рече на брифинг со новинарите шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази.
А, како конкретно се дојде до сега осомничениот судија?
„Истрагата тргна од пријавени наводи за судии во Апелација. Случувањата беа форма на мозаик“, вели Хаџи Василева објаснувајќи како ги склопувале камчињата за да дојдат до конкретен случај.
Контурите околу Ристов се исцртале со откривањето на адвокатот Фехми Стафа, кој е поранешен државен правобранител на Северна Македонија во периодот од август 2018 до август 2022. Тој повеќе од еден месец е во притвор откако прв се најде на листата осомничени бидејќи, според обвинителите, примил 50.000 евра од осомничено лице за да посредува и „да го искористи своето реално влијание и да интервенира кај судија во Апелациониот суд Скопје“.
Тој барал вкупно 100.000 евра, а половина од оваа сума според тврдењата од истрагата му биле исплатени. Прво 30.000 евра на 6 октомври, а 20.000 на 13 декември кога непосредно по примањето на парите беше уапсен.
Обвинетото лице од кое се барале парите е Љупчо Пецов – Ѓаволот, опфатен во предметот „Синџир“. Во овој предмет опфатени се над триесетина физички и правни лица, а сè се однесува на даночно затајување од околу 8 милиони евра. Во моментов Пецов се наоѓа во куќен притвор.
„Има и други сведочења, ќе видиме што ќе донесе и натаму истрагата“, посочува обвинителката.
Видете и ова: Kуќен притвор за осомничениот судија за откриените „соѕидани“ 350.000 евраОд каде се 350.000 евра?
Сепак, обвинителстите посочуваат дека не може да тврдат дали и од кои конкретни предмети судијата Ристов ги собрал како награта 350.000 евра најдени во домот во Неготино.
„Тешко е да обезбедите директен доказ особено за поткупите. Секогаш има посредници, многу обрачи на заштита на примачот“, посочува Хаџи Василева.
Она што е јасно за ОЈО ГОКК, е дека парите се непријавени и, како што тврдат, судијата не можел да ги стекне со својата редовна плата. Исто така, не веруваат и дека се на неговите родители.
Детали како тие биле спакувани објави и Министерството за внатрешни работи.
„На првиот кат, поточно во кујнската просторија, биле забележани сомнителни околности за изведување на градежни активности (корекција на ѕидните плочки), по што при отстранување на една ѕидна керамичка плочка, забележана е дупка во која се наоѓале алуминиумски ролни во форма на цилиндер, спакувани во поединечни 13 пакувања“, наведе МВР.
Парите биле во апоени од по 500 евра – 610 банкноти и од 200 евра – 225 банкноти.
Здружението на судии се огради од корумпираните судии
Ристов кој од вчера (20 јануари) издржува мерка притвор, преку неговите адвокати најави жалба за да бара укинување. Обвинителството смета ваквата мерка е фер и балансирана, додека одбраната најави жалби.
Додека тече рокот за жалби, Здружението на судии излезе со реакција во која „јасно и недвосмислено се оградува од секој корумпиран судија“ што ги нарушува угледот и интегритетот на судскиот систем.
„Очекуваме надлежните органи да спроведат темелна, прецизна и транспарентна истрага, во која ќе се утврдат сите релевантни факти и околности, како и евентуалната инволвираност на други лица, доколку таква постои“, реагираа од Здружението барајќи да се почитува угледот на чесните судии, но и пресумцијната на невиност.
Видете и ова: Екс државен правобранител и шефот на кабинетот на Гаши во трка за ОмбудсманСепак, судиите во реакцијата бараат и принципиелниот и одговорен пристап да биде применет и кон сите други општествени чинители и функционери склони кон корупцијата.
Ристов пред да биде избран за апелациски судија на почетокот на 2020 година, судеше во Основниот кривичен суд во Скопје.
Адвокатот Стафа, пак, пред да биде адвокат функцијата државен правобранител на Северна Македонија ја извршуваше во периодот од август 2018 до август 2022.
Од прв човек на институција задолжена за правна заштита на државата и нејзините имотно-правни интереси тој си поднесе неотповиклива оставка од „лични причини“ истиот ден кога тогашната Влада донесе одлука да го разреши.
По заминувањето од Државното правобранителство Стафа стана адвокат, а во јули 2025 конкурираше и на огласот за избор за нов Народен правобранител на Северна Македонија.