Пратениците ќе расправаат за предлог-законот за минимална плата

Протест на ССМ пред Собранието на РСМ, Скопје, 10 февруари 2026 година

Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Северна Македонија во прво читање денеска е на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.

Со предлог-законот се предлага минималната плата во државава да изнесува 600 евра.

Овластен предлагач е претседателот на СДСМ, Венко Филипче заедно со уште неколкумина пратеници од опозициската партија. Овој предлог-закон потоа е ставен и на дневен ред на Законодавно-правната комисија.

Неодамна се одржаа неколку протести во организација на Сојузот на синдикати чие главно барање беше зголемување на минималната плата на 600 евра, но и на сите плати за 6000 денари. Синдикалците организираа блокади пред Собранието, Стопанските комори и Владата.

Видете и ова: Протест на ССМ пред Владата: Исполнување на барањата или генерален штрајк

Блокадите на ССМ се одржаа и покрај договорот кој вчера го постигнаа Владата и синдикалните претставници, а со кој над 10.000 административци ќе потпишат индивидуални договори за процентуално зголемување на платите секоја година. Меѓу нив, на пример, се и службениците во судовите и обвинителствата.

Според ова, нивните плати до 2028 година треба да се покачат за речиси 40 отсто од тековната сума.

Премиерот Христијан Мицкоски рече дека е неприфатлив предлогот државата одреден период да ги финансира придонесите на работодавачите за тие да го зголемат минималецот.

Неколку дена претходно, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче оцени дека барањето на ССМ за повисока минимална плата е „сосема на место и се темели на реалните потреби на работниците“. Токму затоа рече тој, СДСМ го поднел законот за 600 евра минимална плата.

Ова е вторпат да го поднесуваат овој закон до Собранието. Првиот пат беше на крајот на 2024 година, но тогаш власта го одби. Според Филипче преку ребаланс на Буџетот, може да се обезбедат и до 200 милиони евра за плати.