Инвестициите во семејните политики недоволни: Растењето деца сѐ поскапо

Илустрација

Резиме

  • Tрошоците на живот во ноември пораснале за 4 отсто во споредба со истиот месец лани – пресмета Заводот за статистика.
  • Според невладиниот сектор, трошоците за одгледување дете се од 150 до 200.000 денари годишно, што е предизвик за домаќинствата во услови кога просечната плата е 45.466 денари
  • Властите пак, тврдат дека зголемувањето на наталитетот е приоритет, но Центарот за еднаквост и правда објави дека актуелните семејни политики не се доволни.

Живеачката станува сѐ поскапа, а тоа ги чини родителите постојани калкулации за туркањето на секој нареден месец во кој трошоците растат. Новата анализа на Центарот за еднаквост и правда покажа дека трошоците за одгледување дете се движат од 150 до 200.000 денари годишно, или на месечно ниво, од 12 до 16.000 денари, додека просечната плата е над 45 илјади денари.

Финансискиот товар е уште поголем кај самохраните родители и кај семејствата во кои расте дете со попреченост или со хронична болест.

„Иако сум 39 години, се чувствувам како да имам 80. Самата состојба на детето, стресот од борбата со институциите предвреме нѐ остареа и со сопругот се снаоѓаме како знаеме и умееме, а како што децата растат, така растат и трошоците“, вели за Радио Слободна Европа, Ирена Николовска Ристановска.

Таа е мајка на две деца - четиринаесетгодишниот Лука кој има аутизам, но и ретка болест, и деветгодишната Јована која има бубрежно заболување. Посебниот месечен додаток кој го земаат од државата изнесува 7.800 денари, пари кои не се доволни за да се купи потребната суплементација за Лука.

Неговата мајка за РСЕ вели дека трошокот за суплементи месечно се движи од 10 до 12.000 денари, а овде е и безглутенската храна која нему му е неопходна.

„Едно безглутенско лепче некаде е 125, а некаде 145 денари. Тоа за леб е голема сума“, додава Ирена.

Но покрај трошоците за храна, Ирена и нејзиниот сопруг од свој џеб го плаќаат превозот до Скопје секогаш кога го носат Лука на специјалист каков што нема во нивниот град.

„Потрошени семејства во секоја смисла на зборот“

Растргната во борбата да обезбеди што повеќе за своите деца, таа мора да го скратува времето кое го поминува со нив и да работи втора работа покрај редовната.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Како да градиме попозитивен став кон лицата со аутизам секој ден?

Но, заработените средства повторно не стигнуваат за семејството да замине на одмор.

„Јована минатото лето беше отидена до Претор само три пати на по еден ден. Кога почна учебната година таа беше тажна, бидејќи децата раскажувале дека водата била солена, а таа нема воопшто претстава како изгледа тоа. Семејствата во кои има дете со попреченост се потрошени во секоја смисла на зборот. Сметам дека државата треба да обезбеди бесплатен одмор за целото семејство во една ваква ситуација, но и кога се во прашање еднородителските семејствa“, посочува Ирена.

Таа и Јована ќе останат дома зимава, додека Лука и неговиот татко ќе бидат на зимување кое ќе им го обезбеди Министерството за социјална политика кое ги плаќа трошоците само за детето и еден придружник.

Но додека Лука го исчекува заминувањето на планина, државата до неодамна доцнеше со исплатата на посебниот додаток. Така, родителите на овој тинејџер морале да позајмуваат од свои пријатели, бидејќи во живеењето од „ден за ден“ не се во можност да заштедат.

Трошоците највисоки кај новороденчињата и тинејџерите

А вака изгледа секојдневието и на многу други родители чии деца се со попреченост или со хронична болест. Нивните потреби и трошоци често се многу повисоки од оние на останатите семејства, но и многу понепредвидливи.

Ова го покажа неодамнешната анализа на Центарот за еднаквост и правда, кој пресмета дека годишниот трошок за растење на едно дете во Северна Македонија се движи од 150 до 200.000 денари. Тоа значи дека само за едно дете, месечно се потребни од 12 до 16.000 денари.

Центарот нотирал дека со зголемувањето на бројот на деца се зголемува и стапката на сиромаштија. Затоа, како што покажува анализата, државата треба да ги ревидира политиките, за тие подобро да ги одразуваат реалните трошоци според приход и број на деца.

Трошоците за детето почнуваат уште пред неговото раѓање, па гледано по возрасна група, тие се највисоки за новороденчињата. Од три до шест години се намалуваат, за потоа постепено пак да се зголемуваат и да „кулминираат“ во тинејџерските години на детето.

„Во првата година од животот на детето, потребни се околу 190.000 денари бидејќи овде спаѓаат и влезните трошоци кои се однесуваат на количка, креветче, седиште за во автомобил, транспортер и така натаму. Тоа е навистина висок износ за новите родители, особено поради тоа што поддршката од страна на државата не е соодветна и не е многу голема“, вели за РСЕ, Неда Чаловска-Димовска од Центарот за еднаквост и правда.

Видете и ова: Тужба за државата за дискриминација на земјоделките – немаат ни платено породилно, ни боледување

За потребите на анализата, анкетирани се 646 родители со онлајн прашалник, а реализирани се и разговори со четири фокус групи. Дел од родителите споделиле дека нивната општина не обезбедува еднократна помош за новороденче, а во некои општини пак, таа се однесува само на семејствата со ниски приходи.

Но, она што малкумина од родителите го знаат, дека еднократна помош може да добијат и од Министерството за социјална политика, демографија и млади. Соговорничката на Радио Слободна Европа вели дека самата држава треба да ги информира родителите за ова право, кое може да го остварат независно од висината на приходите. При тоа, паричната помош за прво дете е 5.000 денари, а за второ 20.000.

Бесплатно образование со скриени трошоци на грбот на родителите

Анализата дава забелешки за „бесплатното образование“ во кое родителите посочиле на низа скриени трошоци за материјали за учење, хигиенски средства, како и дигитална опрема. А пред детето да тргне на училиште, неговите родители се финансиски оптоварени поради недостигот на капацитети во јавните градинки.

Оттука, жените остануваат неактивни на пазарот на трудот, а поради ограничениот опфат на деца до шестгодишна возраст, над 75.000 деца во целата држава не можат да се вклучат во државното предучилишно образование.

Повикувајќи се на овој податок до кој претходно дојде Заводот за ревизија, Центарот за еднаквост и правда препорачува државата да го подобри системот на грижа.

Чаловска-Димовска вели дека додека се градат новите градинки, надлежните треба да обезбедат алтернативни можности за згрижување.

„На пример, физички лица да можат да се регистрираат па во мали групи да чуваат деца и на тој начин може да се поттикне економското јакнење на жените. Наш предлог е уште многу одамна да се реши проблемот со договорите на определено и дискриминацијата што ја трпат бремените жени. Така што, не е дека само треба да се зголеми надоместокот односно директната помош, туку треба да се воведе сет на мерки што ќе ги охрабри семејствата да не осиромашуваат со имањето деца“, додава таа.

Видете и ова: (Не)редовни вежби за евакуација во училишта и градинки

Родителите кои учествувале во изготовката на анализата, реагирале дека цените за училишниот прибор годинава биле повисоки од лани. Затоа, некои од нив одлучиле потребните работи да ги купуваат постепено низ годината.

„Тетратка сега чинеше 200 денари, а лани беше 80. Пенкалата ги купуваме постојано, само тие ги користат“, изјавила мајка на ученик во гимназија.

Недостигот на учебници е еден од најчестите проблеми. Родителите често се принудени да ги фотокопираат учебниците, што создава дополнителни трошоци, кои законски треба да се покриени од страна на државата. – се вели во документот.

Ревидирани политики за реален одраз на трошоците

Понатаму, се забележуваат и различни практики за униформи. Иако некаде тие се задолжителни, трошокот паѓа на родителите. Дополнително, трошоците растат и со активностите кои децата ги имаат надвор од редовната настава, како спортски активности, јазични курсеви и слично.

Родителите од фокус групата споделиле дека учеството на нивните деца во летни и зимски кампови, особено спортски и натпреварувачки, е значајно за личниот развој, но често претставува сериозен финансиски предизвик.

„Имаше натпревари надвор од државата, минимум 200 евра само за патување, па затоа го отпишав“, истакнала мајка на дете што тренира кошарка.

Според неа и останатите родители, иако камповите се важни за социјализација, физичка активност и развој на таленти, нема системска поддршка или субвенции, а децата кои не можат да си дозволат вакви активности, често се чувствуваат изолирано од врсниците.

Дека со растењето на децата, растат и трошоците за нив, потврдува Марина. М од скопски Аеродром, мајка на две машки деца.

„Кога беа помали, јас одбирав каква облека ќе им купам, сега тие бираат и тоа чини многу. Понатаму, секое излегување на мојот тинејџер во град е прилично „скапо“. Надвор од редовните обврски и потреби, тука се и приватните часови пред тестови, спортски тренинзи, курсеви и слично. Ако на ова ги додадам и непланираните трошоци за некои училишни активности, излегува дека е далеку од евтино да се порасне дете во Македонија“, вели Марина за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Барање - државата да субвенционира деца во приватни градинки

Според неа, финансискиот товар за родители би можел да се олесни и доколку училиштата обезбедат бесплатен оброк за децата.

Токму ова, е и една од препораките на Центарот за еднаквост и правда, кој предлага за основците и средношколците да се следи примерот со субвенционираниот студентски оброк. Меѓу препораките е и мерката за бесплатен спорт и поддршка од државата за дигитална писменост, бидејќи учениците имаат се поголема потреба од дигитални уреди во процесот на учење.

Центарот во својата анализа, Центарот предлага самите училишта да развијат бесплатни програми за згрижување на деца до десет години, „со оглед дека сегашното решение со грижа во градинките не функционира и родителите се изложени на трошоци за згрижување на децата или пак, на неплатен труд од страна на родителите или други членови на семејството“.

Од Министерството за образование и наука во писмен одговор до РСЕ, потсетуваат дека со процесот на децентрализација, од 2005 година основните и средните училишта се под надлежност на општините, односно на Градот Скопје.

Иако Министерството ги обезбедува средствата за финансирање на образовната дејност преку државниот буџет, локалните самоуправи имаат и сопствени извори на средства.

-Со добро менаџирање на финансиите, дел од општините успеваат да обезбедат бесплатен оброк за учениците до одредено одделение, бесплатни ИТ уреди и униформи. При тоа, со правилник на МОН уредено е дека евентуално купување на дополнителна униформа за ученик од страна на родител, не смее да биде по цена повисока од договорената при јавната набавка, информираат од Министерството.

Од Центарот за еднаквост и правда пак, препорачуваат институциите да ги ревидираат праговите за остварување права, со цел да се опфатат и семејства кои иако не се под прагот на сиромаштија, сепак се соочуваат со високи и повторливи трошоци за одгледување дете.

Но, исто така, во препораките се вбројува и воведувањето универзален детски додаток и проценка за „Минимална кошничка за грижа на дете“.

-Предлогот за минимална кошничка за грижа за дете има за цел да дефинира основен праг на месечни трошоци поврзани со храна, хигиена, облека, здравствена заштита, образовни потреби и пристојно домување. Вклучувањето на домувањето како дел од кошничката ја признава реалноста дека стабилниот дом е предуслов за здрав развој, учење и психосоцијална благосостојба на детето – се вели во Анализата.

Трошоците за децата со попреченост или хронична болест - многу повисоки и по непредвидливи

Но, Чаловска-Димовска за РСЕ нагласува дека покрај оваа, дополнителна поддршка е прекупотребна за самохраните или за родителите на деца со попреченост, односно хронична болест. Дел од нив искусиле одбивање од градинки без објаснување, па во еден случај, родител бил принуден да плаќа 15.000 денари месечно за приватна грижа.

На ова се „накалемува“ и ограничениот пристап до терапевтски услуги, кои за децата со попреченост се значајни и постојани, но сумата потреба за посета на логопед, дефектолог и физиотерапевт месечно ја надминува дури и минималната плата во државата.

Видете и ова: Родителите на деца со попреченост бараат статус на „родител - негувател“

Слични се пресметките и на Коалицијата „Менуваме“ која минатиот месец алармираше дека семејствата на лицата со попреченост се соочуваат со драматично повисоки трошоци за живот, односно тие се минимум 60 отсто повисоки од трошоците на останатите семејства.

Овие трошоци го одредуваат преживувањето, здравјето, мобилноста, вклученоста и можноста за достоинствен живот – наведоа од Коалицијата.

Потсетувајќи дека според минималната потрошувачка кошничка на ССМ, на домаќинство со четири члена му се потребни 65.000 денари за да го истурка месецот, оваа сума е значително повисока кај семејствата со лица со попреченост. Всушност, ним им се потребни сто илјади денари, за да обезбедат основни услови за живот, во кој ќе имаат удобност, а не луксуз.

Од Министерството за социјална политика, демографија и млади за Радио Слободна Европа велат дека ги разгледуваат препораките за воведување универзален детски додаток и изработка на „Минимална кошничка за грижа на дете“.

-Во моментов се спроведуваат анализи и се разгледуваат различни модели за унапредување на поддршката за семејствата со деца, во согласност со фискалните можности и законската рамка – велат од ресорното Министерството.

Оттаму додаваат дека сепак, конкретни одлуки за воведување нови мерки, износи и рокови сѐ уште не се донесени.

И храната и безалкохолните пијалоци сѐ поскапи

Во време на инфлација, растењето на децата е сѐ поголем предизвик, што ги тера младите родители да бараат поголема финансиска стабилност надвор од овие граници.

Видете и ова: Инфлацијата и натаму го јаде стандардот

Премиерот, Христијан Мицкоски по повод одбележувањето на празникот „8-ми Септември“ изјави дека за една година, државата изгубила над 300 ученици.

Тој порача дека залудни се расправите за патишта, клучки, даноци и пензии, ако има сѐ помалку луѓе и најави промени во системот кој ќе ги охрабри младите луѓе да создаваат семејства и да веруваат во својата иднина дома.

Државниот завод за статистика пак, објави дека инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на живот во ноември во однос на октомври е зголемена за 0,5 проценти. Ако се направи споредба со минатиот ноември, годинаватрошоците на живот пораснале за четири проценти.

Во истиот овој период, храната и безалкохолните пијалаци поскапеле за 5,4 отсто. Најголемо поскапување од 27 проценти има кај кафето, чајот и какаото.