Европската комисија има контрамерки на располагање доколку американската администрација ги спроведе своите закани и воведе дополнителни царини за поединечни земји-членки на ЕУ, изјави во понеделник портпаролот на Комисијата, Олоф Гил. Но, исто така, тој нагласи дека европските институции се „воздржани“ и се залагаат за консултации.
„Имаме средства на располагање и сме подготвени да ги искористиме за да ги заштитиме нашите економски интереси“, рече Гил, додавајќи дека ЕУ е за консултации наместо за ескалација.
Тој потврди дека европската страна е „во постојани консултации со американската страна“ на сите нивоа, вклучително и на политичко, со цел да се најде решение.
Потпретседателот на Европската комисија, Стефан Сежурне, оцени дека заканата на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување дополнителни царини за европските земји е „школкси пример за принуда“.
„Она што го доживуваме е школски пример за принуда. Можеби првиот чекор е Европската комисија да препознае дека се користи трговски инструмент, во овој случај царини, за да нè уценуваат да се откажеме од Гренланд. Ова е школски случај, а дефиницијата за принуда е многу јасна во европските текстови“, изјави Сежурне за француско радио.
Видете и ова: Земји од НАТО предупредуваат дека американските царини за Гренланд би можеле да ги загрозат сојузничките односиЛансирањето на европскиот „инструмент против принуда“ го побара францускиот претседател Емануел Макрон кратко откако американскиот претседател објави дека ќе воведе царини за одредени европски земји бидејќи тие јавно се спротивставија на неговите напори да ја преземе контролата врз Гренланд и испратија воен персонал на островот за поддршка на Данска и за присуството на НАТО.
Ова е инструмент на Унија во областа на трговијата и надворешната политика што ѝ овозможува на ЕУ да одвраќа, да одговара и да се спротивставува на економската принуда од трети земји против целата Унија или нејзините земји-членки. Инструментот стапи на сила во декември 2023 година, но досега ниту една не беше активиран.
Претседателот на САД се насочи кон осум европски земји: Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска и Велика Британија.
На 18 јануари, овие земји излегоа со заедничка изјава во која наведоа дека „царинските закани ги поткопуваат трансатлантските односи и ризикуваат опасна спирала надолу“.
Кризата во односите меѓу ЕУ и САД околу Гренланд ќе биде разгледана од шефовите на држави и влади на итен самит свикан од претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во четврток, 22 јануари.
Видете и ова: Кошта свика итен самит на шефовите на држави и влади на ЕУ за ГренландЕУ има пакет контрамерки на располагање
Доколку дипломатијата не успее, ЕУ би можела да го оживее пакетот контрацарини од 93 милијарди евра насочени кон листа на американски индустриски и земјоделски производи опфатени со итни мерки – од јахти до соја.
Пакетот беше подготвен минатата пролет, откако американскиот претседател во април најави високи царини. Мерките беа привремено суспендирани откако Трамп и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, постигнаа договор за трговските односи.
Портпаролот на Европската комисија потврди дека суспензијата на пакетот автоматски ќе истече на 6 февруари, што значи дека контрацарините ќе стапат на сила следниот ден, освен ако ЕУ не одлучи да ја продолжи суспензијата.
Германскиот министер за финансии Ларс Клингбаил рече дека Европејците нема да дозволат да бидат уценувани и предупреди оти ЕУ има „широк спектар на опции“ за да одговори на заканите на Трамп.
„Имаме царински договор во Европскиот парламент кој треба да се ратификува и за кој сè уште не е донесена одлука. Засега е на чекање. Во Европската унија усвоивме контрамерки кои не можат да се продолжат и би можеле да стапат во сила на почетокот на февруари“, рече германскиот министер за финансии пред состанокот на министрите одговорни за економски и финансиски прашања.
Тој нагласи дека мерките сега мора да се анализираат и подготват во случај претседателот Трамп да воведе царини, но додаде дека сè уште верува во дијалог со САД.
„Не сакаме ескалација, не бараме ескалација, но сме подготвени за моментот кога ќе се случи“, рече Клингбаил.
Видете и ова: Земји од НАТО предупредуваат дека американските царини за Гренланд би можеле да ги загрозат сојузничките односиГерманскиот министер се обрати пред новинарите заедно со својот француски колега Роланд Лескир, кој оцени дека Европејците денес живеат „на непозната територија“.
„Никогаш порано не сме биле сведоци на она што се случува сега. Сојузник и пријател од 250 години размислува за воведување царини. Не ни се допаѓаат царините, но особено не ни се допаѓа нивната употреба како геополитичко оружје“, рече францускиот министер.
Тој додаде дека Европа мора да биде силна и да се погрижи заканите да не станат реалност.
„За да го постигнеме тоа, мора да покажеме дека сме подготвени да ги користиме сите инструменти што ни се на располагање – без разлика дали станува збор за царини, трговски договори или мерки против економска принуда“, нагласи Лескир.
Францускиот министер потврди дека се работи интензивно со другите земји-членки во пресрет на самитот закажан за 22 јануари, со цел ЕУ да може да излезе со единствен став за американските царини.