Резиме
- Во продавниците за брзи кредити, според последните податоци од Народна банка, се „свртеле“ 169 милиони евра во 2024 година, што е за 12 милиони евра повеќе од 2023 година.
- Министерството за финансии ги предупреди продавниците за пари да не продолжуваат со лажење на клиентите за скриените трошоци
- Инспекторите утврдиле низа неправилности во работењето на овие компании, но тие не се казнети, туку само предупредени
Предупредување добија фирмите за брзи кредити да престанат со манипулативни реклами, или во спротивно ќе се соочат со казни. Ова предупредување од Министерството за финансии пристигна по надзор во финансиските друштва, при што инспекторите откриле повеќе неправилности, меѓу кои и рекламирање кредити со „0 проценти камата“, иако во договорите со клиентите биле предвидени дополнителни трошоци.
Но, по мала прошетка низ центарот на главниот град се забележливи рекламните билборди со познати актери кои им нудат „одлична шанса за нула камата“ на потрошувачите.
Оваа практика на продавниците за пари трае со години и констатацијата на иннспекторите за неправилности е задоцнета, велат економистите. Економскиот аналитичар Абил Бауш објаснува дека државата мора да биде построга кон продавниците за брзи кредити, да врши редовни контроли но и да ги санкционира кога грешат.
„Државата треба да биде многу внимателна со нив. Државата не само што треба да биде внимателна кон нив, туку треба и граѓаните да ги едуцира како треба да размислуваат за кредити“, вели тој.
Во изминативе години е забележан сериозен раст на побарувачката на брзи пари, покажуваат анализите на Народната банка. Според нивните последни објавени податоци за 2024 година, во „продавниците за кеш“ се свртени 169 милиони евра, што е за 12 милиони евра повеќе од 2023 година. За споредба во 2021 година, овој бизнис „тежел“ 119 милиони евра.
Едно име на реклама друго во државен регистар
Инспекторите годинава забележале и други спорни практики на овие компании како што се рекламирање брзи кредити под брендови без јасно да се наведе кое финансиско друштво ја нуди услугата. Една „продавница за пари “ користи повеќе веб-страници и различно име во промовирањето на брзите кредити во деловните простории од она што е наведено во дозволата за работа што ја добила од Министерството за финансии. Но, фирмите за брзи кредити не се санкционирани, туку предупредени за неправилностите.
Според Законот за заштита на потрошувачите, трговската практика се смета за измамничка ако во рекламата изостануваат клучни информации што се важни за потрошувачот да донесе информирана одлука.
За таквите практики на „продавниците за пари “ како и за тоа кои фирми и сопственици стојат зад фирмите за брзи кредити во земјава, Радио Слободна Европа истражуваше во 2023 година.
Видете и ова: Синови и блиски на политичари во бизнисот со брзи кредитиИстражувањето покажа дека две третини од добивката во овој сектор го добиваат фирмите основани со странски капитал. Фирмите за брзи кредити се друштва кои функционираат со ниски трошоци, а наплаќаат високи кредитни трошоци и маржи. Тогаш Управата за јавни приходи ( УЈП ) и Министерството за финансии соопштија дека се спроведуваат контроли и дека дел од компаниите се парично казнети, ама не открија повеќе детали.
Во меѓувреме истражувачките стории на ИРЛ и Бирн Призма укажаа на серија злоупотреби со лични податоци на луѓе кои „заглавиле “ со кредити кои не ги побарале, односно други луѓе ги подигнале во нивно име.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Андоновски - На должниците за брзи кредити им се заканувале со насилство
Кратката процедура за овие брзи кредити од половина час и со еден документ ги прави примамливи за граѓаните, кои често не се информирани дека зад ова стојат високи каматни трошоци.
За разлика од банките, чија работа ја регулира Народна банка, друштвата се регулирани од Министерството за финансии, па кредити даваат многу полесно, а ризикот го наплаќаат со високи трошоци за кредитите.
Видете и ова: Бугарски капитал доминантен на македонскиот пазар со брзи кредитиЕкономистот Бауш вели дека државните институции мора да бидат и построги во критериумите при одобрување на лиценците за работа на овие фирми за брзи кредити.
„Ние имаме контраст, од една страна да отворите финансиска институција, банка во државата ви требаат многу регулативи да следите, многу криетериуми и процедури да исполните и спроведете. А од друга страна овие на многу полесен начин доаѓаат до лиценца од Министерство за финансии. Одма наоѓаат начин како тоа да го направат. Тука ние имаме проблем“, вели тој.
Најголемиот дел од добивката од зделките со брзи пари во земјава завршува на салдото на компаниите кои се основани со странски капитал, покажаа тогаш податоците од завршните сметки на овие компании.
Милионери од Летонија, Чешка, Естонија, а најмногу од Бугарија, на македонскиот пазар поседуваат фирми кои нудат небанкарски кредити, односно продавници за кеш.
Видете и ова: Руски олигарх под санкции профитира од македонски брзи кредитиСпоред последните податоци од Регистарот на Министерството за финансии, во земјава постојат 26 компании кои нудат брзи кредити. Од 12 фирми основани со странски капитал, дури седум се во сопственост на бугарски бизнисмени и милионери. Според податоците од Народна Банка намалувањето на бројот на фирмите се должи на законските измени од јули 2023 година кога се зајакнати правилата за работење на финансиските друштва и контролата врз ризиците во овој сектор од 35 на 27.
Но, истите податоци покажуваат дека покрај намалениот број на фирми кои нудат брзи кредити, во растот на кредитите што ги одобруваат финансиските друштва изнесувал 9,6 проценти.
Ризик за најранливите должници
Иако брзите кредити претставуваат релативно мал дел од финансискиот систем, тие можат да создадат сериозни проблеми за дел од населението. Брзите кредити претставуваат околу 7 проценти во вкупниот долг на домаќинствата кои ги забележува Народната банка, додека најголемиот дел, 92,4 отсто се должи на кредити од банки.
Од Народната банка предупредуваат дека ризикот од овие фирми за брзи кредити не е системски, но може да биде голем за ранливи категории на граѓани и да ги доведе до презадолженост. Показателите за кредитниот ризик во 2024 година се подобриле, но значителен дел од кредитите и понатаму се наплатуваат со доцнење.
„Ризиците за финансиската стабилност од овие друштва се поврзуваат со ризикот од предизвикување презадолженост на одделни слоеви од населението, особено на оние со пониски примања, што е поврзано со релативно полесниот пристап до финансирање од финансиските друштва во споредба со построгите кредитни стандарди на банките, но и повисоката вкупна цена на кредитите“, се вели во извештајот на Народната банка.
Кредитите што ги одобруваат финансиските друштва и натаму се меѓу најскапите на пазарот. Приходите што ги остваруваат од кредитната активност надминуваат 50 проценти од вредноста на активните договори за кредит, што е повеќекратно повеќе од банките, каде просечната стапка на вкупни трошоци е околу 7 проценти.