Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека Вашингтон започнал „големи борбени операции“ против Иран, ставајќи го Блискиот Исток на работ на ескалација, додека сирени за воздушна опасност одекнуваа низ регионот по одмаздничките напади од Техеран.
Во видео-обраќање објавено на социјалните мрежи, Трамп на 28 февруари изјави дека неговата цел при наредбата за бомбардирање на Иран — извршено во координација со израелските сили — била „да го заштити американскиот народ со елиминирање на непосредните закани од иранскиот режим“.
„Оваа изјава не ја давам лесно. Иранскиот режим има намера да убива“, рече Трамп во видеото со кое ја најави операцијата, именувана од Пентагон како „Епска фурија“.
„Животите на храбрите американски херои може да бидат загубени и можеме да имаме жртви — тоа често се случува во војна — но ова не го правиме за сегашноста. Го правиме за иднината, и тоа е благородна мисија.“
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Трамп вети дека ќе ги блокира нуклеарните амбиции на Иран
Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) одговори на американските и израелските напади со лансирање во неколку наврати дронови и балистички ракети кон Израел. Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека операциите за пресретнување се во тек и подоцна информираа дека нови бранови ракети се насочени кон Израел.
Иран, исто така, истрела ракети кон цели во Абу Даби, Дубаи и Бахреин. Државните медиуми во Обединетите Арапски Емирати објавија дека едно лице загинало во Абу Даби, но без дополнителни детали.
Иранските медиуми јавија за експлозии во неколку градови, вклучувајќи ги Техеран, Табриз, Исфахан, Ком, Лорестан и Чабахар.
Видео и фотографии покажуваат најмалку еден голем облак од чад што се издига над главниот град.
Армија во движење: Американско распоредување поради тензиите со Иран
Трамп го обвини Техеран дека се обидува повторно да ја обнови својата нуклеарна програма, откако Соединетите Држави бомбардираа клучни објекти за време на 12-дневната војна меѓу Иран и Израел минатиот јуни. Тој рече дека САД имаат цел да ги уништат иранските ракетни капацитети и да ја „уништат“ неговата морнарица.
„Часот на вашата слобода е на дофат“, додаде Трамп, во очигледна порака до иранската јавност.
Трамп претходно вети дека „помошта е на пат“ за време на смртоносните јануарски протести против иранското свештеничко раководство, во кои, според извештаи, биле убиени илјадници луѓе. Техеран ги задуши немирите и ги обвини Соединетите Држави и Израел дека стојат зад нивната организација.
Нападите претставуваат драматична ескалација на тензиите на Блискиот Исток и речиси целосно ги уништуваат надежите за дипломатско решение меѓу Техеран и Вашингтон во врска со иранската нуклеарна програма.
Американски и ирански претставници одржаа нова рунда нуклеарни разговори со посредство на Оман во Женева на 26 февруари, што беше оценето како последен обид да се избегне голем воен конфликт меѓу двете страни.
Видете и ова:
САД и Иран ги започнаа клучните нуклеарни разговори во ЖеневаОманскиот министер за надворешни работи Бадр ал-Бусаиди, кој има долгогодишно искуство во посредување меѓу двете страни, изјави дека видел „значителен напредок“ и најави дека следната недела во Виена ќе се одржат технички разговори.
Тој рече дека е „разочаран“ од нападите врз Иран и дека тие го „поткопале“ мировниот процес.
„Преговорите меѓу Вашингтон и Техеран очигледно не се одвиваа онака како што Трамп би сакал“, изјави за РСЕ/РЛ Мајкл Хоровиц, независен одбранбен експерт со седиште во Израел.
„Дури и во однос на нуклеарното досие, Иранците не беа подготвени да попуштат во одредени аспекти што ќе му помогнеа на Трамп да го ‘продаде’ новиот договор како подобар од оној од кој се повлече за време на неговиот прв мандат. Јазот едноставно е преголем за да се премости преку разговори.“
Иран по американско- израелскиот напад
Експлозии најпрво беа пријавени во центарот на Техеран, а на социјалните мрежи се појавија фотографии и видеа на кои се гледаат облаци од чад што се издигаат над градот.
Новинската агенција Фарс, поврзана со Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), соопшти дека „неколку ракети“ ги погодиле улиците Данешгах (Универзитетска) и Џомхури (Република).
Засега нема информации за жртви. Агенцијата Тасним, која е блиска до ИРГЦ, објави дека иранскиот воздушен простор е затворен.
По нападот се огласија сирени низ Израел, а израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека им наложиле на жителите да останат во близина на заштитени простории.
Воените власти наведоа дека предупредувањето е превентивна мерка за да се подготви јавноста за можноста од одмазднички ракетен напад.
Видете и ова:
Криза меѓу САД и Иран: дипломатија или конфликт?Први реакции на ЕУ по нападот врз Иран
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, ги оцени настаните на Блискиот Исток како „опасни“ откако американските сили започнаа воени операции во Иран.
„Иранскиот режим уби илјадници луѓе. Неговите балистички ракетни и нуклеарни програми, заедно со поддршката на терористички групи, претставуваат сериозна закана за глобалната безбедност. ЕУ усвои силни санкции против Иран и ја поддржа дипломатската резолуција, вклучувајќи го и нуклеарното прашање“, објави Калас на платформата X (Икс).
Таа потврди дека разговарала со израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар и со други министри од овој регион, како и дека ЕУ тесно координира со арапските партнери за да разгледа дипломатски решенија.
Видете и ова:
МНР: Единаесет македонски граѓани побарале евакуација од ИзраелКалас потврди дека се повлекува неесенцијалниот европски персонал од овој регион со помош на конзуларната мрежа. Таа ја подвлече потребата од заштита на цивилите и предупреди дека меѓународното хуманитарно право мора да биде приоритет.
Шефицата на европската дипломатија потврди дека одбранбената операција за поморска безбедност под водство на ЕУ, под името ASPIDES, останува во состојба на висока подготвеност во Црвеното Море и е подготвена да помогне во одржувањето на отворен морски коридор.
Претседателот на Франција, Емануел Макрон пак, оцени дека нападите врз Иран носат сериозни последици за меѓународниот мир и безбедност. Тој потврди дека Франција свикала итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите Нации.
„Тековната ескалација е опасна за сите. Мора да запре. Иранскиот режим мора да разбере дека повеќе нема друг избор освен да се вклучи во преговори со добра волја за да ги заврши своите нуклеарни и балистички програми, како и своите акции за регионална дестабилизација. Ова е апсолутно неопходно за безбедноста на сите на Блискиот исток“, порача францускиот претседател.
Експлозии во Катар и Бахреин
Експлозии и сирени за воздушна тревога се слушнаа во Доха, главниот град на Катар. Катарското министерство за одбрана соопшти дека „успешно одбиле низа напади насочени кон територијата на земјата“, пренесува Би-Би-Си повикувајќи се на државните медиуми.
Катар е домаќин на воздухопловната база Ал Удеид, најголемиот американски воен објект во регионот.
Освен во Катар, експлозии се слушнаа и во Бахреин. Нивниот комуникациски центар соопшти дека сервисниот центар на Петтата флота на американската морнарица бил „изложен на ракетен напад“, според изјава цитирана од државната Бахреинска новинска агенција (BNA).
Во Бахреин се наоѓа седиштето на Петтата флота, чија зона на одговорност ги опфаќа Заливот, Црвеното Море, Арапското Море и делови од Индискиот Океан.
Немаше непосреден коментар од американската војска, иако американската амбасада претходно ги предупредила граѓаните да побараат засолниште поради пријавени закани од ракети и дронови над Бахреин.
Напад врз училиште за кој извести Иран
Сè уште се нејасни деталите околу наводниот американско-израелски напад врз училиште за девојчиња во Минаб, на југот на Иран.
Иранските официјални лица и државните медиуми тврдат дека во нападот загинале 40–85 лица, претежно млади девојчиња, додека објавените снимки прикажуваат урнатини и расфрлани училишни ранци.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан го осуди, како што наведе, „варварскиот чин“ кој „предизвикал длабока болка во срцата на иранската нација“.
Меѓутоа, на интернет се појавија и спротивни тврдења, главно од иранската опозиција, според кои нападот всушност бил погрешно испукана ракета на Корпус на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Според некои медиумски извештаи, во Минаб се наоѓа база на Корпус на исламската револуционерна гарда.
Снимката споделена на X (Икс), која наводно ги прикажува последиците од нападот, всушност ги прикажува последиците од нападот на талибанците врз воено училиште во Пешавар, во Пакистан, во 2014 година.