Израел го проширува опсегот на напади кон северен Иран, горат енергетски објекти во Заливот

Експлозија во зоната на нафтената индустрија Фуџаира од остатоците од пресретнат ирански дрон претходно овој месец.

Израел го прошири опсегот на своите напади врз Иран доцна на 18 март, велејќи дека започнал воздушни напади на северот од земјата, а израелските медиуми објавија дека иранските воени бродови биле погодени на брегот на Каспиското Море.

Додека Израел напаѓал на север, тој исто така нападнал и ирански енергетски инфраструктурни објекти во Заливот, при што Техеран возвратил со пукање врз нафтените и гасните постројки на арапските земји од Заливот, при што веќе раширениот конфликт се заканува да излезе од контрола.

Нападот на Израел на север би бил прв во тој дел од Иран од почетокот на војната меѓу САД и Израел на 28 февруари, при што повеќето од неговите претходни напади биле фокусирани на Техеран, централен Иран и на запад.

„Израелските воздухопловни сили, дејствувајќи врз основа на разузнавачките информации на морнарицата и ИДФ, почнаа да напаѓаат цели во северен Иран за прв пат“, соопшти војската, осврнувајќи се на израелските одбранбени сили.

Според израелските медиуми, израелските воени авиони напаѓале ирански воени бродови во пристанишниот град Бандар Анзали на брегот на Каспиското Море.

Извештаите не можеа веднаш да бидат потврдени и немаше информации за ефектите од нападите.

Видете и ова: Одмазднички напади на Техеран по извештаите дека е погодена иранска нуклеарна централа

Веста за нападите на север доаѓа во време кога војната во Иран продолжува да се прелева со насилство во други области од регионот, при што Техеран ги таргетира сојузниците на САД, особено арапските држави од Персискиот Залив.

Иран напаѓа енергетски објекти, се заканува со уште повеќе

Иран се закани дека ќе нападне енергетски објекти низ целиот регион откако рече дека неговото масовно гасно поле Јужен Парс било погодено на 18 март во првиот пријавен напад врз инфраструктурата на земјата во Персискиот Залив откако започна кампањата за бомбардирање меѓу САД и Израел.

Израелските медиуми објавија дека нападот го извршил Израел со согласност на САД, но американскиот претседател Доналд Трамп подоцна изјави на Truth Social дека Вашингтон не знаел за нападот однапред, велејќи дека Израел „насилно нападнал“ врз клучниот енергетски објект.

Како одмазда, Иран издаде предупредување за евакуација на неколку нафтени објекти низ Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Катар, велејќи дека тие ќе бидат цел на напади „во наредните часови“.

Речиси веднаш, Катар пријави пожар во својот главен гасен центар, Рас Лафан, по наводниот ирански ракетен напад, при што беа распоредени екипи за итни случаи за да го контролираат пожарот, а државниот гигант QatarEnergy пријави „голема штета“.

Часови подоцна, наутро на 19 март, Иран соопшти дека повторно го нападнал објектот, а катарските претставници рекоа дека последните напади предизвикале пожари и „голема штета“ на локацијата. Подоцна, официјалните лица изјавија дека сите пожари се локализирани во гасниот центар.

Во своите коментари на социјалните мрежи доцна на 18 март, Трамп вети дека нема да има повеќе израелски напади врз „исклучително важната и вредна“ локација Јужен Парс.

Сепак, тој го предупреди Техеран дека американските сили „масовно ќе го дигнат во воздух“ целиот објект, ако Иран повторно го нападне Катар. Не беше веднаш јасно дали Трамп знаел за пријавениот втор ирански напад врз катарската локација.

Во друг очигледен напад врз енергетскиот сектор, Саудиска Арабија соопшти дека уништила четири балистички ракети насочени кон Ријад и пријави обид за напад со беспилотни летала врз гасен објект на исток.

„Фрагменти од една од ракетите паднаа во близина на рафинерија јужно од главниот град“, соопшти Министерството за одбрана.

И во Абу Даби во Обединетите Арапски Емирати, операциите беа суспендирани во гасниот објект Хабшан, бидејќи властите реагираа на два инциденти со паднати остатоци по пресретнувањето на ракета.

„Властите на Абу Даби реагираат на инцидентите во гасните објекти Хабшан и на нафтеното поле Баб предизвикани од паѓање остатоци од успешното пресретнување на ракети. Гасните објекти се затворени“, соопшти канцеларијата за медиуми на Абу Даби на 19 март.

Цените на нафтата растат

Цените на нафтата продолжија да растат поради стравувањата од големи нарушувања во глобалната нафтена индустрија, при што референтната сурова нафта Брент се зголеми за повеќе од 5 проценти на 112,84 долари за барел.

„Најголемата загриженост ќе биде потенцијалот за напади врз нафтоводот Исток-Запад на Саудиска Арабија или извозните капацитети на Црвеното Море, кои покрај Фуџаира нудат единствена значајна алтернатива на Ормускиот теснец“, изјави Торбјорн Солтведт, главен аналитичар за Блискиот Исток во компанијата за разузнавање на ризик „Вериск Мејплкрофт“, цитиран од Ројтерс.

Трамп изјави дека формира Коалиција за придружба на бродови низ Ормутскиот теснец, клучен воден пат за нафтениот сектор што Техеран ефикасно го затвори. Сепак, повеќето сојузници на САД одбија да се приклучат на напорите.

Видете и ова: САД ќе одговорат ако Иран се обиде да го затвори Ормускиот Теснец

Нападите доаѓаат во време кога режимот во Техеран продолжува да трпи смртоносни удари врз своето раководство.

Иран на 18 март ја потврди смртта на својот министер за разузнавање, Есмаил Хатиб, еден ден откако призна дека уште двајца високи функционери се убиени. Во Вашингтон, највисокиот американски разузнавачки службеник изјави дека владата на Иран „се чини дека е недопрена, но во голема мера деградирана од операцијата „Епски бес“, американското име за нејзината воена операција.

Шефот на разузнавањето Хатиб беше последниот во растечкиот број високи ирански личности кои се убиени откако долгогодишниот врховен лидер, Али Хамнеи, почина на 28 февруари, првиот ден од американско-израелската кампања. Неговиот син, ајатолахот Моџтаби Хамнеи, не е виден во јавноста откако беше именуван за нов врховен лидер.

Смртни случаи во Израел

Додека Израел продолжува да ги интензивира нападите врз Иран и Либан - напаѓајќи ја организацијата Хезболах, која е прогласена од САД за терористичка - тој исто така трпи жртви и штети од иранските одмазднички напади на своја територија.

На почетокот на 19 март, израелската служба за брза помош соопшти дека странски работник е убиен во Мошав Аданим за време на ирански ракетен напад, додека израелските медиуми соопштија дека едно лице е убиено од шрапнели во регионот Шарон.

На Западниот Брег, палестинските власти соопштија дека шрапнели што паднале погодиле фризерски салон, при што загинале најмалку три жени на 18 март, што е прв потврден палестински смртен случај поврзан со војната на Блискиот Исток.