Мицкоски: Нема да се изненадам ако се запленат и до 100 тона марихуана

Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема да биде изненаден ако заплената на марихуана од фабриките за медицински канабис достигне и до 100 тона, откако Министерството за внатрешни работи соопшти дека досега од фирма во Скопје и од неколку во струмичкиот регион се одземени 40-тина тона.

„Нема да бидам изненаден ако до крај дојдеме и до сто тона. Во вторник на владина седница ќе донесеме одлука да се влезе секаде (во фабриките за медицински канабис). За жал ова е резултат на една погрешна, картелска политика што ја водеше претходната влада на СДСМ и ДУИ“, рече Мицкоски на прес-конференција на 8 јануари.

Во Северна Македонија, во моментов со активна лиценца има 43 компании кои одгледуваат канабис за медицински цели.

Видете и ова: Запленети над 40 тони дрога, се проверува поврзаност со Србија

Законот со кој се легализираше одгледувањето и извозот на канабис за медицинска употреба е на сила повеќе од осум години.

Мицкоски тврди дека законот е добар, но проблем бил правилник – подзаконски акт, што го донел поранешен министер за здравство преку кој се овозможиле злоупотреби.

„Имаме подзаконски акт кој е во колизија со самиот закон и ниту еден познавач во овој бизнис не ми кажа дека цвет од канабис кој не е третиран по посебни стандарди, може да произведе цвет кој потоа ќе се користи за производство на масло и тоа да се користи за медицински цели“, вели Мицкоски додавајќи „дали таков подзаконски акт бил донесен со умисла, одговор треба да даде истрагата“.

Според информациите што ги објави МВР на 7 февруари, девет од запленетите 40-тина тони марихуана се од фабрика во Скопје каде исто така биле одземени и над 1.300 шишиња масло од канабис.

Акцијата следуваше откако на 29 јануари во Србија беа откриени пет тони марихуана, за кои првични информации беа дека потекнуваат од Северна Македонија. Во акцијата што ја спроведоа српските власти, еден од осомничените – српски државјанин, е косопственик на фабриката во Скопје.

Сепак, на прашање како петте тони во Србија излегле од земјава, Мицкоски одговори дека во овој момент ниту тој ниту македонското МВР не знаат дали петте тони во соседството се од Северна Македонија.

Видете и ова: Шверц под превез на медицината - игри во бизнисот со канабис

Покрај во фабриката во Скопје, останатите над 30 тони марихуана полицијата ги заплени од фирми во струмичко.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на 7 февруари го прозва поранешниот премиер Зоран Заев од СДСМ, кој претходно беше и градоначалник на Струмица, барајќи обвинителството да испита негова поврзаност бидејќи, како што тврди партијата, над две третини од марихуната е запленета од фирма на „кадар на СДСМ“.

Заев, пак, ги отфрли обвинувањата и најави тужба доколку не добие извинување.

„Безобразна лага е дека сум на кој било начин поврзан со случаите со канабис што беа презентирани пред јавноста“, вели Заев во објава на социјалните мрежи.

Во однос на акцијата, од МВР најавија дека таа ќе продолжи и во наредните денови и со детали ќе излезат кога истата ќе заврши. Досега нема информации за приведени или осомничени лица.

Акцијата се спроведува во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.