Quarantine - македонско - австралиски краток анимиран филм за глобалниот карантин

Македонско-австралиското „3-Block Studio“ го изработи Quarantine, краток анимиран филм за глобалниот карантин поради пандемијата.

Зад филмот стои петчлена екипа. Приказната е на Јакоб Ниланд, Михаил Наумов, Љубомир Саздовски и Иван Андреевски, кој, исто така, е режисер и потписник на сценариото. Арт дирекцијата и дизајнот се на Наумов и Саздовски, кој е одговорен и за моделирањето и осветлувањето. Монтажата и анимацијата се на Наумов, а Андреевски стои зад саунд дизајнот. Музиката е на Владимир Петковиќ.

„Иако сме навикнати на работа надвор од канцеларија, целата ситуација малку ни ги изремети студиските ангажмани, но за среќа, денес сè што е потребно за ваков начин на работа е компјутер, интернет, добра екипа и малку креативност. Сепак, како и кај повеќето, така и нас, ни се појавија неочекувани промени во ритамот, па ни се отвори простор за експериментирање на наши проекти и оттаму се роди идејата за приказната“, вели Михаил Наумов.

Од студиото велат дека од креативна страна се обиделе да доловат како секој од нас би се справил со ваков застој на секојдневиот ритам во кој живееме, а од техничка страна се обиделе да претстават традиционална техника на анимирање, како Stop Motion.