„Магичен куршум“ - Научно фантастичните ласерски оружја сега се реалност против дронови

Израел - ласерско оружје во развој

Футуристички ласерски оружја веќе се распоредени кај некои армии и се демонстрираат од украински стартапи. Индустриски експерти велат дека технологијата може да се спротивстави на заканата од евтини камикази-дронови, но постојат значајни ограничувања.

Нестабилни аматерски снимки на кои ракети наводно исчезнуваат во искри над Либан беа споделувани онлајн на 2 март, заедно со тврдења дека видеата го прикажуваат дејството на футуристичко израелско противвоздушно оружје во текот на конфликтот на Блискиот Исток.

Овие тврдења беа широко оспорени, но еден дел од дискусијата се базира на реалност: од декември 2025 година, израелската армија користи ласерско оружје наречено „Iron Beam“, дизајнирано да се справува со „различни воздушни закани“ со кои се соочува Израел.

Во Украина, каде што речиси секојдневните руски напади со евтини камиказе-дронови од ирански дизајн ги нарушија постојните стратегии за против-воздушна одбрана, се развиваат неколку ласерски оружја. Домашните производители тврдат дека тие би можеле да го надминат сè понеодржливиот трошок за одбранбени ракети кои се користат за соборување евтини самоубиствени дронови.

Израел - ласерско оружје во развој


„Економската логика на противвоздушната одбрана сега е сурова“, изјави за РСЕ Џаред Келер, американски експерт за ласерско оружје, кој објавува билтен за оваа нова технологија. „Не можете да користите ракета од милион долари за дрон од 500 долари. Тоа едноставно нема никаква рационална смисла.“

Имало повеќе обиди за развој на ласерско оружје уште од 1973 година, кога САД за првпат собориле беспилотно летало со ласер. Но технологијата долго време останала експериментална.

Според Келер, сегашниот притисок за развој на ласерско оружје во голема мера е поттикнат од развојот на евтини дронови, како што се летечките бомби Shahed што Русија ги користи против Украина. „Сега постои мотив за поевтини контрамерки, што ги прави ласерите сè попривлечни“, вели тој.

Но дали ласерското оружје, кое чини само неколку долари по истрел, навистина е решение против камиказе-дронови? Зависи кого ќе прашате.

Андреас Швер, извршен директор на Electro Optical Systems, австралиска компанија која неодамна доби договор од 85 милиони долари за производство на ласерски оружја за Холандија, изјави за РСЕ дека ласерските системи потенцијално би можеле да ги бранат украинските градови кои се мета на роеви дронови.

„Високоенергетските ласерски оружја се особено погодни за справување со вакви напади со камиказе-дронови, бидејќи можат многу брзо и повеќепати да ги гаѓаат целите. Муницијата за ласерот е електрична енергија, наместо ракети или куршуми.“

Тоа ја отстранува логистичката потреба за повторно полнење, вели Швер, „и му овозможува на системот да остане активен континуирано“.

Бројни ограничувања

Надвор од индустријата, набљудувачите укажуваат на бројни ограничувања на сегашната ласерска технологија, поради што е веројатно таа да биде само еден елемент во идните системи за противвоздушна одбрана.

Келер го истакнува таканареченото „време на задржување“ (dwell time) како главно ограничување. Ласерите со висока моќност функционираат така што ја горат целта – на пример, структурата на дронот или обвивката на ракетата – за да предизвикаат аеродинамички или системски дефект, па дури и експлозија. Но за тоа е потребно време и исклучителна прецизност.

Како што лупа која ја фокусира сончевата светлина има потреба од неколку секунди за да запали хартија, така и високоенергетскиот ласер треба одредено време да ја загрее целта. Тоа време варира во зависност од материјалот на целта, нејзиното движење и растојанието.

„За разлика од ракетен лансер кој може истовремено да испали повеќе ракети-пресретнувачи, ласерот мора да се заклучи на една цел и да го насочи зракот на истото место“, вели Келер. „Дури потоа може да се насочи кон следната цел.“

Разорната моќ на ласерите може значително да се намали од дожд, магла или прашина во атмосферата. Едно истражување од 2014 година покажало дека при умерен дожд, ласерот треба околу 30 секунди за да оштети цел на растојание од 1 километар. Во јасен ден, за истото оштетување биле потребни само три секунди.

Производителите често истакнуваат дека ласерите имаат мал ризик од колатерална штета, за разлика од ракетите за противвоздушна одбрана кои може да скршнат од курсот и да предизвикаат трагични последици. Но ласерите носат и нови ризици за цивилите.

Ласерско оружје во развој во Израел

На 10 февруари, воздушниот простор над Ел Пасо, Тексас, бил ненадејно затворен откако американската гранична патрола испукала ласерско оружје кон објект во воздухот за кој подоцна се тврдело дека бил обичен балон од забава. Како реакција, американската воздухопловна администрација ги приземјила сите летови во областа. „Хаосот“ што настанал – со прекин на летовите околу осум часа – послужил како предупредување дека ласерите можат да предизвикаат штета на авиони дури и далеку од оружјето или неговата цел. Цивилните воздухопловни агенции веројатно нема да сакаат да ризикуваат таков инцидент.

Џејми Џејкоб, професор по аеронаутичко инженерство на Универзитетот во Оклахома, вели дека појавата на ласерското оружје на современото бојно поле веројатно ќе доведе до нова еволуција во дизајнот на нападни дронови.

Тоа може да вклучува топлински отпорна заштита или дронови кои ротираат за да спречат ласерот подолго време да погодува едно исто место на нивната структура.

„На крајот, ова е игра на мачка и глушец“, вели тој. „Кога ќе се појави ефикасна одбрана што значително ја неутрализира заканата, се појавува нова варијанта на таа закана. Тоа е природата на модерната војна.“