Париз го потсетува Скопје на „правилата на игра“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Ле Риголер: Гаранции за членство нема, но има јасен пат преку уставните измени

Франција нуди експертска и институционална поддршка за реформите, но отворањето кластери во македонските преговори со ЕУ е условено од уставните измени. Ова е период кога ЕУ покажува зголемена подготвеност за проширување, вели францускиот амбасадор во Скопје Кристоф ле Риголер во интервју за РСЕ.

Франција и понуди на земјава помош во спроведувањето на реформите потребни за евроинтеграцијата. Дали македонските институции ја прифатија вашата понуда ?

Се разбира и во секој случај знаете дека тоа е постојан став на Франција, постојано да се дава техничка помош и поддршка на земјите кандидатки. Тоа се случило многупати во минатото и Франција не е сама во рамки на ЕУ, којашто активно работи во Северна Македонија и ја дава својата експертиза.

Имаме неколку алатки на располагање и тројца меѓународни технички експерти коишто работат во Министерството за европски прашања, Министерството за животна средина и Министерството за правда и веќе имате една идеја за темите и приоритетите на нашата активност и соработка.

Исто така сме вклучени во реформа на јавната администрација, затоа што минатата година потпишавме со Министерството за јавна администрација договор за соработка и работиме за подготовка на новата академија за администрација во Северна Македонија.

Како ја оценувате моменталната подготвеност на Македонија за отпочнување на преговорите по кластери со ЕУ?

Мислам дека има неколку различни теми. Би почнал и логично е прво да зборувам за кластерот за фундаментални вредности, зошто што од токму тој кластер во текот на преговорите, се ќе почне и се ќе заврши. Тоа ќе биде првиот кластер којшто ќе се отвори и последниот којшто ќе се затвори.

Тоа е многу важно затоа што тука ги имаме сите теми- правда, владеење на правото, борба против корупцијата И многу е важно сето тоа, затоа што за отворањето на овој прв кластер Северна Македонија треба да достави три документи, а тоа се Патоказ за јавната администрација, патоказ за реформата за владеењето на правото и акциски план за малцинствата.

Работите напредуваат и идејата е државата да биде подготвена да го отвори тој кластер еден откако ќе биде завршена централната и најважна етапа, а тоа се уставните измени, така како што е предвидено во преговарачката рамка усвоена во 2022-та година.

Кога станува збор за спроведеното од Реформската агенда, податоците од мониторингот покажуваат дека земјава доцни со клучни законски реформи што ги ветила како што е нов Изборен законик и реформи во правосудниот систем. Како вие гледате на доцнењето во клучните сегменти од столбот на преговорите со Европската Унија?

Има една важна работа на која треба да се потсетиме за реформската агенда, за содржината, етапите и ритамот беа дефинирани од македонските власти. Тоа значи дека македонските власти се обврзале во овој процес да го спроведат. Потоа феномени на доцнење за спроведувањето на реформската агенда се работи коишто се случуваат. Знаеме дека реформската агенда којашто беше предложена од Северна Македонија и прифатена од европските партнери е амбициозен проект.

Колку сте поамбициозни, толку повеќе се наоѓате во состојба каде што е тешко да се држите до роковите и она што ние денес го забележуваме е важно затоа што е тоа и всушност најважното реформската агенда и политичката волја околу неа. Денес забележуваме дека кај премиерот, кај клучните министри постои вистинска политичка волја да се напредува на одредени теми, но согласни сме и дека треба да се усвојат реформите, да се спроведат, затоа што реформите не треба да бидат само реформи на хартија, туку треба да имаат директно влијание врз функционирањето на судството.

Видете и ова: И членството во ЕУ не би го запрело иселувањето на младите

И точно е дека јас пак ќе се навратам на тој пример во неколку реченици дека судството е сектор којшто е од суштинско значење. Тоа е од суштинско значење не затоа што тоа е барање од Европската Унија, туку затоа што тоа е нешто коешто навистина го очекуваат Македонците за поефикасно судство, побрзо судство.

И затоа има одредени реформи коишто треба да се усвојат, особено реформата на Кривичниот законик, законот за кривична постапка, за коруптивните акти побрзо да се третираат.

Има работи коишто одат во добра насока, како што беше усвоен новиот закон за судски совет којшто ни се чини е дека во добра насока, особено во поглед на транспарентноста и ефикасноста на ова тело и повторувам дека реформата на судството не е апстрактна реформа, таа има директно влијание врз животот на граѓаните, но исто така и врз работата на компаниите, но и атрактивноста и привлекувањето на странските инвестиции.

Ги спомнавте реформите во правосудниот систем, ги спомнавте реформите неопходни во фундаменталните права, според вас, што е најитно и најлесно спроведливо во моментов во земјава?

Мислам дека е токму тоа суштината, затоа што со ова се даваат одговори на очекувањата на граѓаните, односно подобрување на функционирањето на судството, но заедно со тоа и зајакнување на борбата против корупцијата, а тоа значи дека конкретно ќе треба оние коишто злоупотребиле јавни пари за лични цели треба да бидат осудени и да се спроведе систем на конфискација на имот поради коруптивни акти има друг сектор којшто за нас е многу важен, а со тоа се даваат одговори на барањата на граѓаните, а тоа е јавната администрација.

Да се има јавна администрација која е модерна и ефикасна, тоа значи дека таа треба да биде добро подготвена и обучена, и тоа и го правиме и не сами, туку со други европски партнери. Тоа е многу добро затоа што ги обединуваме напорите и работиме со министерот за јавна администрација за обука на државните службеници.

Видете и ова: Кинеските заеми носат ризик од политичка зависност на Балканот

Oсвен обуката којашто е од суштинско значење, постои и вработувањето и и критериумите за вработување на службеници во јавната администрација. Тоа е избор којшто зависи од властите во Северна Македонија, суверен избор, кој ќе одлучат да го изберат да работи во јавната администрација.

Ние само потсетуваме дека јавна администрација којашто е ефикасна може да биде остварлива особено кога, нели, се вработува според сопствени заслуги, а напредокот во кариерата на државните службеници се прави врз база на нивните вештини и квалитети.

Од една страна зборуваме за неопходните реформи за македонскиот пат кон евроинтеграцијата, а од друга страна, дали во овој период на глобални турбуленции во светот има клима за проширување со нови земји членки ?

Би кажал дека реално е дека денес се наоѓаме во контекст којшто можеби е историски каде што од една страна имаме европски институции, држави членки кои се благо наклонети политички за проширување на Унијата.

Се наоѓаме во период којшто кажавте и вие дека е доста комплициран и сложен и нема да биде првпат во историјата на ЕУ дека сложеноста на моментот и помага на ЕУ да направи нова етапа, да се прошири и да стане позрела. Нашето убедување е дека се наоѓаме во свет којшто брзо се менува, свет којшто е екстремно опасен да си го признаеме тоа, и да во рамки на ЕУ треба да се обединиме за да ги одбраниме нашите вредности, нашиот начин на живот, да ја зајакнеме безбедноста, заштитата и да одбраниме одредени вредности коишто ни се драги и кон кои граѓаните се приврзани.

Денеска постои вистинска можност. Но, ако ми го поставите ова прашање за две години ќе ви одговорам дека нема да знам, затоа што светот брзо се менува и ќе има други важни политички моменти во рамки на државите членки на ЕУ, затоа што состојбата не може да биде непроменлива и мислам дека ова е најдобриот период за проширувањето. Затоа треба да се искористи до максимум и затоа може да бидеме среќни, што гледаме забрзување на реформите и ги охрабруваме македонските власти уште повеќе да забрзаат во спроведувањето на реформите.

Во тој контекст една од пречките на македонскиот евроитегративен пат кои што и вие ги спомнавте во претходен одоговор се уставните измени, дали гледате политичка волја помеѓу македонската и бугарската влада за дијалог и реално надминување на пречките коишто се поставени?

Сега би сакал да направам разлика на две теми и треба да се разграничат за да не ги мешаме. Има една работа, а тоа е преговарачката рамка усвоена во 2022-та година во којашто е предвидено усвојување на уставните амандмани.

Сме го кажале тоа, сме го повториле и ќе повториме дека преговарачката рамка нема да се промени затоа што ја имаме, таа е прифатена од сите и денес во тие рамки евроинтерагативниот процес на Северна Македонија треба да се остварува, а тој минува низ усвојувањето на уставните рамки.

Видете и ова: Можат ли Скопје и Софија да „заиграат танго“?

Тоа е првата работа. Втората работа е дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија и треба тука да биде многу јасно затоа што идејата не е да се отвори билатерален дијалог за да се преговара одново компромисот од 2022-та или нешто друго. Тоа се две различни работи.

Европскиот компромис е европски документ, не е билатерален македонско-бугарски документ. А тоа значи дека ние во Франција сметаме, а мислам дека е тоа случај и со голем дел од нашите европски партнер, дека во актуелниот контекст би било важно да се воспостави подобрување на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Бугарија, затоа што имаше пропуштени можности во последните месеци и години и мислам дека е важно да се воспостави повторно довербата.

Не станува збор да се каже дека ќе треба да се сретнете и да зборувате за компромисот 2022. Не, затоа што Северна Македонија и Бугарија се соседни држави коишто можат да спроведат голем број на взаемна соработка, размени. И потпишувањето на договорот за изградбата на прекуграничниот тунел за делот од коридорот 8 после Крива Паланка е добар пример за она што може да се направи конкретно од областа на соработката меѓу двете држави. Го кажавме тоа и често го кажуваме дека ние Французите, но повторувам, дека тоа е случај и со други држави членки, дека ние сме спремни на европски план да помогнеме да се најде решение и да се излезе од ќорсокакот околу уставните амандмани, но затоа е потребно минимум доверба да се воспостави помеѓу Софија и Скопје.

Спомнавте пропуштени шанси во изминативе месеци и години, може ли да бидете поконкретен кога велите пропуштени шанси, особено во последните неколку месеци?

Ќе ви кажам, затоа што и вие знаете дека имаше одредени средби коишто се случија последните години или последните месеци, имаше и поводи за средби за повеќе да се разговара за она што не обединува отколку она што не оддалечува. Забележувате дека често има одредени теми коишто ги иритираат билатералните односи и некако често како да ја уништуваат динамиката којашто почнува да се воспоставува и тоа се работи кон кои треба да бидеме претпазливи.

Од двете страни забележуваме дека властите се обидуваат да ги смират работите кога се случуваат инциденти или се даваат одредени изјави, но никогаш работата не е толку едноставна и не го охрабрува на секојдневна основа обновувањето на односите.

Знаете јас овде сега се изразувам како амбасадор на Франција односно на држава членка на ЕУ, но треба Македонците и на Бугарите да го трасираат патот на соработка. Ние само сметаме дека Северна Македонија е држава којашто треба да биде членка во ЕУ и во интерес на сите е да има добри односи и да има навистина потраен дијалог со друга држава членка, а тоа е Бугарија.

Кога велите пропуштени шанси во изминативе неколку месеци, спомнувате дека, ако добро ве разбрав, станува збор за дијалог измеѓу Македонија и Бугарија и намерни провокации од властите на двете држави ?

Јас не кажав провокации од властите. Забележуваме сепак дека се случуваат инциденти. На пример, некој којшто ќе помине покрај бугарската амбасада и ќе го скрши стаклото, и други мали настани коишто нели се незгодни и во секојдневието не ни го олеснуваат животот.

Честопати во вашите јавни настапи посочувате дека „не постои апсолутна гаранција“ за членство. Но, од друга страна, владата често повторува дека од ЕУ бара гаранции во однос на уставните измени или за евентуалниот нов протокол со Бугарија. Како да се надмине оваа бариера ?

Во врска со гаранциите, познат е процесот на одлучување во рамките на ЕУ, едногласен, односно тоа значи дека 27 треба да бидеме на маса и согласни. Забележувате дека е тоа доста сложено и во овој контекст гаранциите се невозможни. На крајот на патот сепак ќе има договор за членство којшто ќе треба да го ратификуваат 27 или 28 или 29 држави членки, не знам и тоа не е едноставно.

Овде наместо гаранции јас мислам дека многу поважно е концептот на предвидливост, да знаеме кон каде се движиме. И ние имаме тенденција да сметаме дека преговарачката рамка од 2022-та ја дава таа предвидливост создавајќи или дефинирајќи кои би биле етапите коишто треба да се спроведат. А меѓу тие етапи првата е усвојувањето на уставните амандмани и нашиот став околу тоа е да кажуваме дека доколку утре уставните измени бидат усвоени што априори изгледа возможно затоа што кога го гледаме составот на собранието владата има широко мнозинство и не сметаме дека опозициските партии би се спротивставиле на таа важна етапа на патот на државата кон ЕУ.

Видете и ова: Заобиколување на ветото во ЕУ – (не)реална шанса и за Северна Македонија

Сметаме дека лесно би се спровеле уставните амандмани и нашиот влог е следниот. Усвојувајќи ги уставните измени, Северна Македонија ќе воспостави динамика. Динамика на својот сопствен пат.

Уставните амандмани ќе бидат усвоени за реформите и ќе се напредува многу и легитимно може да сметаме дека неопходните документи за отварање на кластерот еден се подготвени и спремни за усвојување и ќе се отпочне нова реална динамика.

Денес сме во динамика којашто не постои, затоа што процесот е запрен и би сакале процесот повторно да отпочне. А кога ќе отпочне тогаш динамиката и односите во рамки на ЕУ ќе бидат поразлични.

Како ја оценувате македонско-француската економска соработка?

Ќе бидам многу искрен, инаку со разочарување ќе кажам дека економското присуство во државата е многу слабо. Ние работиме на одредени економски проекти за кои, некои од нив се многу напреднати во сектори коишто се важни за државата, но не напредуваат брзо работите. Тоа создава фрустрации. Често зборуваме и тоа е дел од билатералниот дијалог што го имаме со политичките власти во државата.

И мислам дека од двете страни знаеме точно каде сме, што треба да се направи, кој потенцијал го поседуваме. Не оди брзо, не е лесно. Затоа што кога ќе треба стратегиите и развојот да соодвествуваат со политичките одлуки, никогаш не е лесно.

Затоа е потребно време, а кога треба време тоа е фрустрирачки затоа што сме нетрпеливи, сакаме да оди побрзо и проектите да може да се остварат побрзо. Проектите за кои француските компании работат се важни за државата, но исто така и за населението.

Во кои сектори гледате најмногу можности за интензивирање на економската соработка?

Секторите коишто се најважни за нас и за кои навистина имаме интересни пективи во иднина е енергетскиот сектор, транспортниот сектор, здравството и одредени сектори коишто се дел од сувереноста на државата. Станува збор за теми коишто се важни, затоа што тие сектори директно влијаат на секојдневниот живот на граѓаните.

Ова е последното интервју на Радио Слободна Европа на македонски јазик, со ова згаснува еден од неколкуте независни медиуми во земјава. Како според вас, згаснувањето на независни медиуми како РСЕ ќе се одрази врз медиумскиот и демократскиот простор во Македонија?

Принципиелно секогаш е тажно да се присуствува на исчезнувањето на еден медиум. Она што го прави богатството на медиумскиот свет е плуралноста.

И денес во Европа имаме предизвици коишто се големи, особено во поглед на информирањето и тоа го забележуваме нели со големи економски групации коишто стануваат дел од медиумите, што може да претставува голем проблем за независноста на медиумите и тоа го забележуваме и со зајакнувањето на дезинформациите или лажните вести коишто се шират на социјалните мрежи, но и не само на нив.

Видете и ова: Слободна Европа на македонски низ годините

И мислам тоа е контекст во којшто треба да бидеме особено претпазливи, претпазливи за квалитетот на информацијата којашто ја даваме на граѓанинот, плуралноста на информацијата и капацитетот на сите нас да разграничиме она што е вистина и она што е дел од дезинформации. Знаеме колку дезинформациите можат да бидат опасни за една демократија, па и за нашата безбедност.

И да, ќе кажам дека исчезнувањето на медиум како вас е навистина тема којашто се поставува со плуралноста и независноста на медиумите и сите колективно овде, но впрочем како во сите други европски држави треба да бидеме претпазливи затоа што станува збор за демократски предизвик.