Чоловиќ Лешоска: Ако се загади Рашче, водата нема да може да се користи ни како техничка

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Чоловиќ Лешоска: Струшкиот извор Шум не е впишан во катастар, како и многу други во земјава

Депонијата со стотици илјади кубни метри јаловина од хром кај поранешниот Југохром со години се посочува како потенцијална опасност за изворот Рашче, од кој се снабдува Скопје со вода за пиење. Ана Чоловиќ Лешоска - биолог од граѓанската организација Еко-свест, во интервју за РСЕ вели дека доколку дојде до загадување со шестовалентен хром, водата од овој извор не би можела да се користи ниту како техничка, што би значело неповратно губење на најважниот воден ресурс за главниот град.

Деновиве имаше проблем со изворот Шум, од каде што се напојува градот Струга со вода за пиење. На што се должат вакви инциденти?

Има неколку причини зошто може да се случи вакво нешто. Една од нив е нелегалниот статус на водоснабдителните системи со кои се користи водата за пиење од изворите, поради незавршување на постапката за нивна легализација, а со тоа и непостапување согласно Законот за утврдување на режимите на заштита на тие водоснабдителни објекти или извори.

А другото е - генерално нелегални активности кои може да се случат на местото каде што се црпи водата за пиење. За жал, во Македонија имаме многу рурални средини, села и населби кои немаат легален водоснабдителен систем. Односно, во времето кога биле изградени, не следела согласно нов закон нивна легализација и нивно впишување во катастар, па така тие објекти и водоснабдителни системи не постојат согласно документацијата.

Така постои ризик да се постави објект или да се користи водата за други намени — производство на електрична енергија, ископ на чакал, песок и така натаму — над местото каде што се зафаќа водата за пиење, со што ќе настане загуба на водата за пиење. Вакви случаи имаме многу во Македонија: во Македонски Брод, во селото Крапа, изградена е хидроцентрала која ја зема речиси целата вода и не останува ништо за пиење бидејќи зафатот е под хидроцентралата.

Видете и ова: ОЈО Струга оформи предмет за загадувањето на водата за пиење

Како е можно ова? Чија одговорност е овие системи да се впишат во катастар и да се легализираат?

Со децентрализацијата, прво беа месните заедници, но понатаму ова се префрли на општините. Општините се должни да ги завршат овие постапки на легализација во интерес да ги заштитат изворите за вода. Во случајот со Струга е комбиниран случај, бидејќи има активности кои се дозволени или недозволени во секоја зона на водостопанскиот објект. Она што е комбинација таму е многу добар пример за тоа што сè може да тргне наопаку кога нема соодветна заштита на водоснабдителните објекти.

Во однос на изворите за вода, со години се предупредува дека депонијата со илјадници тони хром во Југохром може да го загрози изворот Рашче, од кој се снабдува цело Скопје со вода за пиење. Дали државата сериозно го сфаќа овој проблем?

Искрено се надеваме дека сериозно го сфаќа. Она што мора да се потенцира дека Рашче е еден од ретките примери каде што ја имаме воспоставено заштитата, но факт е дека подземните води комуницираат меѓу себе. Затоа се јавува проблемот дека ризикот од загадување на подземната вода од Југохром може да влијае на подземните басени на Рашче и тука да настане загадување на изворот на водата за пиење. Многу е важно да се напомене дека Министерството за животна средина треба да донесе конкретна одлука како ќе се справи со депонијата за да го елиминира овој ризик од загадување на водата за пиење.

Видете и ова: Од депонијата на Југохром скопјани може да останат без вода за пиење

Таму има отпад со волумен од 882.000 метри кубични јаловина од хром. Тоа е површина од околу 7 хектари (13 фудбалски игралишта) со висина од 23 метри (како осумкатница). Колку е сериозно оваа количина на отпад да биде до извор на вода за пиење за град од големина на Скопје?

Големината е сериозна, но уште посериозен е составот на депонијата. Шестовалентниот хром е канцероген и смртоносен за човекот и за се наоколу. Доколку настане загадување на водата, ние не би можеле да ја користиме таа вода дури ни како техничка — неповратно би го изгубиле изворот Рашче, бидејќи настанува понирање на овој хемиски елемент во подзените води, исто така засега, за жал, таа вода која што се слива од самата јаловина, влегува и во реките.

Со години се чека на нов Закон за води. Какви последици остава тоа врз управувањето со водните ресурси и нивната заштита?

Новиот закон за води кој што го работевме во работна група во мешан состав со Министерството за животна средина во 2021 година, претрпе некакви измени кои треба да овозможат учество на јавноста во процесите кога се донесуваат дозволите за водно право, односно за користење на водата и водните ресурси и одредени други промени од типот на воведување на терминот „еколошки проток“, наместо „биолошки минимум“ и усогласување на законот со рамковната директива за води на ЕУ. Фактот што законот како таков сè уште не е донесен, значи дека ние ниту можеме да учествуваме во процесите. Локалното население нема глас кога станува збор за тоа дали ќе се користи нивната река, нема право да учествува во тој процес, што е погубно, затоа што во моментот кога ќе дојде машинеријата е предоцна. Нашите реки се осудени на пропаст поради застарениот принцип на биолошки минимум, кој е 10 проценти од просечниот тек на реката, кој не е доволен да овозможи живот на речниот екосистемот. Дополнително, без овој закон немаме ни менаџмент планови за речните сливови, па се доделуваат концесии за ископ на песок и чакал насекаде, ризикувајќи трајни штети.

Видете и ова: Екологијата на маргините, граѓаните на блокади, во институциите молк

Чекаме и на Закон за природа. Дали неговото одложување остава простор за уништување на природата, без доволна правна заштита?

Да, остава простор. Законот за природа треба да предвиди забранети активности во заштитените подрачја — без слободни интерпретации дека во зоната за одржлив развој е дозволено било каква економска активност, тоа не треба да биде така. Овој закон мора да предвиди забранети активности, како хидроцентрали или геолошки истражувања, ископ на минерални суровин во заштитените подрачја. Немаме толкава територија на заштитени подрачја за да ризикуваме нивна трајна штета.