Европски пари: ветени милиони, бавни реформи

Евро-комесарка за проширување Марта Кос и премиерот Христијан Мицкоски, Скопје, Јуни 2025

За Северна Македонија се предвидени вкупно 750 милиони евра, доколку Владата успешно се придржува до домашните реформи кои самата ги ветила пред европските институции. До сега од ЕУ во македонскиот буџет се слеале помалку од една третина од предвидените.

Ако ја споредиме Северна Македонија со студент кој сака да вклопи во Европската Унија, тогаш европскиот План за раст може да се спореди со стипендија која ја финансира Европската комисија. Студенстските стипендии се условени со успехот во научените лекции и сработените домашни задача.

Според досега постигнатото, дел од стипендијата пристигна на сметка со цел подготовка, но студентот (во ситуацијава – државата) веќе почнал да испушта рокови за клучните испити во третиот семестар. Тоа значи дека наредните рати од „стипендијата“ ќе бидат блокирани додека не се положат заостанатите испити.

Вака метафорично може да се опише македонскиот напредок во европската Реформска агенда за која разговараа политичките лидери на неодамнешниот состанок. Станува збор Планот за раст на Западен Балкан тежок шест милијарди евра, со кои се финасираат кандидатите за членство во Унијата, побрзо и поефикасно да ги постигнат европските стандарди уште пред да станат членки во ЕУ.

Видете и ова: Ако нема реформи до 2027, парите од Планот за раст ќе се вратат во ЕУ

За Северна Македонија се предвидени вкупно 750 милиони евра, доколку Владата успешно се придржува до домашните реформи кои самата ги ветила пред европските институции.

Тоа се реформи кои се многу повеќе од усогласување на закони, тие значат поквалитетен живот, поефикасни услуги, чиста животна средина и дигитална трансформација.

Планот за раст беше најавен во 2023 година од ЕУ, по што беше одобрена и македонската Реформска агенда 2024 – 2027 чија цел е да се забрзаат клучните реформи во земјата.

Според податоците од мониторингот на напредокот, земјава е во фаза каде што започна со повлекување на пари за претфинансирање, но веќе доцни со клучни законски реформи како што е нов Изборен законик и реформи во правосудниот систем, што директно ги става под ризик милионските транши поврзани со конкретни задачи.

Скопје досега доби само 25,6 од можни 87,7 милииони евра од европскиот План за раст

Ако македонските институции ги завршеа во целост зацртаните 21 задача од Реформската агенда заклучно со јуни 2025 година, државата ќе можеше да добие бруто износ од 87,7 милиони евра од европскиот План за раст“.

Но, според оценката на исполнетите задачи дотогаш од Европската комисија, биле одобрени речиси една третина од таа вредност, односно 25,6 милиони евра.

Овие пари се однесуваат на целосно исполнети само 6 од предвидените 21 реформа. Овие податоци ги покажува дата базата на Институтот за европска политика (ЕПИ) за „Следење на реформи и растот во Западен Балкан“.

За втората половина од 2025 година и зацртаните нови 29 реформи како потенцијал на Северна Македонија и стојат на располагање нови речиси 135 милиони евра.

Но, колку пари од овие ќе може да добие земјава ќе се знае најдоцна до март следната година, откако Европската комисија ќе направи проверка дали задачите се исполнети во рок.

Неисполнети 44 од вкупно 60 реформски задачи

Дополнително годинава течат и два грејс периода во кои земјата треба да ги исполни и претходните заостанати 15 задачи.

„Со вкупно 44 реформски чекори заклучно декември 2025, потребна е значително посилна стратешка координација меѓу институциите за да се избегнат доцнења и неусогласена имплементација“ вели истражувачката во ЕПИ Фикрија Таир-Селмани која одблизу ги следи реформите.

Таа објаснува дека годинава е неопходно да се направи јасна поделба на задачите меѓу институциите и консултации со граѓанските организации кои се стручни во областите.

„Со оглед на тоа што бројот на реформски чекори од период до период се повеќе се зголемува, потребна е добра меѓу-институционална соработка и планирање, за успешно и навремено да се реализараат рефорските чекори согласно зацртаните крајни рокови и во согласност со „грејс периодот“ и ослободување на средства од Инструментот за реформи и раст“, вели Таир-Селмани.

Видете и ова: Во април првата транша за Северна Македонија од Планот за раст

Министерството за дигитална транспформација ја помина годината со „петка“ од ЕК

Според анализата на ЕПИ, областа дигитална транизиција забележува најголем напредок во периодот на оценување со вкупно остварени 3 од 4 реформски чекори. Станува збор за донесување на закони од областа на кибербезбедност, електронски документи и архивирање.

Други задачи кои добиле „петка“ од ЕУ се измената на законот за трговски друштва и донесувањето на Законот за Јавна внатрешна финансиска контрола (PIFC).

Правосудниот систем со најмногу незавршени домашни задачи

На списокот со „заглавени реформи“ најмногу простор зафаќаат правосудните. Тие се дел од основниот кластер „ фундалментални права и владеење на право“.

На пример клучниот закон за Судски совет е усвоен на 29 декември, со 198 дена доцнење. Неговото усвојување во Собрание беше предвидено со Реформската агенда да се случи до 30 јуни 2025. За исполнување на оваа задача во рок, Европската Унија предвидела награда од 6,4 милиони евра. Но, овој закон пратениците го изгласаа на само три дена пред истекот на грејс периодот за него.

Дополнително, Министерството за правда во последните три дена од годината отвори дебата за неколку предлози за системски измени на законите за Академија за судии и обвинители, закон за здруженија и фондации и закон за помилување.

Видете и ова: Идното финансирање од ЕУ ќе биде условено со „конкретни резултати“

Во неспроведените задачи од Реформската агенда стојат измени на законот за плати на судии и обвинители, тема која што го привлече вниманието на јавноста поради ставот на премиерот Христијан Мицкоски, дека неосновано се бара раст на судиските и обвинителските плати, во ситуација, како што вели, на ниска доверба во судскиот систем.

Владата пред Европската Унија се обврзала и дека ќе вработи квалитетни кадри во судовите, обвинителството и Агенцијата за управување со одземен имот, како и правни чекори за олеснување на пристап до финансиање на мали и средни претпријатија, задачи кои до сега не се исполнети.

И Министерството за енергетика не си ја завршило задачата во делот на реформските чекори за Енергетска транзиција. На последниот состанок во ноември, оттаму соопштија за значителни доцнења во постапките за поврзување на пазарите и во транспонирањето на регулативите на ЕУ, поради, како што велат, нивната техничка сложеност и долгите процедури за одобрување.

„Во меѓувреме, продолжува работата на мерењето на енергетската сиромаштија, плановите за декарбонизација и воведувањето нови дигитални услуги за ранливите потрошувачи,“ се вели во нивното соопштение.

Но, новиот модел на финансирање базиран врз резултати е сериозен и суштински предизвик за државата, вели Андреа Стојковски од Преспа институтот, кој работи на истражувања и анализи за забрзана европеизација на земјава. Токму реализацијата на само 6 од 21 задача во периодот до јуни 2025 година укажува на системски слабости.

„Овој значителен јаз меѓу планираното и оствареното ја открива длабоката слабост на системот кој влегува во Performance Based рамка со сериозни структурни недостатоци.“ додава тој.

Според последниот извештај за напредокот на земјава од Европската Комисија, Северна Македонија со години одржува умерено ниво на подготвеност за преземање на обврските од членството во ЕУ, но со бавен напредок. Клучната забелешка е дека без активен процес на преговори, реформите многу бавно се спроведуваат, а овогодишните поместувања во најголема мера се должат токму на обврските од Реформската агенда, како дел од Планот за раст.