Американскиот Конгрес одобри 200 милиони долари безбедносна помош за балтичките држави, во време кога руските активности долж источниот дел на НАТО се интензивираат.
Средствата беа одобрени оваа недела како дел од Законот за одбранбени апропријации за фискалната 2026 година и обезбедуваат континуирана поддршка од САД за Естонија, Латвија и Литванија преку Балтичката безбедносна иницијатива (BSI).
Пакетот за одбрана од 838,7 милијарди долари, потпишан од претседателот Доналд Трамп на 3 февруари, го потврдува финансирањето за безбедносна соработка со трите балтички држави, и покрај претходните обиди во Пентагон да ги намалат тие средства.
Дополнителни 10 милиони долари беа доделени на Естонија преку програмата за финансирање на странска војска во рамките на буџетот за странски мисии.
Тие средства претходно беа користени од Талин за набавка на муниција Химарс (HIMARS), ракети Џавелин (Javelin) и артилериски гранати со голем калибар.
„Ова е многу важно за одвраќањето и безбедноста на нашите балтички сојузници“, изјави за Радио Слободна Европа републиканскиот конгресмен Дон Бејкон, пензиониран бригаден генерал на воздухопловните сили на САД и копретседател на Конгресниот балтички клуб.
Видете и ова: По упадите на руските беспилотни летала, НАТО ја зајакнува одбраната на источното крилоТој истакна дека прашањето станало приоритет откако Министерството за одбрана сигнализирало намера да ја прекине финансирањето на програмата.
„Конгресот е посветен на силен НАТО сојуз и ние сме свесни дека е потребен посебен фокус на Балтикот“, рече Бејкон, истакнувајќи дека историјата ги покажува опасностите од повлекување од глобалниот ангажман.
„Мнозинството во Конгресот е посветено на НАТО и знае дека ни требаат сојузници за да им се спротивстават на Кина, Русија и Иран. Не можеме да го направиме тоа сами. Америка сама, значи послаба Америка“, рече Бејкон.
Трите балтички земји, сите членки на НАТО и силни поддржувачи на Украина, во последните месеци беа сведоци на нарушувања на нивниот воздушен простор од страна на руски авиони или беспилотни летала.
Како илустрација на зголемените тензии, три руски ловци МиГ-31 влегоа во естонскиот воздушен простор над Финскиот Залив во септември и останаа таму околу 12 минути.
Тој инцидент го наведе Талин да побара вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации и активирање на Член 4 од Северноатлантскиот договор, кој предвидува консултации меѓу сојузниците во случај на закана за една од членовите.
Бејкон нагласи дека руската војна против Украина, која се приближува кон својата четврта годишнина, претставува закана надвор од границите на Украина.
Исходот од тој конфликт, најголемиот и најсмртоносен во Европа од Втората светска војна, директно ќе ја обликува безбедносната средина на балтичките држави и другите ранливи соседи.
„Ако Украина падне“, истакна тој, „треба со сигурност да знаеме дека Молдавија ќе биде следна“, по што ќе следи зголемен притисок врз балтичките земји и Грузија на Кавказ.
„Не треба да бидеме неутрални. Треба да застанеме на страната на слободата и против диктаторскиот насилник, дециден е Бејкон.
Јасно политичка одлука
За балтичките лидери, гласањето на Конгресот со кое се одобруваат средствата е повеќе од само буџетска одлука.
Литванскиот министер за надворешни работи Кестутис Будрис, зборувајќи за РСЕ за време на неговата посета на Вашингтон на 4 февруари, нагласи дека регионот е фронтовска линија на НАТО.
„Оваа одлука е многу политичка по својата суштина“, рече Будрис, опишувајќи ја како доказ за силни трансатлантски врски и посветеност на балтичките земји да инвестираат во одбранбени капацитети произведени во САД.
Видете и ова: Новото руско нарушување на воздушниот простор предизвика тревога во НАТОБудрис, исто така, посочи на пошироката безбедносна средина, вклучувајќи ги руските и белоруските хибридни операции.
Тој рече дека Литванија и нејзините соседи стекнуваат искуство во спротивставувањето на тактиките што вклучуваат сајбер и информациска војна, инструментализација на миграцијата и деструктивни активности против цивилното воздухопловство.
„Треба да очекуваме да се појави утре или задутре во нови форми“, предупреди тој, опишувајќи го хибридниот притисок како трајна карактеристика на новата безбедносна реалност на Западот.
Двопартиска порака
Кристен Тејлор, заменик-директор на Иницијативата за трансатлантска безбедност во Атлантскиот совет, за РСЕ изјави дека законот доаѓа во време на зголемена итност, бидејќи руските активности долж источниот дел на НАТО се интензивираат.
„Овие средства се наменети за зајакнување на интероперабилноста и унапредување на воените капацитети на балтичките сојузници“, рече Тејлор.
Поважно, додаде таа, тие им даваат одредена сигурност на сојузниците кои се загрижени за посветеноста на Вашингтон кон европските партнери.
Законот за одбранбени средства беше усвоен во Претставничкиот дом со тесно мнозинство од 217 наспроти 214 гласови, додека беше поубедливо усвоен во Сенатот, 71 наспроти 29, пред претседателот Доналд Трамп да го потпише во сила.