Кога судија удира по џебот и по слободата на новинарите

Лиридона Вејсели, новинарка

Резиме

  • Вкупно три парични казни ѝ изрекле судии на новинарката Лиридона Вејсели од Тетово поврзани со „злоупотреба на лични податоци“ затоа што објавила имиња на судии и на една докторка.
  • Последниот случај, во кој е тужена од судијата Назиф Илјази, предизвика осуда од јавноста, а таа за РСЕ вели дека постојано се соочува со притисоци.
  • Здружението на новинари оцени дека е „апсурдно објавувањето на името и презимето на еден судија, да се третира како повреда на приватноста“.
  • Судскиот совет сѐ уште нема никаква одлука, велат дека го следат постапувањето по овој предмет.

Веќе две години, новинарката Лиридона Вејсели е принудена да оди во судовите во Тетово и Гостивар затоа што добива тужби од судии заради злоупотреба на лични податоци во нејзините новинарски известувања. Вејсели која известува за судските предмети од јавен интерес, деновиве и самата се најде во медиумските извештаи откако беше казнета со 700 евра бидејќи во своја објава споменала име на судија од Основниот суд во Тетово.

Вејсели поднела жалба до Апелација и додека очекува ослободување од обвинението, за Радио Слободна Европа, вели дека целиот процес наликува на „пинг-понг“ игра.

„Основното јавно обвинителство во Тетово првично побара да се повлече предметот и го испрати во Обвинителството во Гостивар, но Обвинителството во Гостивар се повлече и го врати предметот назад во Тетово. Потоа, Обвинителството во Тетово ја поднесе обвинителната постапка, по што судијката Магдалена Мишоска од Основниот суд во Гостивар ми изрече парична казна од 700 евра. Тука јасно се гледа обид за мое казнување“, вели Вејсели за РСЕ.

Која е спорната објава?

Казната за Вејсели, уредничката на порталот „Па Ценсуре“, следува откако обработила тема за случај во кој, возрасен маж на малолетничка ѝ праќал порнографски материјали со закани дека ќе објави нејзини лични податоци и фотографии.

Иако тој веднаш бил одведен во притвор, со пресудата на судијата Назиф Илјази добил само три месеци затворска казна.

Видете и ова: Новинарството под притисок: ниски плати, слаба заштита и еродирана доверба

Според писменото образложение на пресудата од судијката Мишоска пак, новинарските текстови на Вејсели, во кои се споменуваат неговото име и презиме, пишува дека „му штетат на честа и угледот во неговата професионална дејност од безмалку четири децении“.

Односно, таа е обвинета за „злоупотреба на лични податоци“ од член 149 став 1 од Кривичниот законик.

Иако името на овој судија е објавено во десетици медиуми кои го следат случајот, новинарката Вејсели е единствената казнета. Таа смета дека има ризик по нејзината безбедност.

„Ги истражувам и известувам за сериозните и чудни пропусти, дискутабилни пресуди. Ја следам работата на судиите кои ги условуваат странките и секогаш се соочувам со голем притисок – телефонски повици, повикувања во полиција бидејќи веднаш се отвора предмет против мене“, посочува Вејсели за Радио Слободна Европа.

И Судскиот совет го следи предметот

РСЕ побара став од Судскиот совет, за случајот со новинарката Вејсели но на прашањето пристигна само кус одговор.

-Судскиот совет на Република Северна Македонија редовно ја следи работата на сите судови, вклучувајќи го и постапувањето по конкретниот предмет во кој постапката е во тек и не е правосилно завршена – се вели во одговорот од Судскиот совет .

Реакции од новинарските асоцијации

Во меѓувреме, на Вејсели ѝ беше понудена правна помош од Здружението на новинари на Македонија, чиј извршен директор Драган Секуловски, за РСЕ вели дека ќе ја следат жалбената постапка.

„Практично, тоа значи континуирана комуникација со назначените јавни обвинители контакт-точки за предмети поврзани со безбедноста на новинарите, како и мониторинг на предметот преку присуство на рочишта (каде што е применливо) и редовна комуникација со надлежните институции“, објаснува Секуловски.

Тој вели дека ваквиот судски случај испраќа „загрижувачка порака и создава таканаречен ефект на ладење, односно ризик од автоцензура и демотивирање од известување за прашања од јавен интерес“.

„Според оценката на стручните правни лица со кои соработуваме, предметот има елементи на SLAPP, односно злоупотреба на судски постапки со цел да се заплаши и обесхрабри критичко известување. Особено е проблематично и поопасно кога вакви дејствија се иницираат од лица внатре во правосудниот сектор, бидејќи тоа ја засилува перцепцијата на институционален притисок врз слободата на изразување и ја поткопува безбедноста на новинарите“, заклучува Секуловски.

Видете и ова: Регистар за портали ќе има, но без правила за изборни реклами?

Со сличен став излезе и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) од каде истакнаа дека „ваквата одлука испраќа негативна порака во однос на слободата на изразување и медиумските слободи“.

Сите релевантни чинители треба активно да придонесат кон обезбедување услови за непречено остварување на слободата на изразување и информирање, како и за заштита на новинарите и медиумските слободи – се вели во писмената реакција од ААВМУ.

Мицкоски: Слободата на говор е над сè

Премиерот Христијан Мицкоски го осуди овој случај и смета дека е ограничување на слободата на говор, а како што рече, таа е пред сè и над сè.

„Јас не можам од судијата да побарам одговорност, бидејќи не сум тој кој именува судии, таму има Судски совет. Но, најостро ги осудувам ваквиот тип на ограничување на слободата на говорот. Апелирам тоа да не се повторува во иднина, без разлика дали е од страна на некој политичар, некоја јавна личност, судија во случајот, бидејќи тоа може да се толкува како ограничување на слободата на говор“, рече Мицкоски.

Но, ова не е прв случај во кој новинарката Вејсели е казнета со парична казна за ова кривично дело.

Лани таа добила казна од сто илјади денари, поради споменувањето на името на судијата Африм Јакупи од Апелациониот суд Гостивар.

Разликата меѓу тој и неодамнешниот случај со името на Илјази, е тоа што името на Јакупи не го споменува самата новинарка, туку нејзиниот соговорник кој ја добил истата парична казна.

Во тужбата од судијата Јакупи, е наведено дека Вејсели и другото лице кое исто така е тужено, во видео запис објавен на социјалните мрежи ТикТок и Фејсбук, се „изнесени клевети и невистинити тврдења кои се штетни за угледот и честа на тужителот“.

Видете и ова: Отворени податоци со дозвола - транспарентност „на лажичка“

На оваа тужба пак, ѝ претходела и друга од 2023 година, кога за истото кривично дело, Вејсели е обвинета по тужба од докторка од Болницата во Тетово.

-Го спомнав името на една лекарка која не го прегледала пациентот во ноќната смена, за што постои и официјална одлука од Тетовската болница, со која истата лекарка е казнета со намалување од 20% од последната плата поради „недавање медицинска помош“ – раскажува Вејсели за РСЕ, додавајќи дека во овој случај казната изнесувала 800 евра.

Новинарката вели дека овие случаи создаваат лоша клима за работа на новинарите, а тоа ја прави професијата неатрактивна за младите. Токму поради тоа, додава таа, на Катедрата за новинарство при Државниот универзитет во Тетово каде предава, сега има само еден студент кој ги следи предавањата во прва година.

Што покажуваат меѓународните извештаи?

Според Индексот за слобода на медиумите на организацијата Репортери без граници, Северна Македонија се наоѓа на 42-то место. Односно, во 2025 година е забележан пад од шест места во споредба со претходната.

Сепак, Репортери без граници ја оцени состојбата со медиумската слобода во земјава како „задоволителна“.

„Иако новинарите не работат во непријателска средина, широко распространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за намалување на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Исто така, владините претставници имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, се наведува во општата оценка за Македонија.

Во последниот извештај кој го објави лани во ноември, Европската комисија оцени дека Северна Македонија постигнала „помеѓу одредено ниво на подготвеност и умерено ниво на подготвеност за слободата на изразување“.

Според ЕК, Северна Македонија постигнала ограничен напредок во оваа област, но иако „обезбедила соодветни правни гаранции за слободата на изразување, треба да се подобри поволната средина за слободно, независно и професионално работење на медиумите“.