Меѓу празничната еуфорија и трошоците: Петтина од населението во сиромаштија

Фотоархива.

Додека бројките покажуваат дека секој петти граѓанин живее во сиромаштија, граѓанскиот сектор предупредува дека 40 отсто од населението е во ризик од сиромаштија. Синдикатите бараат повисок минималец, но дали тоа е доволно?

„Прескапо е. Со две деца и со две просечни плати, шанси нема да се истуркаат две недели, не па цел месец“, вели скопјанката Даница, мајка на две малолетни деца, коментирајќи ги трошоците што како семејство во пресрет на новогодишните празници.

Без дополнителна работа, како што има и таа, вели, тешко дека ќе може да се издржи.

„Посебно претпразнично, имаш дополнителни трошоци, не само за храна туку и за активностите на децата во школите, како лотариите или „Сикрет санта“, кога треба да купиш новогодишни пакетчиња на децата во фамилијата. И пакетчињата сериозно добро се поскапени“, коментира Даница.

Сепак, со приходите што ги имаат со сопругот, нејзиното семејство не живее во сиромаштија. Но, тоа не е случај за една петтина од населението во Северна Македонија.

Стапката на сиромашни лица во земјава изнесува 21,9%, покажаа податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) кој ги објави лаекенските индикатори за сиромаштија за 2024 година.

Од Македонската платформа против сиромаштијата (МППС), не се оптимисти дека бројките ќе бидат многу подобри и за 2025 ако се погледне трендот од изминатите години.

„Се гледа дека процентите се менуваат само минимално, но суштински ништо не се менува. Ниту една од целните групи не ја менува својата состојба – детската сиромаштија, многудетните семејства и самохраните родители сè уште се на дното“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) претседателката на Платформата, Билјана Дуковска.

Видете и ова: Инвестициите во семејните политики недоволни: Растењето деца сѐ поскапо

Според податоците на Статистика, најпогодени се семејствата со двајца возрасни и три или повеќе деца – дури 54,8% од нив живеат во сиромаштија.

„Точно е, но исто така точно е дека таков е случајот насекаде во свет. Не е специјално кај нас во Македонија, но ние како Влада работиме да ја подобриме состојбата кај семејствата кои се многудетни и апсолутно дел од тие програми почнуваме да ги спроведуваме, а дел во периодот што следи“, искоментира премиерот Христијан Мицкоски на 29 ноември.

За податокот од 21,9 од населението што живее во сиромаштија, пак, тој нагласи дека од 2020 – кога беше 23%, досега, е најдобар.

Семејства во ризик од сиромаштија

Додека Државниот завод за статистика ги објавува податоците за населението што е под линијата на сиромаштијата, она што не го гледа статистиката се луѓето кои се над таа линија ама се во ризик од сиромаштија, вели Дуковска од МППС.

Како што посочува таа, овој процент е поголем и се движи околу 40 отсто.

„Тоа се сите оние луѓе кај кои имаме социјални трансфери и кај кои секое мало поместување на трошоците има големо влијание врз квалитетот на животот. Она што порано беше средна класа веќе не постои, сега се луѓе во ризик од сиромаштија кои го намалуваат квалитетот на живот во смисла на купување само основни лекови, основна храна, минимално затоплување, намалување на се што значи социјални и културни активности, намалување на квалитет на обувки и облека“, вели Дуковска.

Во Северна Македонија, според минималната потрошувачка кошничка што ја објавува Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на едно четиричлено семејство му се потребни 65.492 денари за да го „истурка“ декември.

Просечната плата во државата е речиси 46 илјади денари, а минималната нешто повеќе од 24 илјади.

ССМ изминатиот период бараше таа да се зголеми на 30 илјади, сума под која, според синдикатите, се платите на близу 170.000 лица или 33% од вработените.

„Никој не нè праша кога ги зголемуваа цените на основните прехранбени производи, цените на електричната енергија – која еве како честитка за Нова година ја добивме, цената на нафтата и на гасот итн. Нас не нè викаат да не консултираат кога ги зголемуваат цените и затоа бараме зголемување на минималната плата“, рече претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во интервју за РСЕ, најавувајќи протести и штрајкови на почетокот на 2026 доколку нема зголемување.

Видете и ова: Трендафилов: Срамно е да се фалите со покачување на минималецот за 1.500 денари

Засега договор со работодавците и Владата нема.

Власта остава синдикатите и газдите да се договорите, но уверува дека „сме подобри од останатите“ ако се земат предвид потрошувачките кошнички дома и во Европа односно куповната моќ.

„Евростат има објавено колкава е куповната моќ на минималната плата, анализирани се 27 земји во Европа кои имаат имплементирано минимална плата, ние се наоѓаме на средината и сме далеку поконкурентни да речеме од Бугарија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија“, рече премиерот Мицкоски на 29 декември.

Кога е во прашање противењето на бизнис секторот, дел од аргументите се дека треба да се зголеми продуктивноста на работниците, но и оти покачувањето ќе повлече зголемување и на останатите плати – нешто кое тие не може да си го дозволат.

Доколку не се постигне договор, во март минималецот ќе има редовно покачување кое според законската формула ќе биде помеѓу 1.500 до 2.000 денари.

План и комуникација за искоренување на сиромаштијата

Но, минималната плата не е единственото нешто на кое треба да се фокусира дебата кога е во прашање сиромаштијата на населението, потенцира Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија.

Според неа, клучно е да има отворена комуникација и креирање на интегриран план за намалување на сиромаштијата.

„Не можете да зборувате само за минимална плата кога расте цената на струјата или само за социјална помош кога енормно се зголемуваат кириите во Скопје. Интегрираниот пристап значи комуникација и заедничко правење документи. Кај нас не се случува ништо, Владата и синдикатот не може да се договорат, а не граѓанскиот сектор да биде вклучен во целата приказна“, вели Дуковска.

Таа посочува дека во земјата нема ниту еден документ поврзан со сиромаштијата, додека на европско ниво веќе цела година се подготвува интегрирана стратегија. Кај нас, вели, од 2020 немаме ниту муабет за тоа.

Според податоците што ги објави ДЗС за сиромаштијата, по семејствата со три или повеќе деца, најпогодени се самохраните родители од кои 45,8% живеат во сиромаштија. Потоа се самечките домаќинства – со по еден член помлад од 65 години, од кои 28,8% живеат во сиромаштија.

Видете и ова: Секое трето дете во Северна Македонија живее во сиромаштија

Според возраста, пак, од децата од 01-7 години дури 29,5% живеат во сиромаштија, додека од останатите во сиромаштија се 20%.

Прагот за сиромаштија за едно четиричлено семејство – двајца возрасни и две деца под 14 години, е поставен на годишен еквивалентен приход до 374.400 денари или месечен до 31.200. Прагот за самци е до 178,286 денари годишно или месечен приход од 14.857 денари.

Пресметките за лаекенските индикатори за сиромаштија Државниот завод за статистка ги прави врз основа на податоците од анкета за приходите и условите за живеење, која се спроведува во согласност со препораките на Европската Унија.