Државниот завод за ревизија при ревизија во Министерството за односи меѓу заедниците за 2024 година констатирал кусоци на материјални средства, вклучувајќи 30 преносни компјутери, исплата на 61 процент на име плата на вработените без да се обезбедат податоци за нивното присуство на работа и точење нафтени деривати во возила за кои не може да се потврди дека се во сопственост на Министерството.
Како што соопшти ДЗР, евидентирани се неправилности во однос на објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики. Со извршената ревизија, утврдиле состојби кои укажуваат на слабости при начинот на евидентирање и користењето на средствата со кои располага Министерството за односи меѓу заедниците.
„Ревизорите утврдија нецелосно спроведен попис на средствата и обврските со состојба на 31.12.2024 година, при што 28 проценти од вкупните основни средства со сегашна вредност од 1.565 илјади денари, односно 25.360 евра, не се пронајдени при вршењето на годишниот попис на основни средства, а како резултат на невоспоставена пракса на издавање реверси за задолжување на вработените со опремата која им е доделена на користење, исто така 30 преносни компјутери не се пронајдени со пописот“, се вели во извештајот од Заводот за ревизија.
Видете и ова: ДЗР: Ризик од небезбедни козметика и детски играчки на македонскиот пазарСо извршена ревизија на документацијата за реализација на Програмата за финансирање на активностите на здруженијата и фондациите за 2023 година, утврдена е состојба според која на 33 здруженија и фондации им се исплатени средства во износ од 19.800.000 денари, односно 320.900 евра.
Ревизорите наведуваат дека Програмата е донесена со задоцнување во октомври 2023 година, кога е објавен и јавниот повик за финансиска поддршка на здруженијата и фондациите, а не во рок од 30 дена по донесување на Буџетот како што е уредено со Кодексот на добри практики за финансиска поддршка на здруженијата на граѓани и фондации.
Радио Слободна Европа веќе пишуваше дека дел од луѓето кои добиле државни пари за невладини организации преку ова Министерство кога со него раковдеше Артан Груби, биле луѓе блиски до него и партијата ДУИ.
Видете и ова: Државни пари за невладини во рацете на дел од административците на ДУИНекои од невладините кои ги добиле грантовите се вработени во администрација на централно или локално ниво, а некои се дел од институции каде што се политички назначени од владејачката партија ДУИ. При проверката на основачите на невладините организации РСЕ наиде на имиња на луѓе од Скопје, Тетово и Струга, кои во одредени временски периоди се поврзуваат со владејачката ДУИ.
Во одделението за соработка со здруженија и фондации во 2024 година во периодот на реализација на програмата, од девет предвидени работни места, не било пополнето ниту едно. Исто така, Комисијата за распределба на финансиски средства за финансирање на програмски активности на здруженија и фондации од буџетот на Министерството составена од 18 членови од повеќе државни институции, не обезбедила документација за извршеното бодирање на апликациите од страна на секој член на комисијата за 138 поднесени апликации опфатени со Предлог ранг листата.
Исто така здруженијата и фондациите кои се стекнале со правото на користење средства од Министерството, дел од документацијата ја доставиле на албански јазик, без превод на македонски јазик, што не е во согласност со одредбите на Законот за употреба на македонскиот јазик.
Видете и ова: ДЗР: Исти лица преку повеќе фирми добивале средства за проекти од Фондот за иновацииВо однос на реализација на договорите за јавни набавки ревизорите констатирале дека во известувачкиот период на име трошоци за нафтени деривати исплатени се средства во износ од 516 илјади денари, како што соопштуваат, без да се врши контрола на регистарските таблици и видот на набавеното гориво. Тоа значи дека било овозможено моторни возила кои не се во сопственост на Министерството или возила за кои нема податок за регистарски броеви да полнат гориво, односно да набавуваат течен нафтен гас кој не е предвиден како вид на гориво во склучениот договор за набавка.
„При спроведување на две постапки ревизорите утврдиле дека за понудената цена, за сервисирање на возила од 0,01 денар за 1 работен час и за провизија од 0,01 проценти од износот на угостителската услуга, комисиите не побарале објаснување за понудената невообичаено ниска цена. Притоа, во дел од фактурите за сервисирање на возилата за 2024 година вршена е замена на делови кои не се предвидени со листата во тендерската документација, за дел од ставките фактурирани се цени кои се неколку пати повисоки од прифатената понуда, а за извршените услуги не се доставени работни налози како прилог на фактурите“, се наведува во извештајот на ревизорите.
Актите за внатрешна организација и систематизација на Министерството, во период од нивно донесување во 2019 година па се до 2025 година изменети се шест пати, со добиени согласности. Заклучно со 31.12.2024 година од предвидените 2 556 работни места пополнети се 244 работни места односно пополнетост од 10 проценти поради неизвршени усогласувања со одредбите од законот што влијае на реалното согледување на потребните капацитети на Министерството.