Тројцата обвинети полициски службеници од Кочани денеска, 3 март пред Судот изјавија дека не се чувствуваат виновни по обвинението што произлегува од постапувањето по контроли поврзани со дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде на 16 март минатата година во пожар загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Како што јави МИА, со читање на обвинителниот акт во Основниот кривичен суд – Скопје денеска започна судскиот процес против тројцата полициски службеници од Полициската станица во Кочани, обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување, во предмет поврзан со извршени контроли во угостителскиот објект „Пулс“.
Според обвинението, во периодот од 7 октомври 2023 до 7 февруари 2024 година, обвинетите Кире Богатинов и Горан Лазаров, како службени лица, не ги извршиле своите службени должности, односно не постапиле во целост по анекс-плановите за акциска контрола од 5 октомври и 24 ноември 2023 година при изготвување записници за извршена контрола.
Во записниците, како што наведе Обвинителството, биле констатирани прекршоци за нарушување на јавниот ред и мир, но биле внесени неточни податоци за правното лице кабаре „Пулс“ во Кочани.
Третообвинетиот Александар Темелков, според обвинителниот акт, при одобрување на барања за поведување прекршочна постапка од 1 и 7 февруари 2024 година, не ја проверил целокупната документација приложена кон барањата, иако бил должен тоа да го стори, туку ги потпишал и ги поднел до судот во Кочани.
Барањата биле изготвени против неактивното правно лице „Класик“ Кочани и физичко лице посочено како одговорно во „Пулс“, иако, според обвинението, тие не биле активни субјекти во моментот на постапувањето.
Видете и ова: Случај „Пулс“: Пиротехника се користела и претходно, имало и контроли, но забавата не била прекинуванаСо ваквите дејствија, тројцата обвинети, според Обвинителството, прибавиле имотна корист за „ММММ Кафе“ ДООЕЛ Кочани, подружница „Кабаре Пулс“, како и за одговорното лице.
Обвинителката во воведното излагање посочи дека анекс-плановите за акциска контрола, предложени како доказ во постапката, прецизно ги утврдувале обврските на полициските службеници, вклучително и прибирање на материјална документација и проверка на податоците за правното и одговорното лице во објектот каде што е констатиран прекршок.
„Во конкретниот случај таква материјална документација не е побарана. Запишано е правно лице кое во моментот било неактивно и одговорно лице кое не било активно, на т.н. подружница на правното лице што стои во позадина“ рече обвинителката.
Во однос на третообвинетиот, таа појасни дека иако имал можност да ја провери состојбата преку приложената документација, вклучително и тековна состојба од Централниот регистар, сепак ги потпишал барањата и ги доставил до судот, каде постапките сè уште се во тек и не е донесена одлука.
Видете и ова: Родителите бараат ОЈО да ги испита сознанијата за притисок врз сведоци од обвинет за „Пулс“Според Обвинителството, доколку била донесена одлука врз основа на таквите барања, казната би се однесувала на неактивно правно лице и лице кое фактички не било одговорно, со што активното правно лице и вистинското одговорно лице би избегнале санкција.
Судењето продолжува на 18 март со испитување сведоци предложени од Обвинителството.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.