Глобалниот раст на цената на нафтата по тензиите на Блискиот Исток се заканува со нов инфлаторен бран, во услови кога граѓаните континуирано го чувствуваат поскапувањето на основните производи и услугите. Новиот раст на цените за само три месеци е околу 2.500 денари, покажуваат податоците на Сојузот на синдикатите на Македонија, според кои вредноста на синдикалната минимална кошница во март достигнала 67.818 денари. Во меѓувреме, додека се очекуваат нови поскапувања поради растот на цените на енергенсите, синдикатите и работниците сè уште не успеваат да го добијат посакуваното покачување на платите од Владата.
„Тоа значи дека трошоците за живот се зголемуваат со забрзано темпо за разлика од платите, односно платите ја губат трката и поради тоа Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) од почетокот на годината протестираше заедно со работниците“, вели за РСЕ претседателот на ССМ Слободан Трендафилов.
Видете и ова: Трамп најави „многу брз“ крај на воената операција во ИранСиндикатите предупредуваат дека новиот раст на цените на горивата ќе се прелее и врз цените на храната, транспортот и услугите, откако дизелот за три месеци поскапе за 27,5 денари по литар. Од Сојузот на синдикатите на Македонија ја критикуваат Владата дека додека трошоците за живот пораснале за околу 2.500 денари, а усогласувањето на минималната плата изнесува само 1.667 денари. Инаку, работниците заедно со ССМ протестираат од јануари, откако не постигнаа договор со работодавачите и со Владата за зголемување на минималната плата од 397 евра на 600 евра.
Повисоките шокови допрва следуваат
Според економскиот аналитичар Абил Бауш, актуелните случувања веќе влијаат врз цената на нафтата, а индиректно и врз трошоците за живот на граѓаните. Сепак, како што посочува, ситуацијата засега не е споредлива со нафтените шокови од пред три години. Според него, посилните ефекти може да се почувствуваат во наредните месеци, бидејќи покрај зависноста од нафта и нафтени деривати, земјава е зависна и од увоз на вештачки ѓубрива кои доаѓаат од Блискиот Исток.
„Низ Ормускиот теснец освен нафта и нафтени деривати, поминуваат и фертилизатори, односно артифицијални ѓубрива, а дел од нив доаѓаат и во Европа. Цената на тие ѓубрива веќе е двојно поскапена, а тоа понатаму веројатно ќе влијае врз цената на земјоделските производи. Ние имаме земјоделие кое е ранливо на одредени ситуации. Како и да е влегуваме во една фаза во која ќе мора да создадеме политики со кои ќе се најдат можности како подобро да излеземе од кризата,“ вели Бауш.
Според него, позитивно е што државата, како и другите земји во регионот, реагирала со намалување на ДДВ-то за нафтата, што претставува добар сигнал за граѓаните. Сепак, тој посочува дека владата треба да размислува и за алтернативни пазари и да бара начини кризата да се надмине што е можно побезболно.
Видете и ова: Работниците на протест за повисоки плати: Не ви се плашиме, ќе дојдеме пакВладата разгледува нови мерки
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата презема мерки за да го ублажи ценовниот удар врз граѓаните и економијата во услови на раст на цените на енергенсите. Како една од клучните мерки ја посочи одлуката за намалување на ДДВ-то за бензините, со цел да се намали ценовниот притисок врз домаќинствата и стопанството.
Тој додаде дека Владата дополнително обезбедила мазут од државните резерви, со што, како што рече, треба да се спречи дополнителен раст на цената на електричната енергија и да се обезбеди стабилно снабдување во услови на глобална неизвесност.
Според Мицкоски, ваквите чекори се дел од координиран пристап меѓу фискалната и монетарната политика со цел да се зачува ценовната стабилност и економската отпорност во период на глобални економски турбуленции, а најави дека Владата ќе разгледува и дополнителни мерки за ублажување на ценовните притисоци.
Видете и ова: Политичка математика со функционерските платиВнимателно следење на ситуацијата
Сепак, гувернерот на Народната банка Трајко Славески предупреди дека новите геополитички тензии, вклучително и ескалацијата на конфликтот со Иран и нарушувањата во Ормускиот теснец, создаваат нови ризици за ценовната стабилност и бараат внимателно следење на економските текови.
Според Славески, централните банки мора да останат цврсто посветени на одржување на ценовната стабилност, бидејќи како што вели таа е клучна за одржлив економски раст и стабилност на финансискиот систем, особено во услови на зголемена глобална неизвесност.
Славески посочи дека централните банки во изминатите години успеале да се справат со силните инфлаторни притисоци и дека процесот на намалување на инфлацијата е во завршна фаза.