Барбареев: МАНУ треба да ја предводи визијата за високото образование

Проф.д-р Кирил Барбареев, Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип

Вкупно 75 проценти од децата во во предучилишно образование не се подготвени за старт во основно образование. Потребен ни е поинаков воспитно-образовен систем и промени во пристапот на работа со учениците, вели проф.д-р Кирил Барбареев од Универзитетот„Гоце Делчев“ во Штип во интервјуто за РСЕ.

Господин Барбареев, Министерството за образование и наука најави целосни промени во образованието, од градинка до универзитет. Подготвена е нова стратегија за образование 2026 - 2032 година. Најавени се и нови закони во високото образование. Дали повторно се потребни промени во образованието и во која насока?

Како што напоменавте, почнати се сериозни процеси, се носи нова стратегија, на моменталната ѝ поминува на некој начин периодот и започнува една нова фаза на нова стратегија со која се подготвува нов концепт на она што всушност треба да претставува воспитно - образовен систем, почнувајќи од предучилишното, основното, средното и високото образование. Мислам дека тоа е добар процес затоа што внатре многу елементи што постоеја досега беа евидентирани како точки каде се бара посериозен пристап, фокус на решавање. Мислам дека со оваа стратегија има шанси да се создаде еден сосема поинаков воспитно - образовен систем што му е потребен на нашето општество.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Барбареев: Факултетите што образуваат наставници треба да се издвојат како посебни институции

Секоја нова власт излегува со нова идеја или со нов концепт за образованието, но на крај нашите ученици пак покажуваат слаби резултати на меѓународни тестирања. Каде лежи проблемот?

Проблемот не е еден од каде доаѓа клучната поента зошто нашите ученици се со толку слаби резултати, зошто имаме таква функционална неписменост. Постојат повеќе фактори и тоа не е само поврзано со нови концепции или со реформи, туку со култура на континуитет на споделена одговорност. Значи, во новата стратегија што е ставена во фаза на расправа и на која може да се коментира, постојат многу точки на кои е евидентирано каде се слабите страни. Има една точка што е многу искрена, а тоа е дека во долг временски период не постои политичка волја за одредени прашања што треба да се решаваат.

Видете и ова: Зошто учениците не се писмени колку што се одлични?

Еден од најголемите проблеми во нашиот воспитно - образовен систем за резултатите на учениците е пристапот на работа. Ние имаме клучен момент, учење напамет и вториот момент е поврзувањето на информации. Тоа е момент што се одразува почнувајќи од предучилишното образование во основното образование, во средното образование и продолжува на универзитет. 75 проценти од децата во во предучилишно образование не се подготвени за старт во основно образование.

Тоа кажува дека нашата тенденција треба да биде силна промена во делот на пристапот на работа со учениците, бидејќи профилот на младиот човек е многу променет, а профилот на институциите пребавно се менува.

Од кај треба да почнат тие промени? Дали од Министерството за образование или од самите наставници во училиштата?

Според мене, тие процеси треба да почнат паралелно. Значи, како што почнува Mинистерството со создавање нова стратегија, сега мора точно да почне да се разговара за тоа како ќе се менува пристапот на едукација на идните наставници. Тоа е фокус на високото образование. Како високото образование ќе се менува во следните пет до шест години за реализација на она што всушност треба да биде реализација на стратегијата? Тоа кажува дека ако во претходната и во стратегијата пред неа било дека треба да се менуваат наставните програми, дека треба да се подобруваат методите на работа, дека треба да се осовременува процесот, колку е тоа постигнато во овие 10 до 15 години? Кај кого е лоцирана одговорноста? Кои се причините за оваа состојба до која е доведено образованието?

Видете и ова: Честа смена на министри удира и врз реформите и врз интегритетот

Клучниот момент што треба, според мене, да го направи државата е да дефинира стандард - што е е воспитувач во предучилишно воспитание и образование, што е наставник во одделенска настава, кој е стандардот за предметниот наставник, кој е стандардот за универзитетскиот професор, бидејќи наставникот е репрезент на културата во која понатаму започнува сè во општеството.

Верувајте дека доаѓа процес во кој педагогијата или начинот на воспитување и образование станува клучен момент во кој ќе создаваме генерации кои ќе сакаат да останат во општеството. Ние мораме тука да работиме многу, а не да се жалиме, да се напаѓаме, да се разочаруваме и на крај да создаваме генерации кои се конфузни или да чекаме генерации кои ќе заминуваат од општеството после завршување или веќе пред завршување на основното образование.

Кој е вашиот впечаток? Има ли расположение да се сменат тие стандарди по кои се вработуваат наставници во училиштата?

Овие процеси што се започнати, многу зависат од тоа каква интонација ќе даде Министерството и каква интонација ќе даде државата. Клучниот момент што таа треба да го направи е концентрација на квалитетот на луѓето кои знаат како тоа се прави. Значи, нам ни недостигаат квалитетни луѓе кои ќе ги креираат фокусот и профилот на институциите, ќе ги креираат и ќе ги решаваат овие проблеми кои не се едноставни.

Реалноста е многу сложена, средината е многу променета во овие дваесетина години наспроти она што било пред 30 или 40 години. Значи, процесот на глобализација, на дигитализација и на поиндивидуализиран свет, создава нови генерации кои бараат сосема поинаков фокус на педагошки пристап.

Моето видување е дека можеби институцијата што има најголем интегритет во делот на стручната институција, тоа е Македонската академија на науки и уметности(МАНУ), највисоката научна и духовна институција во државата, според мене, таа треба да биде предводник на она што треба да го стабилизира и да му даде континуитет на високото образование и на науката.

Видете и ова: Продолжува расправата за концепцијата за гимназиско образование, средношколците ќе имаат нови учебници

Тука, всушност, се поставува прашањето, високо профилирани личности кои се многу истакнати во својата во својата професија, кои имаат мрежа со меѓународни заедници, со меѓународни универзитети, треба да бидат институцијата којашто ќе го стабилизира системот, ќе даде една еден фокус на на сите внатре коишто сме вработени на универзитетите, на факултетите во кои тимски ќе се стабилизираат одредени подрачја. Тоа кажува мултидисциплинарни пристапи, можеби одредени студиски програми ќе се спојуваат. Можеби одредени факултети ќе имаат многу подлабока соработка, поинаков концепт на на финансирање.

Вие морате да направите систем на мотивација во кој универзитетите, факултетите ќе светат навечер. Вие таму треба да ја направите компетитивноста на натпреварувачкиот дух, од каде ќе идат идеите, од каде ќе се натпреваруваат професорите во делот на проектите што треба да ги добиваат од државата, каде што ќе има процес да се докаже професорот во општеството врз основа на вистински критериуми, со кои тие што знаат тоа како да го прават ќе бидат промовирани во општеството како модели на вистински вредности.

Ако не се случи таков ангажман, стравувате ли дека и новата стратегија може да пропадне или да остане само букви на хартија?

Сигурно. Мојот впечаток е дека новата стратегија сега треба точно да ги дисперзира согласно акционите планови што се ставени внатре, да ја лоцира одговорноста на секоја институција, па дури и на секој поединец внатре.

Значи, сега јас како човек што доаѓам од факултетите за образование на воспитувачи и наставници треба преку стратегијата да добијам таква мотивација во која ќе знам дека за една до две години ќе добијам опрема и ќе добијам ресурси на факултетот. Дека за три или четири години на идното тестирање на учениците по ПИСА, по ПИРЛС, по ТИМС, по било кој метод, треба да дадат резултати на наставниците кои предаваат во училиште, односно на сите ние што работиме во високо образование и тука одговорноста на резултатите не се само на основното образование, одговорноста е на сите во општеството затоа што сме сите ние поврзани едни едни едни со други. Така што, тука треба да се даде не интонација на казна, не интонација на притисок, туку една атмосфера намотивација, на доверба и на култура на споделена одговорност во решавањето на предизвиците со кои треба да се соочуваме.

А како професор ако треба да му ставите оценка на високото образование денес во Северна Македонија, која оценка би му ја дале?

Видете, контекстот е различен. Вие имате ситуации во кои на одредени катедри, на одредени факултети, на одредени делови од од институти имате брилијантни примери. Имате и ситуации на кои треба многу да се работи. Има и ситуации кои треба да се менуваат, ситуации во кои треба да се соочуваме со тие проблеми со коишто се соочуваме. Нашиот систем и не е толку лош колку што е лошо или преслабо организиран и мотивиран внатре.

Ако ги прашате а професорите кои добиваат проекти, работат во многу меѓународни размени со свои колеги, ќе видите одлични примери на идеи во овие 20-30 години. Ќе видите средношколци кои освојуваат олимписки медали. Тие соработуваат едни со други. Но, системот генерално е преслаб за она што треба да биде високо образование во времето и просторот во кои живееме.

И која би била генералната оценка тогаш?

Па, не знам кое е вашето очекување. Дали мислите дека треба да биде тоа оценка од од 5 до 10 којашто треба да му се даде на системот. Јас верувам дека нашиот систем има капацитет, има потенцијал да ги надмине резултатите и тоа е сигурно позитивна оценка.

Колку државата вложува во образованието и колку парите се камен околу вратот на реформите во овој сектор?

Можеби клучниот момент во оваа стратегија која уште веројатно е во фаза на коментари и на произнесување на стручната јавност, според мене, е дека факултетите кои образуваат наставници треба да се издвојат како посебни институции. Тоа кажува еден силен фокус во следните три до четири години на тие институции за кои лично сметам дека може да бидат клучен двигател на промените во општеството.

Видете и ова: Учениците „исчезнуваат“од клупите, за тие што остануваат ќе има учебници и вештачка интелигенција

Наставничката професија треба да биде толку општествено и економски профилирана во следните пет до 10 години, треба да биде основата и двигателот на промена на се во општеството. Сите ние кои работиме во делот на педагошките науки, на образовните науки треба да го разнишаме чамецот на она што претставува нови пристапи на комуникација и интеракција со децата.

Клучниот момент, според мене, во делот на наставата е процесот на интеракција. Тоа е контактот. Детето го гледа општеството додека е во училиште, во училницата и тука фалат такви процеси во кои образованието ќе се фокусира не само она што претставува настава од четири до пет часа, туку дали треба да се поддржи начин на кој младите луѓе во нивното воспитување и образование во тие 10- 14 години во основното и средното образование ќе бидат поврзани и со отворени училишта како што се летни школи, зимски школи...

Поставете го прашањето каде младите луѓе сега во текот на зимскиот распуст ќе го поминат времето во помалите средини? Кое е местото кое го организира воспитно-образовниот систем? Кое училиште има програма за време на зимскиот распуст, за време на летниот распуст? Замислете колку зимски центри имаме во кои децата можат да бидат ангажирани преку одредени проектни активности, колку природни центри имаме во кои децата можат да бидат ангажирани?

Во сегашната состојба, дали основните и средните училишта се подготвени да влезат во предизвиците на новото време како што е на пример дигитализација и вештачка интелигенција во училиштето?

Тоа многу се зборува и мислам дека е многу важно. Тоа станува една тема која е предизвик на целото општество, но пак е тоа поврзано со начинот на поддршка, инвестирање во капацитет на институциите, на училиштата. Вие имате создавање на ресурси за дигитализација уште пред 15 години во стратегиите, па денес се уште училишта, можеби повеќе од 50 - 60 проценти од училиштата не се опремени со опрема. Значи, за тоа треба хардвер на училиштето, треба софтвер, треба одржување. Тоа не е толку евтина работа.

Видете и ова: Објавена обука за наставници за примена на вештачката интелигенција

При една посета за реформата наобразовниот систем во Турција, тие создале стандард што е тоа училница во 21-от век од аспект на дигитализација, од аспект на пренесување на знаење. Таа училница треба да биде стандард и во центарот во во Скопје и на која било точка во Македонија.

Таква поддршка треба да се даде да се даде во моментот. Со која динамика, тоа ќе треба да одлучат финансиите на владата и на министерството, но тоа мора да се решава брзо, бидејќи таа тема станува момент што може да да го направи јазот помеѓу генерациите и општеството.

Според вас, колку универзитети реално ѝ требаат на државата? Ако секој трет е магистер на науки, зошто добар дел од нашите студенти кога ќе излезат од факултетите не се компетентни на пазарот на трудот?

Некаде во 2005 година Македонија имала четири или пет универзитети, денес има 17 или 18. Тоа кажува дека три или четири пати се зголемил бројот на високообразовни институции, а околу 15 проценти се зголемил бројот на студенти. И сега се поставува прашањето врз која визија во овие 20 години или 25 години е правена таа мрежа. Затоа споменав дека тука треба да се направи една таква ситуација во која институција како Македонската академија на науки и уметности ќе ја даде визијата за високото образование а и науката во Македонија, бидејќи сеа кое било решение ќе понесе жртва. Веројатно политиката ќе калкулира како како тоа ќе се одрази на нејзиниот имиџ и тука треба многу сериозен пристап, треба можеби да се намали бројот на студиски програми, да се намали бројот на факултети, можеби да се вмрежат некои институции.

Видете и ова: МАНУ апелира на „коренити реформи во научноистражувачката дејност и високото образование“

Едно прашање треба да си го поставиме самите ние себе во држава. Луѓето кои ќе ги прават реформите за високото образование, а тоа е дали еден студент или еден средношколец којшто завршил во Словенија, во Австрија, во Германија, сака да дојде да студира на универзитет во Македонија и кога ќе одговориме на тоа прашање зошто „да“ и зошто “не“, ќе дојдеме до одговорот какви реформи ние треба да направиме.

Зошто еден млад човек сака да студира денес во Словенија, зошто таа земја дава стипендии? Зошто презема 2000, 3000, 5000 млади луѓе од овде и создава една средина во која се бори за знаењето на тие млади луѓе? Знаете зошто? Затоа што еден млад човек во Македонија се соочува со предизвикот ако си добар, ако си талентиран, ако си вреден, ако си трудољубив, со што се соочува тој млад човек? Дека неговото знаење не го препознава средината. Неговото знаење, средината во изминатите 20-тина години создало таков амбиент во кој за да успееш треба некој друг да ја заврши твојата работа, да фатиш врски, а да реши не знам политиката да те вработи, аколку вредиш ти, многу малку ги интересира во општеството.

Како гледате на најавите од Министерството за образование и наука дека универзитетите со подобри резултати ќе добиваат поголем буџет од државата?

Јас на тоа гледам позитивно. Не го знам целиот концепт, но такви примери во во светот има и со училиштата. Училиштата што вадат подобри резултати поинаку се третирани во делот на општеството со финансирање. Родителите сакаат повеќе да ги запишуваат учениците таму. Таму расте повеќе квалитетот на она што претставува продажба на стан, на пример, бидејќи луѓе сакаат да живеат околу постимулативна средина. Така што, тие прашања веројатно се прашања за кои некој размислувал, анализирал.

Јас имам проактивен став, бидејќи ние не треба да заборавиме дека еден поголем период во нашето општество немаме таков компетитивен и натпреварувачки карактер помеѓу себе, да бидеме поиновативни со некакви идеи. Погледнете ја енергијата во нашето општество кога во текот на летниот период доаѓаат музички групи од регионот, од странство нели и ние собереме стотици, двесте илјади евра за одредени активности, проекти што траат еден или два дена, а нема таков фокус и енергија за да се подобри образованието во сопствената средина.