Во блескаво ТВ студио, мајка плаче на сентиментална музика додека водителката зборува за синот-херој од кој не слушнала една година. „А сега, тој е тука!“, вели водителот, предизвикувајќи воздишки кај публиката и трогателна прегратка на сцената додека излегува пред камерите.
Драматичната ТВ емисија во која учествуваше Евгениј Коробов беше емитувана во декември 2022 година, околу 10 месеци по целосната инвазија на Русија врз Украина.
Коробов сега бара политички азил во Казахстан - од каде што му раскажа на дописникот на РСЕ, Дмитри Новиков, како всушност, се застрелал во ногата за да избега од војна во која не верувал.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Руски офицер си пукал во нога за да избега од војната во Украина
„Не сакам да се борам во оваа војна“, рече тој, зборувајќи од задната соба на едно кафуле во казахстанската престолнина, Астана. „Нема ништо лошо во одбраната на Русија на нејзина сопствена почва ако е нападната. Но, тоа не се случи.“
Коробов служел во 15-та моторизирана стрелачка бригада, која вклучувала повеќе од 2.000 војници и напредувала близу до Киев во првите недели од инвазијата, останувајќи таму до крајот на март 2022 година.
Откако руските сили се повлекле, Украина обвини неколку членови на бригадата за воени злосторства. Коробов вели дека слушнал за обвинувањата, но лично не бил сведок на никакви злосторства.
Видете и ова: Ексклузивно: Нови снимки од масакрот во Буча откриваат како Русите убивале цивили на улицата ЈаблунскаКоробов не негира дека пукајќи кон украинските позиции можеби ранил или убил некого. Но, тој вели дека немал избор.
Во текот на неколкуте месеци додека бил во Украина, тој рекол дека сфатил дека „единствениот излез оттаму е или мртов или ранет“. Тој се одлучил за втората опција и се застрелал во ногата за време на борбена операција.
„Крвта почна да тече. Жешка. Целата чизма ми беше полна со крв“, вели тој.
Коробов е офицер од кариера и дипломиран на воена академија, кој служел и за време на воената интервенција на Русија во Сирија, која започнала во 2015 година во поддршка на тогашниот претседател Башар Ал-Асад.
Тој рече дека не сакал да стане телевизиски актер за инвазијата на Украина, туку дека тоа го наредиле неговите команданти. Во тоа време, тој се опоравувал од самонанесената рана. Државните медиуми го пофалија како „херој на специјалната воена операција“, користејќи го официјалниот еуфемизам на Кремљ за војната.
Телевизиската емисија тврдеше дека Коробов ја спасил својата единица под оган без жртви. Всушност, вели Коробов, неговиот командант многу ја разубавил приказната.
Коробов рече дека дури и кога стапнал на сцената, горда фигура во униформа држејќи огромен куп каранфили, се плашел дека ќе биде вратен во Украина - и знаел дека тоа е судбина што мора да ја избегне.
„Ако ќе бегате, не треба да се криете во Русија. Тоа нема да функционира. Мора да ја напуштите земјата“, рече тој.
Следниот месец, во јануари 2023 година, Коробов отпатувал во Астана и побарал азил. Во септември 2025 година, казахстанските власти официјално го отфрлиле неговото барање, наведувајќи дека нема основа да се верува дека ќе се соочи со прогон во Русија.
Видете и ова: Како Русија регрутира жени од Централна Азија за војната во Украина?На 5 февруари, друг казахстански суд пресуди против него, наведувајќи дека неговото дезертирање од руската војска не е политички чин.
Казахстанскиот активист за човекови права Артур Алхастов, кој му помага на Коробов, рече дека ќе поднесе жалба.
„Битката е изгубена, војната продолжува“, рече тој. „Имаме јасни и недвосмислени докази дека неговото дезертирање не било кукавичлук. Тоа било политички мотивирано. Коробов не ги поддржува политиките на властите. Тој ја смета [инвазијата на Украина] за воено злосторство и одбива да учествува во неа.“
Во Русија е баран за дезертерство. Коробов рече дека не сака да ги открие деталите од своето патување во Казахстан. Додека се бореше за азил, тој рече дека станал уште поубеден дека го направил вистинскиот избор.
„На Русија не ѝ е потребна победа. Ѝ е потребна војна. Сè може да се оправда со војна - апсолутно сè. Постојаната војна е корисна [за властите]. Од првите денови до сега, секој исход може да се претстави како победа. А оние што се незадоволни можат да бидат убиени или затворени. Тоа е стандардна практика во Русија“, рече тој.
Коробов, исто така, имаше порака за рускиот воен персонал кој учествува или е на пат да учествува во војната во Украина.
„Какви и да се вашите верувања сега, режимот ќе се промени. Ќе ви стават нови идеи во главата. И ќе сфатите дека сè во што верувавте, целата приказна што ве испрати во војна, беше лага. Некои луѓе веќе ќе бидат мртви. Тоа не може да се поништи. Но, оние што се живи, сè уште имаат избор. Затоа, ако можете, размислете. Користете ја главата. И излезете оттаму.“
За своите постапки и својата позиција, Коробов се соочува со казна затвор до 15 години според рускиот кривичен закон.