Македонски државјани кои се наоѓаат во Саудиска Арабија, Кувајт и Бахреин, а побарале да бидат евакуирани, денеска, 11 март, од Ријад ќе се вратат во земјава со специјален лет.
За евакуацијатa од Ријад се пријавени 153 патници. Од нив, 96 се од Катар, 33 од Кувајт, 15 од Бахреин и 9 од Саудиска Арабија.
„Имајќи предвид дека нашата земја нема склучено договор за воздушен сообраќај со Кралството Саудиска Арабија, предвидено е авионот да слета на аеродромот во Приштина, по што ќе биде организиран превоз за патниците до Скопје“, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ).
Шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски во понеделникот информираше дека во тек е координиран процес на евакуација на македонските државјани од повеќе земји на Блискиот Исток, кој се очекува да биде финализиран до крајот на оваа недела.
Видете и ова: До крајот на неделава евакуација на сите пријавени Македонци од Блискиот ИстокПред неколку дена со лет од Дубаи евакуирани беа 150 патници, од кои 125 македонски државјани, 11 државјани на Косово, 7 на Србија, по двајца државјани на Босна и Херцеговина и на Албанија и по еден државјанин на Германија, Ерменија и на Црна Гора.
Во Обединетите Арапски Емирати остануваат околу 200 македонски државјани кои, како што велат од МНРиНТ, првично се пријавиле за евакуација, но според нивните изјави во овој момент не изразуваат подготвеност да ја реализираат.
Претходно, во неделата 151 патник пристигна на скопскиот аеродром од Обединетите Арапски Емирати со лет на „Флај Дубаи". Повеќето се македонски државјани, еден е од Црна Гора, еден од БиХ, еден од Србија, двајца се од Косово, а четворица се со холандско државјанство.
На 5 март со владиниот авион беа евакуирани шест македонски државјани од Израел, кои полетаа од Шарм ел-Шеик, Египет.
Ваквите акции за евакуација од Блискиот Исток следуваат откако американскиот претседател Доналд Трамп на 28 февруари соопшти дека Вашингтон почнал големи „воени операции“ против Иран, во координација со израелските сили.
Нападите во Техеран беа насочени кон највисоките нивоа на раководството на Исламската Република. Иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, беше убиен во американските и израелските воздушни напади.
Од друга страна, пак, Иран испука стотици ракети и беспилотни летала насочени кон американските воени бази, како и клучни енергетски и комерцијални локации во Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Бахреин и Катар – сите американски сојузници.