Разговори и убедување меѓу пратениците има, но „креативно решение“, како што најави премиерот Христијан Мицкоски, сè уште нема за изборот на Народен правобранител на Северна Македонија. Недостига Бадентерово мнозинство во парламентот – мнозинство гласови и од пратениците припадници на немнозинските заедници што владејачката коалиција го нема и потребна и е поддршка од опозицијата каде клучна е ДУИ и нејзината коалиција Европски фронт.
И по разговорите вчера, од ДУИ се децидни дека поддршка за Фатон Селами, кој беше избран на Комисијата за избори и именување, нема да дадат.
„За Фатон Селами не е постигнат договор. Нашите забелешки се однесуваат на неговиот професионално бекграунд и кредиблитет“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ), портпаролката на ДУИ, Арта Биљали Зендели.
Народниот правобранител како институција е надежен за заштитата на слободата и правата на граѓани, а претставува и механизам за надзор и следење на законитото работење на институциите од јавниот сектор.
Она што и досега го забележуваше опозицијата за предлогот Селами да застане на чело на институцијата, е неговиот партиски бекграунд, односно тоа што доаѓа од редовите на партијата Алтернатива која е дел од владејачката коалиција Вреди. Во неговата биографија е и советничкото место од истата партија во Советот на Општина Тетово.
Видете и ова: Институцијата Народен правобранител „жртва “ на политички пазарСкептични дека тој како предлог тешко ќе помине на пленарна седница во Собранието се и пратеници од владејачкото мнозинство. Освен поединечно убедување пратеници за поддршка за Селами, друга опција е поништување на досегашната постапка и отпочнување нова што, пак, според нивните проценки ќе одзеде неколку месеци.
Сепак, дел од претставниците и на власта и на опозицијата имаат толкувања дека можеби и ќе нема потреба да се почнува се од почеток туку постапката да се врати само во Комисијата за избори и именувања која ќе предложи друг кандидат од тие што се пријавиле на првиот оглас.
Ваквите информации доаѓаат откако првично претставници на власта излегоа со оптимизам за брзо решение.
„Можно е денеска-утре да имаме решение. Тоа ќе произлезе од координаторите“, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши, на 15 јануари.
И премиерот Христијан Мицкоски по лидерската средба во понеделникот најави решение.
„Мислам дека тука ќе бараме одредени креативни решенија коишто треба деновиве да се случат“, изјави Мицкоски на 12 јануари.
Колку гласови фалат за бадентерово мнозинство?
Според Бадентер, во 120-члениот парламент на Северна Македонија гласаат 39 пратеници од немнозинските заедници. Тоа значи дека потребни се 20 гласа во конкретниот случај што значи дека на владејачките коалиции им фалат пет до шест гласа.
Додека е извесно дека пропаѓа консензус околу Селами, според брифинзите од парламентарците, единствено позитивни исходи од разговорите меѓу пратениците по лидерската може да се очекуваат за изгласување на измените на Законот за прекршоци. Тоа би можело да се очекува и веќе следната недела. Следната собраниска седница е закажана за среда, 21 јануари.
За овие законски измени не е потребен Бадентер туку двотретинско мнозинство поради што е потребна поддршка од неколку пратеници од опозицијата. И ова прашање е итно ако се земе предвид дека измените се неопходни за да може од 1 февруари да стартува проектот „Безбеден град“ – регистрирањето сообраќајни прекршоци преку камери и праќање казни на сопствениците на возилата преку СМС и електронска пошта.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Што знаеме досега за „Безбеден град“?
Немањето правобранител не влијае на претставките од граѓаните
Кога е во прашање Канцеларијата на Народниот правобранител, како институција таа е „обезглавена“ повеќе од шест месеци откако дотогашниот омбудсман Насер Зибери замина во пензија. Сепак, тоа не било пречка граѓаните да се обратат и да побараат заштита.
Според неформалните проценки на дел од вработените, бројот на претставки што пристигнале во 2025 е незначително намален од годината претходно кога имало 2.705. Тие тековно се работат и застој во тој поглед нема со оглед дека сè уште има двајца заменици.
Сепак, официјалната бројка за тоа колку и за што граѓаните најмногу поднесувале претставки треба да ја покаже годишниот извештај. Но, него ќе нема кој да го претстави и потпише доколку во следниот период не се избере омбудсман.
Во оваа институција има околу 80 вработени. За проблемот со немањето прв човек вработените алармираа неколку пати, посебно во декември со оглед дека со крајот на 2025 истече и решението со кое Зибери го овласти заменикот да потпишува акти, како што наведуваат, „од делокругот на заедничките расходи и да презема финансиски обврски за проекти, програми и активности.
„Како институција за заштита на човекови слободи и права сме член во повеќе меѓународни организации во кои сме влегле со многу труд и заложба на вработените, за што редовно плаќаме членарина, но поради севкупно опишаната состојба, нашето членство ќе биде ставено под знак прашалник, по што ќе следи наше исклучување и јавно прозивање во меѓународните организации, што ќе има негативно влијание по нашата институција“, наведоа вработените во еден од дописите што ги испратија до Собранието в декември.
Видете и ова: Институцијата што ги штити граѓанските права остана незаштитенаПокрај местото на Зибери, испразнети се и местата на замениците на народниот правобранител кои раководат со подрачните канцеларии. Единствено во моментов актуелен мандат имаат замениците на омбусманот за канцелариите во Скопје и Кичево, додека нема први луѓе за канцелариите во Битола, Куманово, Струмица, Тетово и Штип.
Тие според закон, исто така, ги избира Собранието, но за нив предлогот треба да дојде токму од народниот правобранител.
Што друго е заглавено поради Бадентер?
Омбудсманот е итен проблем во моментов, но не е единственото заглавено прашање во Собранието поради немањето Бадентерово мнозинство.
Постојат два типа на вакво мнозинство – т.н. голем и мал Бадентер. Големиот е кога се потребни мнозинство гласови од вкупниот број пратеници од немнозинските заедници. Малиот е со мнозинство гласови, но од вкупниот број пратеници од немнозинските заедници кои се присутни на конкретната седница.
Немањето Бадентер, беше проблем и за измените на Изборниот законик минатото лето, кои поради тоа останаа во фиока. Тоа значи и дека најавите по лидерската средба во понеделникот за носење на нов Изборен законик во следните месеци може да се изјаловат доколку нема широк консензус меѓу партиите.
Видете и ова: Две варијанти во игра за укинување на техничката влада по лидерската средбаСпоред списокот што Радио Слободна Европа го доби од Собранието, меѓу закочените се и измените на Законот за локална самоуправа. За него се потребни и голем Бадентер и двотретинско мнозинство. Тој поминаа прво читање и на комисиска расправа, но не може да се изгласа.
Со предлог-измените на овој Закон, меѓу другото, е предвидено дека „граѓаните преку референдум можат да покренат прашање за доверба на градоначалникот, еднаш во мандатот на градоначалникот, но не во првата година и во последната година од мандатот“.
Бадентер беше потребен и за измените на Законот за државни награди предложени од пратеникот Сали Мурати од опозицискиот Европски фронт. Меѓутоа, тие не добија зелено светло ниту на комисиската расправа.