Плодни корупциски афери, јалови институционални исходи

Корупциски афери кои ја одбележаа 2023 година, илустрација

Корупцијата во државата долги години беше нарекувана рак-рана на општеството. Но, критичарите на состојбите во земјава во годината што измина и дадоа уште полоша дијагноза, сметајќи дека метастазира во епидемија. Истражните органи отворија предмети за аферите објавени во јавноста, но, епилог нема.

Новогодишната елка и светилките се симбол на празнично расположение низ целиот свет. Но, блесокот од украсувањето во главниот град Скопје падна во сенка на поинаква, потенцијално коруптивна симболика.

„Несреќната елка“ на централниот плоштад, стана предмет на интерес на зајадливи коментари и дома и во регионалните медиуми. Но, и на истражните органи.

Сомнежот за начинот на кој е украсено Скопје без градските власти да распишат јавна набавка е причината за Обвинителството да ја повика Финансиската полиција да испита дали законски се потрошени парите преку соодветна процедура.

Финансиските инспектори влегоа во град Скопје да ја проверат документацијата, а градоначалничката Данела Арсовска во партија шах со Дедо Мраз, зајадливо испрати порака дека го чека исходот од истрагата.

Како што тврди Арсовска, јавен повик сепак е распишан. Според нејзините зборови, украсувањето на Скопје чини 30.000 евра, но, сепак, не ја открива компанијата која е избрана за градот да добие новогодишен лик.

Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, побара оставка од Арсовска и предложи избори за главниот град.

Видете и ова: Секоја партија со „свој лампион“ за Нова Година

Возврати и Арсовска, одговарајќи му дека „разликата е тоа што оваа година парите не ги добила истата фирма до 2022 година – фирма блиска до Шилегов која од бројни тендери испумпувала пари од градската каса“. За ова како што соопшти градоначалничката, подготвени се и соодветни пријави.

„Еуровиа“ виа МНР до внатрешно „украсување“

За два месеца, ова беше втор случај на сомнителни договори за уредување на простор. Град Скопје за новогодишната разгледница за градот, а претходно тоа беше случај и со Министерството за надворешни работи со договорот за адаптација на внатрешноста на салата Борис Трајковски за одржување на Конференцијата на Министерскиот совет во рамки на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ.

Тендерот вреден 1,8 милиони евра го доби компанијата „Еуровиа“ во сопственост на Ељмедин Адеми, кој е внук на поранешниот министер за образование од редовите на ДУИ, Амдулаќим Адеми.

Министерот Османи, тврдеше дека не знаел оти фирмата донирала за неговата партија и дека за тоа дознал од медиумите. Османи рече и дека не бил среќен кога дознал дека истата фирма е прворангирана на тендерот бидејќи ги очекувал бурните реакции во јавноста. Институцијата ги предаде документите за целата постапка во Обвинителството и Државната комисија за спречување на корупцијата.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ивановска - Не верувам дека Османи не знаел кој е донатор на ДУИ

Во септември 2023 година, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска во интервју за РСЕ изјави дека не му верува на Османи како трет човек во партијата дека не знае кој е донаторот.

Предмет по сопствена иницијатива отвори Државната комисија за спречување на корупцијата. Антикорупционерите утврдија дека ДУИ го прекршила Законот за финансирање на политичките партии откако во 2022 година примила донации поголеми од законски дозволените. Вишокот пари надвор од законскиот лимит ги вратиле на „Еуровиа“, но, наместо 15 дена подоцна, тоа временски се случило годинава, на еден месец пред компанијата да го добие тендерот во МНР.

Договори во име на јавноста под превезот на тајноста

Неполн месец подоцна, „Еуровиа“ стана и една од трите домашни компании подизведувачи на кои американскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ им ги довери дел од работите за изградба на Коридорот 8.

Уште од самиот почеток овој проект го следат низа контроверзи. Прво се изменија закони со европско знаменце за кои опозицијата и ЕУ реагираа дека не се во согласност со законодвството на Унијата, а потоа се донесе и нов закон „во четири очи“ за таа цел. Имаше проблеми и со изборот на надзор – Обвинителството отвори предистражна постапка за изборот на компанијата „ИРД инженеринг“, која ќе го врши надзорот на изградбата на автопатите.

Видете и ова: Серија пропусти за „Бехтел и Енка“ ризик за корупција - анализа на Социетас Цивилис

Изградбата на Коридорот 8 и 10д се утврдени со специјален закон а договорот е класифициран како таен на барање на „Бехтел и Енка“. Во него увид имаат Обвинителството за организиран криминал и корупција и ДКСК кои се уште ја „чешлаат“ неговата содржина.

„Џек пот“ манија за ДУИ

„Еуровиа“ е само една од дузината фирми која тесно се поврзува со ДУИ. По серијалот написи во низа на РСЕ за финансиското работење на Државна лотарија, медиумите објавија дека и оваа компанија му рента деловен простор на акционерското друштво за месечна кирија од 3.500 евра месечно.

РСЕ во периодот од октомври до декември го истражуваше финансиското работење на Државна лотарија, со фокус на склучените тендери и друг договор за закуп кој тежи над 2,6 милиони евра.

Видете и ова: Државна лотарија закупи поранешен ресторан за свадби за 2,6 милиони евра

РСЕ откри дека промоцијата и маркетингот на Државна лотарија го работат компании чии сопственици се во блиски релации со сопствениците на издавачките куќи „Арбериа Десигн“ и „Арс ламина“. Компаниите ги добиваат тендерите во временски период кога на чело на Управниот одбор на Државна лотарија застанува Перпарим Бајрами, поранешен вработен во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на Артан Груби.

Во меѓувреме, РСЕ објави и дека Државна лотарија склучи договор за закуп на деловни простории во поранешниот ресторан за свадби „Фестина“ во вредност од 2,6 милиони евра. Новоформираната компанија се поврзува со политичката партија ДУИ.

Видете и ова: Државна лотарија закупи поранешен ресторан за свадби за 2,6 милиони евра

По објавувањето на сторијата за закупот на деловни простор, компанијата „Хеј ДООЕЛ“ врши промени на веб страницата и визуелно и во делот на сопственоста. Исчезна и Фејсбук страницата од социјалната мрежа. Од Обвинителството порачаа дека ако Финансиската полиција не постапи, самото ќе отвори предмет.

Во меѓувреме, компанијата „Хеј ДООЕЛ“ добива нов сопственик - Асмир Јахоски, сопственикот на „Пуцко Петрол“. Управата за финансиска полиција извести дека за случајот со Државна лотарија веќе е оформен предмет и се наоѓа во фаза на предистрага.

Со предистрагата, покрај во акционерското друштво, инспектори од институцијата влегле и во компанијата „Хеј ДООЕЛ“, каде се извршени проверки на документацијата за склучениот договор за закуп на деловни простории тежок над 2,6 милиони евра.

Видете и ова: Молк од Финансиска полиција за предистрагата за Државна лотарија

Последно во серијата истражувања на РСЕ се однесуваше на набавката на лотариски терминали од фирмата „АП Солутионс“ на деветнаесетгодишниот кумановец Фљамур Невзатовски за сума од 204.825 евра.

ДКСК со премер на куќата на Таравари

Додека Обвинителството и Финансиската полиција ја истражуваат новата компанија „Хеј ДООЕЛ“ на синот Асмир, Антикорупционерите во првото тримесечје од 2023 година оформија предмет за неговиот татко. ДКСК истражува како неговиот татко Исмаил Јахоски, му ја продал куќата на лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари во Талталиџе за сума далеку пониска од пазарната вредност. Во имотниот лист, покрај Исмаил Јахоски, косопственичка на имотот се водеше и Љупка Еда Јахоска.

Информацијата прв во јавноста ја обзнани потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски од собраниска говорница кој праша дали куќата е политички пазар и Таравари ја добил на поклон од функционер на ДУИ.

Видете и ова: Во куќата на Таравари, купена од пратеник на ДУИ, била договарана коалиција со ВМРО-ДПМНЕ

РСЕ го објави договорот за купопродажба на куќата. Во разговор за РСЕ, Таравари обзнани дека куќата ја купил во јуни 2021 година во времето кога биле во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

„Дури во таа куќа е направен договорот за локалните избори со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ“, откри Таравари.

За куќата со површина од 261 квадратен метар платил 150.000 евра, што математички му доаѓа дека метар квадратен чини 576 евра. Ниската сума која се коси со пазарната вредност ја алармираше и ДКСК која веќе испитува како е купена недвижноста за далеку пониска цена која отскокнува од реално пазарната.

(Про)пуштен повик за истрага на ДУИ

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во очи на аферата за продажбата на трговскиот центар „Соравија“, каде нејзин косопственик стана неговиот внук, Дрин Ахмети, отворено ги повика истражните органи во земјава да го истражат 20-годишното функционирање во општествено - политичкото делување на интегративците во Северна Македонија. Лидерот на партијата прв се стави прв на оваа листа.

Видете и ова: Ангелите на ДУИ не веруваат во домашни истраги

Повикот следуваше откако неговиот внук Дрин Ахмети стана втор по големина сопственик со удел од 39% во деловниот центар „Соравија“. Она што остави сомжен во јавноста е уделот кој го доби во трговскиот центар без никаков влог. Цената за купопродажбата на деловниот центар остана во сферата на „деловна тајна“.

Видете и ова: Дрин Ахмети без вложен денар станува косопственик на „Соравија“

Внукот на Ахмети има повеќе бизниси. Покрај купувањето на „Соравија“, Дрин Ахмети преку друга негова компанија, „Еверест ЏД“ поседува и активна концесија за експлоатација на варовник во Зајас.

Компанијата „Еверест ЏД“ се јавува и како сопственик на „Потам - плант“, формирана во 2019 година со дејност за производство на електрична енергија. Во портфолиото на Дрин Ахмети влегува уште една компанија за производство на струја, „Хелиос плант“, каде е еден од тројцата сопственици, заедно со неговиот брат, Бесиан и со Шкумбин Ахмети, синот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Обвинителството за организиран криминал и корупција на Ислам Абази отвори предмет за купопродажбата на „Соравија“ од страна на внукот на неговиот соселанец Али Ахмети од Зајас, Дрих Ахмети.

Двојазично писмо за имотот и вработувањата на Артан Груби

ДКСК работи на два предмета за вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби. Но, не по повикот на Ахмети, туку по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека неговиот брат за 100 илјади евра купил деловен простор од 127 метри квадратни во строгиот центар на Скопје. Имот кој според партијата вреди до половина милион евра.

Антикорупциска по допрен глас отвори предмет за Артан Груби и го испитува неговиот имот и имотот на членовите на неговото семејство.

Проверката ќе го опфати и запалениот автомобил марка ауди кое го управуваше Груби, а за кое тој тврдеше дека не е негово, туку на пријател на неговото семејство.

Видете и ова: Аудито е на соседот, а боли како да е твое

Јавното обвинителство истражува и кога е купено, чие е и кој го користи аудито. Од друга страна, ДКСК отвори и друг предмет за вицепремиерот - за вработувањата кои Артан Груби ги потпишува во министерството со кое раководи.

Во декември 2023, претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, во интервју за порталот „А1он“ изјави дека вицепремиерот Артан Груби врши опструкција на нивната работа.

„Предметот содржи повеќегодишна анализа како се движи еден тренд во државата, на вработување особено. Од ова министерство бараме информации, не ни ги доставува, не изигрува на некој начин, не ни било писмото двојазично, сака да направи дека нешто не се испочитувало. Ете, му доставивме и двојазично писмо. За него работиме проверка на имотна состојба, му бараме кој живее во неговото семејство, кажува не сте ми доставиле двојазично“, рече Ивановска во интервјуто за А1он.

Вицепремиерот Груби претходно рече дека не верува во работата на ДКСК, сметајќи дека институцијата „нема ниту капацитет, ниту успеси“.

ДКСК брои ситно до затворање на аферата „Броило“

Аферата „Броило“ започна на крајот на 2022, а се „прелеа“ и во 2023 година. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека „премиерот Димитар Ковачевски се здружил со неговиот кум Горанчо Паунов за преку фирмите „Пиксел груп“ и „ЕМГ ЕОЛ Квазар“ да инкасираат 26 милиони евра преку монопол на пазарот со фотоволтаични панели“.

Ковачевски е поранешен сопственик на „Пиксел гроуп“ заедно со неговиот кум Паунов, а откако стапи на функцијата заменик - министер за финансии се повлече од сопственичката структура.

Видете и ова: Секој премиер со свој „омилен бизнис“

ВМРО-ДПМНЕ поднесе пријава до антикорупционерите да истражат судир на интереси и трговија со влијание за добиените државни тендери на „ЕМГ ЕОЛ Квазар“ и доделената финансиска помош од државата за „Пиксел Гроуп“ во 2019 и 2020 година.

Откако аферата зеде замав, се менуваа и изјавите на претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска. На почеток, Ивановска сметаше дека „ДКСК нема работа во аферата „Броило“ и „нема основа за покренување постапка за утврдување судир на интереси“.

Во подоцнежните изјави за медиумите, Ивановска посочи дека институцијата ќе се фокусира дали поранешната компанија на премиерот имала некаква повластена позиција во добивањето на државните пари. Односно, дали постоело трговија со влијание.

Пред два месеца, ДКСК излезе со одлука за основ за кој речиси една година претходно најавија дека нема да постапуваат - утврдувајќи дека не постои судир на интереси во случајот со премиерот Димитар Ковачевски и фирмата „Пиксел Груп“.

За вториот дел од пријавата - трговија со влијание, антикорупционерите најавија дека ќе продолжат да истражуваат. Останува неизвесно дали овој состав на ДКСК ќе успее да го затвори предметот до 7 февуари, рок до кога им трае мандатот.

Во екот на аферата „Броило“, медиумите објавија и дека сопругата на премиерот, Елена Ковачевска влегува во бизнисот со струја. Ковачевска и синот на неговиот кум, Кирил Паунов се двајца од петмината сопственици на компанијата „Сол Груп 5“.

Видете и ова: Фирмата на сопругата на премиерот на чекор до изградба на фотоволтаична централа

Како што откри РСЕ, Владата донела одлука за продажба на државно земјиште на компанијата „Сол Груп 5“, по пат на непосредна спогодба за дооформување на градежна парцела за која фирмата веќе имала во сопственост 30 проценти.

Но, од Министерство за транспорт и врски одговорија дека на фирмата „Сол Груп 5“ не и е издадена дозвола за градба на фотоволтаична електрана во Радовиш затоа што компанијата во меѓувреме го повлекла барањето.

Премиерот Ковачевски негираше конфликт на интереси за владината одлука за продажба на државно земјиште од 70 денари за метар квадратен на компанијата во која удел има неговата сопруга.

Лажен исказ „произведе“ спас за „делчевските ниви“

Под сомнителни околности, пропадна аферата со купување и препродавање на ниви за производство на струја од фотоволтаици во Малешевијата кои ЕВН Електрани ги плати 40 пати поскапо од пазарната цена.

Шемата на купопродажбата ја открија медиумите кон крајот на 2021 година, по што следуваше кривична пријава и притвори за седумтемина осомничени, но, крахираше пред да стигне до суд.

Како што првично објави РСЕ, наместо предметот да се движи кон обвинителен акт, се урна благодарение на пресвртот што го направиле сведоци менувајќи го исказот, пред сè, на претставникот на државата која има 10 отсто удел во ЕВН.

ОЈО Скопје уверува дека немало друг избор освен да ја прекине постапката и затвори постапката. Додека членот на Управниот одбор на ЕВН ’Македонија‘ именуван од страна на Владата, кој првично тврдел дека постои криминал и дека биле измамени од осомничените за купување на земјиштето, а потоа го сменил исказот, Обвинителството ќе го гони само за давање лажен исказ.

Видете и ова: Пресврт во „Делчевски ниви“ ја урна истрагата

Осомничени во предметот беа двајцата управители на „ЕВН Електрани Македонија“, Мирослав Митровски и Игор Гиевски, кои како и останатите петмина. Сите заеднички тесно се поврзуваа со политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Збратимени во недовербата од граѓаните

Корупциските афери за сомнежите за злоупотреба на државните пари се нижеа во текот на месеците од годината што измина.

Последната анкета на Институтот за комуникациски студии од декември 2023 година, покажува дека истражните институции покажуваат недоволно јак рефлекс на допрен глас и самоиницијативност за покренување постапки и уште послаб повратен до јавноста за преземените акции за случаите од висока корупција.

Изразено на скала од 1 до 10, Јавното обвинителство има оцена 2,5, додека судовите 2,4 и претставуваат институции во кои граѓаните имаат најниска доверба.

Видете и ова: Министрите, пратениците и судиите најкорумпирани во граѓанската перцепција

На прашањето „дали сметаат дека Јавното обвинителство редовно започнува постапки по допрен глас“, повеќе од две третини од граѓаните изразиле несогласување (72,5%), а речиси 40% воопшто не се согласуваат дека обвиненијата покренати од обвинителствата редовно добиваат судска разрешница. Дури 70% од испитаниците сметаат дека јавноста не е информирана за текот на судските постапки.

Видете и ова: Невидливиот обвинител - Една година од мандатот на Ислам Абази

Во септември 2023 година, владејачкото мнозинство ги изгласа и измените на Кривичниот законик кои предизвикаа негодување во домашната јавност и сериозни критики од меѓународните фактори.

Измените донесоа намалување на затворските казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни се предлагаат и за делото злосторничко здружување.

Последен таков случај во кои „главните актери“ куртулија од потенцијална кривична одговорност се екс премиерот Никола Груевски, поранешните министри за финансии и за култура, Зоран Ставрески и Елизабета Канеческа Милевска како и поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова.

Ним нема да им се суди за злоупотреба на службената положба во предметот „Феникс“ за леењето на споменици во рамки на проектот „Скопје 2014“. На 27 декември 2023 година, Обвинителството поднесе обвинение против пет физички и шест правни лица за перење пари и други приноси од кривично дело. Поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ се спасија од кривичен прогон поради застарување на делото.

Видете и ова: Измените на Кривичен законик може да спасат речиси 200 обвинети за злоупотреби

Последниот извештај на Европската комисија за Северна Македонија оцени дека во земјава нема напредок во судството и борбата против корупцијата.