Зависноста од интернет е тешка, одвикнувањето уште потешко: Како државата ќе им помогне на младите?

Илустрација/Фотоархива

Резиме

  • Истражување на АЕК откри загрижувачки тренд, малолетниците го користат интернетот и до пет часа во текот на денот.
  • Лимитирањето на ова време може да ја наруши нивната ментална хигиена, предупредуваат психолозите и советуваат возрасните да им ја олеснат новата адаптација преку личен пример.
  • Министерството за дигитална трансформација ќе формира Центар за безбеден интернет MKSafeNet, кој ќе им помогне на децата и младите брзо да ги препознаваат онлајн ризиците.

Малолетниците во Северна Македонија дневно поминуваат и до пет часа на интернет. Загрижувачките резултати од истражувањето на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) покажаа дека свесноста за безбедноста на децата не е високо ниво.

Затоа, Агенцијата повика на конкретни политики, едукација и кампањи за дигитална одговорност.

Сите овие заложби се дотолку повеќе потребни, што паметните телефони може да предизвикаат низа здравствени проблеми, а како што за РСЕ, вели психологот Фики Гаспар, најмногу на ризик се токму најмалите.

„Во предучилишна возраст, децата сѐ уште се во состојба на развој, развојните стадиум не им се постигнати. Често гледаме доцнење во развојот, а истражувањата покажуваат дека тоа е од преголемата екранизација“, објаснува Гаспар за Радио Слободна Европа.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Во Австралија се гаснат сите социјални мрежи за младите под 16 години

Додека некои земји ги забрануваат социјалните мрежи барем делумно, македонските власти засега не размислуваат за вакви ограничувања.

Преку личен пример до секојдневие со што помалку технологија

Но, ако се случи тоа, менталната хигиена на младите би можела да биде сериозно нарушена.

Гаспар вели дека особено тинејџерите, може да развијат анксиозност, депресија, фрустрации па и девијантно однесување затоа што тие одамна научиле да не можат да функционираат без интернет.

„Емоционалната регулација кај децата и младите, не е на исто ниво како кај возрасен човек. Затоа, зависноста од интернетот има и биолошки и психолошки аспекти. Отсуството на интернет или на социјални мрежи може да создаде вознемиреност кај нив, а тие се на возраст кога не можат толку добро да ги разберат емоциите и тешко би можеле да ги регулираат“, додава Гаспар.

Но што доколку родителите сакаат да ја ограничат употребата на интернет кај своите деца? Гаспар вели дека секоја транзиција, колку и да е позитивна, знае да биде тешка. Затоа, тие преку личен пример треба да им помогнат на децата да се адаптираат на секојдневието со што помалку технологија.

„Кога ќе видиме дека времето што нашите деца го поминуваат пред екрани е преголемо, треба да го лимитираме тоа време на нешто што е корисно. А кога правиме лимитација кај децата, треба да имаме предвид дека тие главно учат преку гледање и преку пример. Ние не можеме да очекуваме децата да застанат и да не користат телефони ако ние возрасните исто така сме врзани цело време за работа со телефон“, додава психологот.

Младите се свесни дека интернетот создава зависност, но како што велат за Радио Слободна Европа, се трудат да го користат за едукација или работа.

Видете и ова: Агресија меѓу младите - Растени во „дивина“ или во цивилизација?

Така, 21-годишниот Кристијан од Скопје, иако порано бил зависник од социјалните мрежи, сега веќе ги одбегнува. Интернетот го користи за својата работа.

„Најчесто интернетот го користам за работа, бидејќи таа ми зависи од него. Се занимавам со едитирање видеа, па клиентите што ги наоѓам, а и оние што ме наоѓаат мене, се на интернет. Мислам дека најдобро е интернетот да се користи во некоја област што ти оди, наместо да го трошиш времето залудно“, вели Кристијан за РСЕ.

Слично како него, и 18-годишниот Тео снима видеа, за што вештините ги стекнал благодарение на интернетот.

„Имам научено многу работи, ако сакаш може да научиш доста“, рече Тео, кој сепак значително време поминува и на играње игри.

Универзитетскиот професор, Кирил Барбареев вели дека младите сѐ повеќе се присутни во виртуелниот, наместо во реалниот свет. Според него, тоа е предизвик за целото општество, кое како што вели, треба да размисли да ја ограничи употребата на социјалните мрежи барем кај тинејџерите од 14 до 16 години.

„Мислам дека тука ни недостига еден поголем фокус на едукација, на воспитување и на образование, што е всушност дигитализацијата.

Овде треба да се види времето коешто младите луѓе го поминуваат, повеќе во делот на социјалните мрежи, во делот на забавата. Колку и како таа се одразува врз нив. Моето лично мислење е дека тука треба многу да се работи и дека одредени процеси создаваат проблеми кај новите генерации. Неслучајно некои земји преземаат мерки и создаваат сосема поинакви политики во делот на она што треба да претставува користење на социјалните мрежи“, додава проф. д-р Барбареев од Факултетот за образовни науки при УГД-Штип.

Но, македонските власти засега не планираат да го забранат користењето на социјалните мрежи, иако во светот веќе има вакви примери. Од Министерството за дигитална трансформација велат дека државата не може да се меша во слободниот избор на секој граѓанин и да одлучува што некој смее, а што не смее.

Европскиот број за пријава на онлајн вознемирување достапен и за македонските корисници

Всушност, од Министерството истакнуваат дека дури и кога се воведуваат забрани за одредени мрежи, се појавуваат други кон кои младите се пренасочуваат.

Видете и ова: Андоновски: Институциите ад-хок се заштитуваат од сајбер напади

Секоја алатка и секој социјален медиум има ограничувања за лица помлади од 16 години. Доколку родителите ги применуваат овие поставки кај своите деца, тогаш децата нема да имаат пристап до алгоритми и содржини што можат да им наштетат – посочуваат од Министерството во писмен одговор до Радио Слободна Европа.

Но затоа пак, во зградата каде што е сместена самата оваа институција, ќе профункционира Центарот за побезбеден интернет MKSafeNet чие опремување веќе е при крај. Неговата улога ќе биде да делува на три нивоа - превентивно, едукативно и заштитнички.

Оттука, во рамките на Центарот ќе се развијат нови дигитални алатки кои ќспоред најавите, ќе овозможат побезбедно и поодговорно користење на интернет. Паралелно, децата, нивните родители и наставниците преку обуки и работилници ќе добијат практични знаења за сајбер безбедноста.

Вознемирувањето во онлајн просторот, граѓаните ќе може да го пријават на Европскиот број 116 111 кој како што информираат властите, ќе профункционира наскоро.

На почетокот на месецов, Австралија страна првата земја целосно ја забрани употребата на социјалните мрежи за сите лица помали од 16 години. Целта на мерката е да се заштитат децата под 16 години од вознемирување и од алгоритми кои, според австралиските власти, ги изложуваат на насилна и сексуална содржина.

Според новото законодавство, оние компании кои не го исклучуваат пристапот до нивните мрежи за деца под 16 години ќе мора да платат казна од 33 милиони американски долари.