Безбедносната состојба во Северна Македонија е стабилна. Ваков е заедничкиот заклучок на политичко-безбедносниот врв во државата откако американската разузнавачка заедница во својот последен извештај процени дека во 2024 година „Западен Балкан веројатно ќе се соочи со зголемен ризик од локализирано меѓуетничко насилство“.
За дел од безбедносните експерти, потрес на овој план не е очекуван во земјава, но не е ни невозможен. Сепак, некои од нив порачуваат дека состојбите во регионален контекст треба будно да се следат и да се прават објективни проценки.
Видете и ова: Западен Балкан под ризик од меѓуетничко насилство во 2024, проценуваат американските разузнавачиОна на што предупредуваат американските разузнавачи кога е во прашање балканскиот регион се националистичките лидери, но и надворешните актери.
„Националистичките лидери веројатно ќе ја влошат тензијата заради нивната политичка предност, а надворешните актери ќе ги зајакнат и искористат етничките разлики за да го зголемат или заштитат нивното регионално влијание или да спречат поголема балканска интеграција во ЕУ или евроатлантските институции“, пишува во годишниот извештај за глобалните закани на Разузнавачката заедница на САД објавен минатиот месец.
Покрај за проценките за безбедносната состојба во Северна Македонија, ваквиот извештај го наметнува и прашањето колку евентуалните тензии од регионот можат да се прелеат и на македонско тло.
Пендаровски: Нема опасност од прелевање настани од регионот
Содржината на документот од американските разузнавачи им е позната на институциите од државниот врв. Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски велат дека се запознаени со извештајот со оглед дека „ги следат различните меѓународни извештаи за состојбите во регионот, покрај тековната размена на информации во рамки на НАТО“.
„Во однос на безбедносната состојба во Република Северна Македонија, со внимание ги следиме сите случувања во земјата и регионот, а проценката е дека состојбата е стабилна и во моментов нема опасност од прелевање на настани од регионот на нашата територија“, велат од Кабинетот на претседателот за Радио Слободна Европа (РСЕ) нагласувајќи дека шефот на државата е редовно информиран за безбедносната состојба и од институциите и преку Советот за безбедност кој е негово советодавно тело.
Видете и ова: Столтенберг: Лидерите од регионот на Западен Балкан да работат на смирување на тензиитеАнализите на МВР се дека нема ризик од меѓуетничко насилство во земјава
Дека будно се следи развојот на безбедносната состојба и настаните на глобално ниво, како и дека користење на извештаите од НАТО и стратегиските партнери нагласуваат и од Министерството за одбрана.
„Укажуваме дека безбедносната состојба во државата е стабилна. Северна Македонија од аспект на каква било конвенционална закана е безбедна земја, а институциите се посветени на градењето на општествена отпорност на какви било предизвици од хибриден карактер кои можеме да ги видиме во сите земји во регионот и пошироко“, велат од Министерството за одбрана.
Стабилна безбедносна состојба е проценката која ја дели и Министерството за внатрешни работи (МВР) кое вели „континуирано презема соодветни мерки и активности за одржување на поволната безбедносна состојба“.
„Што се однесува до прашањето за ризик од меѓуетничко насилство во земјава, анализите на МВР покажуваат дека не постои таков ризик“, велат од МВР.
Видете и ова: Блинкен порача дека никој не сака враќање на конфликтите на Балканот„Клучот за безбедносните прашање е кај политичките елити“
Додека институциите оценуваат дека ситуацијата во моментов е стабилна, дел од безбедносните аналитичари, споделувајќи ги своите гледишта, посочуваат дека нарушување би можело да има со вмешување на надворешни актери.
Сепак, според Методи Хаџи Јанев – вонреден професор од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, сите овие безбедносни прашања, повеќе или помалку зависат од политичките елити бидејќи мобилизацијата на ресурси и капацитети е во нивни раце. Било каков излет на некои други актери, смета тој, завршува неславно заради присуството на странскиот фактор и гаранцијата која доаѓа со самото тоа.
„За да се случи некаков потрес кој би се почувствувал кај нас треба да се исполнат неколку претпоставки, како на пример, еден од тие актери да се дрзне да стапи во коалиција со надворешен актер – кој не е дел од западните партнери или западните партнери да не можат да реагираат заради некој друг приоритет што подразбира ескалација на конфликтот во Украина до мерка од која би започнале дејства по европско тло или НАТО партнери. Се друго надвор од тоа е нереално. Ова сепак не значи дека не е невозможно“, вели Хаџи Јанев.
На влијанијата што може да ги има на Западен Балкан од надвор посочува и професорот Злате Димовски од Факултет за безбедност, кој смета дека тие доаѓаат и од „пријателски“ држави кои си создаваат поволна клима за реализација на сопствените интереси.
Водени од различни интереси и струи ваквите актери, според него, „екс официо вршат влијанија на помирување, а заткулисно на подгревање на етнички и други сепарации и го подгреваат амбиентот“. Во таа насока, посочува тој, се јавуваат и идеи за „големи“ и „чисти“ држави од аспект на етникуми.
Затоа, Димовски смета дека американските разузнавачи добро и сеопфатно ги анализирале состојбите за евентуални етнички превирања во регионот.
„Носителите на националистичките идеи, водени од идеи за поголеми права и слободи, поткрепени од различни општествено-политички околности со додадени социјално психолошки елементи, се предуслови за појава на национализам, насилен екстремизам и појава на форми на тероризам“, вели Димовски.
Професорот потенцира дека состојбите треба будно да се следат, а „лицата задолжени за остварување на безбедност кај граѓаните пообјективно да прават проценки и да ги почитуваат анализите за можна загрозеност на одредени региони или држави“ и во тој контекст да се преземаат итни мерки.
„Секоја субјективност, заради политички или друг вид на влијанија е погубна за овој регион“, додава Димовски.
Милорад Додик и Косово како примери
Проценките за националистичките лидери од регионот, надворешните актери и предвидувањата дека Западен Балкан годинава може да се соочи со зголемен ризик од локализирано меѓуетничко насилство и разузнавачката агенција на САД во извештај за глобалните закани ги сумираше во вкупно три параграфи.
Од нив, во два се одвојуваат и конкретни примери. Во едниот се посочува на Милорад Додик, претседател на ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина.
Видете и ова: Седиштето на претседател на РС Милорад Додик во боите на руското знамеДодик важи за проруски лидер, кој неколку пати досега се закани со сецесија. Тој се наоѓа под американски и британски санкции и е еден од ретките функционери кои се сретнале со Владимир Путин од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, дури четири пати.
„Лидерот на босанските Срби Милорад Додик презема провокативни чекори за да го неутрализира меѓународниот надзор во Босна и да обезбеди де факто отцепување на неговата Република Српска. Неговата акција може да ги поттикне водачите на бошњачкото (босанско муслиманско) население да го зајакнат сопствениот капацитет да ги заштитат своите интереси и евентуално да доведе до насилни конфликти кои би можеле да ги совладаат мировните сили“, посочува американската Разузнавачка заедница.
Вториот пример, пак, е ситуацијата во Косово за каде се нотира дека во 2023 година „судирите меѓу српските националисти и косовските власти доведоа до смртни случаи и повредени, вклучително и повреди на мировниците на НАТО“.
Видете и ова: Годишен извештај на НАТО: Присуството на Алијансата на Косово е клучно за БалканотЗа потсетување, тензиите на северот на Косово почнаа да растат на крајот на мај лани, откако по изборите кои ги бојкотираа косовските Срби новите градоначалници од албанска националност во општините Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, придружувани од косовската полиција, влегоа во општинските згради. Ова доведе до протести на српското население и косовската полиција кои кулминираа на 29 мај кога во Звечан беа повредени десетици демонстранти и припадници на КФОР.
Тензиите не спласнаа туку ескалираа неколку месеци подоцна, на 24 септември, кога косовската полиција беше нападната од група вооружени Срби во Бањска во Звечан, при што беа убиени еден полицаец и тројца напаѓачи.
Ваквиот развој на настаните, но и руската агресија врз Украина и војната меѓу Израел и милитантната група Хамас, која е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ, беа причина во Северна Македонија да се состане државно-безбедносниот врв.
Претседателот Стево Пендаровски на 1 ноември 2023 свика седница на Советот за безбедност на која беше оценето дека „безбедносната состојба во Северна Македонија е стабилна и нема индиции кои укажуваат на можно нејзино загрозување“.