Само 8 проценти од Ромките во Северна Македонија се вработени

илустрација

Само 8 проценти од Ромките се вработени, а повеќето од нив се соочуваат со дискриминација на работното место, покажува Извештајот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) за периодот 2022-2024 година.

„Ромките често работата во неформалниот сектор, без социјална и здравствена заштита и со ограничен пристап до мерки за вработување. Овие податоци потврдуваат дека дискриминацијата кон Ромките не е само родова или етничка, туку е меѓусебно испреплетена и со сиромаштијата и со ниското образование. Иако во последно време има одредени позитивни резултати, сепак, имаме 25 проценти од Ромките кои се соочуваат со дискриминација во пристапот при вработување“, изјави на денешната прес-конференција членот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Зекир Абдулов.

Тој додаде дека Ромките се соочуваат со сериозно структурно исклучување од пазарот на трудот, за што зборуваат и податоците од Извештајот. Ако според последниот попис од 2021 Ромите се 2,53 проценти од населението, податоците за 2023 покажуваат дека општата стапка на невработеност изнесува 13 проценти, денес околу 11,5 отсто, додека кај Ромките достинува околу 67 отсто.

Видете и ова: Шеесет проценти од ромското население во Битола не дозавршило основно училиште

Од Извештајот се забележува дека и покрај високата стапка на дискриминација кон жената Ромка, особено при вработувањето, сепак бројот на поднесени претставки од заштита од дискриминација е многу низок. Само три жени Ромки поднеле претставки за дискриминација на работно место при вработување иако имало скоро 40 отсто од новоотворените 407 случаи се однесувале на дискриминација.

„И покрај одредениот напредок, реалноста покажува дека жените Ромки и натаму се сооочуваат со дискриминација, родово-базиорано насилство, нееднаква застапеност во раководните позиции како економска нееднаквост. Упатувам силна порака до носителите на одлуки и спроведувачите на истите да обезбедат политики засновани на еднаквост, повик до работодавачите да гарантираат еднакви можности и услови за работа и повик до секој поединец и секој пеодинец да придонесе кон ослободување од стереотипи, предрасуди и заштита од секаков вид насилсство кон жената“, заклучи Абдулов.

Членовите на Комисијата заклучија дека дикриминацијата врз Ромките во областа на вработувањето е структурен и повеќеслоен проблем. Според нив решението за овој проблем бара заедничко постапување на КСЗД, Народниот правобранител, судовите, инспекторатите, граѓанските организации и самите заедници.