По деценија застој повторно се активира нафтоводот Солун-Скопје

Нафтоводот Солун-Скопје. Извор веб-страница “Нафтовод” ДООЕЛ Скопје.

Резиме

  • До крајот на годината од Солун ќе започне да тече дизел гориво до Скопје преку нафтоводот изграден пред 20 години.
  • Цената за транспортот ќе биде околу 20 евра за тон преработено дизел гориво, од кои Северна Македонија ќе добива 20 проценти, а 80 отсто грчката компанија „Хеленик Петролеум“.
  • Премиерот Мицкоски за тврдењата дека целта е да и се помогне на Србија заради нафтената криза рече дека улогата на Владата е да ја обезбеди инфраструктурата и регулативата, но не и да влегува во бизнис–операции.
  • Енергетскиот коридор се отвора во момент кога железничкиот транспорт е во постојани проблеми, а цената на цевниот транспорт е пониска, велат експерти.

По повеќе од десет години мирување, нафтоводот Солун–Скопје се враќа во игра, откако во 2013 година грчката компанија „Хеленик Петролеум“, денешна HELLENiQ Energy, го стави вон употреба како непрофитабилен.

Повторниот транспорт на нафтени деривати кон Северна Македонија се очекува најдоцна до крајот на годината, како што најави премиерот Христијан Мицкоски.

„Ние како држава ги спроведуваме сите чекори тој продуктовод, кој долги години беше уништуван и конзервиран, да биде ставен во функција. Траат испитувањата, мислам дека се веќе завршени, треба да почнат пробите на притисок. На Влада помина и ценовникот, очекувам оваа година тој продуктовод да биде ставен во функција“, изјави Мицкоски.

Изградбата на нафтоводот беше дел од договорот од 1999 година што поранешната влада предводена екс-премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски го склучи со грчката компанија „Хеленик Петролеум“ за купување на единствената рафинерија за нафта во земјата, ОКТА.

Видете и ова: Арбитражни спорови може да ја чинат државата една четвртина од Буџетот

Сега овој цевководен систем ќе се нарекува продуктовод, бидејќи од Солун до Скопје ќе пренесува само преработени нафтени деривати, а низ нафтовод се пренесува сурова нафта од пристаништа или нафтени полиња директно до рафинериите, каде што потоа се преработува.

Цевкките за нафтоводот од Солун-Скопје се долги околу 213 километри, со капацитет да пренесуваат 2,5 милиони тони годишно гориво, од терминалите на „Хеленик Петролеум“ до скопската рафинерија ОКТА, каде само ќе складира дизел горивото.

Транспортот на горивото е договоренo меѓу македонската Влада и „Хеленик Петролеум“ да чини 20 евра по тон (29 долари), потврдуваат за РСЕ од Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси.

Кој ќе профитира?

Ако продуктоводот работи со полн капацитет од 2,5 милиони тони годишно, вкупната вредност на услугата би достигнала околу 50 милиони евра годишно.

Приходот ќе се дели меѓу македонската Влада, која преку државната фирма „Нафтовод“ има удел од 20 отсто во заедничката компанија „Вардакс“, каде мнозински сопственик е „Хеленик Петролеум“ со 80 отсто.

Со најавите на македонската Влада дека ги завршува последните процедури, низ продуктоводот ќе може да протече дизел гориво откако Министерството за транспорт ќе ја издаде конечната „употребна дозвола“.

Видете и ова: За крупните афери „гинат ситни риби“

Со тоа ќе стапи на сила и лиценцата која Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси веќе ја издаде на „Вардакс“ во 2023 година, со важност од 35 години до 2058 година.

„Кога операторот „Вардакс“ ќе ја добие употребна дозвола од државата, оваа лиценца ќе влезе во сила“, вели за РСЕ претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси Марко Бислимовски.

Побаравме одговор од Владата преку е-пошта какви се очекуваните придобивки за националниот енергетски и економски систем од продуктоводот, но до објавување на текстот не добивме одговор.

Политичка полемика околу продуктоводот

ВМРО-Народна партија, која ја основаше поранешниот премиер Георгиевски откако ја напушти ВМРО-ДПМНЕ, за сегашното повторно пуштање на нафтоводот Солун–Скопје тврди дека има за цел да ѝ помогне на Србија во актуелната нафтена криза.

Од таму велат дека се изненадени од брзината со која се финализира процесот и прашуваат зошто оние што со години се спротивставуваа на проектот сега молчат.

Партијата на Љубчо Георгиевски додава дека аргументите за придобивките од нафтоводот биле валидни уште пред 25 години и обвинува дека земјава намерно била оставена без економски и геостратешки бенефити.

Видете и ова: Почнува запирањето на работата на рафинеријата на НИС во Панчево

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека улогата на Владата е да ја обезбеди инфраструктурата и регулативата, но не и да влегува во бизнис–операции.

„Ние како Влада не сме акционерско друштво за да ја снабдуваме јужна Србија или други земји. Тоа го прават приватни компании што водат бизнис“, порача премиерот, одговарајќи на прашање дали државата ќе се обиде да профитира од нафтената криза во Србија со извоз на деривати преку оваа линија.

Поевтин и побезбеден транспорт

Теоретски, директниот транспорт на нафтени деривати од Солун до Скопје преку цевка требало да донесе поголема безбедност и избегнување на ризиците што ги носи транспортот со камиони и цистерни.

Според професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет Битола на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, нафтоводот го актуелизираат и проблемите со пругата во земјава и пониската цена на цевниот транспорт.

„Во секој случај тоа е најправилниот начин за транспорт, особено што веќе го имаме“, вели Трајковски.

Видете и ова: Општа амнестија место одговорност за милионските отштети за државата

Изградбата на нафтоводот беше завршена во 2002 година, но десет години подоцна во 2013 во ОКТА целосно беше стопирана преработката на нафта, со што рафинеријата замина во стечај, а транспортот на нафта низ цевководот беше прекинат.

Причините, како што беше наведено тогаш од „Хеленик Петролеум“ , беа комбинација од непрофитабилност и регулаторни пречки.

Од самата продажба на ОКТА во 1999 година од тогашната македонска Влада, настанаа спорови кои завршија пред Меѓународниот арбитражен суд во Париз.

Со тогашниот договор, којшто дел од македонската експертска јавност го оцени како штетен за државата, ОКТА му беше продадена на Хеленик Петролеум за 32 милиони евра, а меѓу другото значеше изградба на нафтоводот, но и Северна Македонија 20 години да купува најмалку 500.000 тони нафта годишно од Грција.

Арбитражните постапки

Следуваа три одделни арбитражни постапки во Меѓународниот арбитражен суд во Париз поврзани со договорот за ОКТА и нафтоводот.

Последната е во декември 2022 година кога судот пресуди против Северна Македонија во корист на „Хеленик Петролеум“, а тужбата се однесуваше на непочитување на обврските преземени со договорот и со тоа државата треба да плати вкупно 21,47 милиони евра оштета, износ кој е двојно понизок од првичното барање заедно со каматите, кое достигнуваше 42,6 милиони евра.

Владата тогаш соопшти дека ангажираниот адвокатски тим од Франција, канцеларијата „Дехерт“, успеал да го преполови побарувањето.

Претходно во 2019 година, Северна Македонија бараше начин да постигне договор со „Хеленик Петролеум“ по тогашната пресуда на Судот во Париз од 32 милиони долари, која произлегуваше поради неизвршениот договор за купување мазут.

Првата пресуда беше во 2007 година и дојде откако Уставниот суд на земјава во 2002 година поништи одредени делови од договорот со „Хеленик Петролеум“, со што грчката компанија доби отштета од 52 милиони евра.

Видете и ова: Македонија би станала регионален енергетски центар и коридор

Со сегашното повторното акуелизирање на отворањето на продуктоводот, Есад Рахиќ кој во текот на претходната владина гарнитура, во 2020 година, стана директор на државната фирма „Нафтовод“ вели дека плаќањето на пеналите од тужбите се голема причина нафтоводот многу порано да почнел со работа.

„Што поскоро се отвореше и почнеше да работи, со тоа ќе се плаќаа пеналите од тужбите“, вели Рахиќ.

Тој додава дека земјава има обврска да го отвори продуктоводот, за кој вели дека е направен како стратешка инвестиција од стотина милиони долари, а посочува дека за тоа разговарал со двајцата поранешни премиери, Зоран Заев и Димитрар Ковачевски. Тој им предлагал системот уште во тоа време да биде ставен во употреба, а исто така и да продолжи изградбата за поврзување со Косово, но дека таквите предлози не биле реализирани.