Речиси секоја трета автошкола во Северна Македонија е под истрага поради сомнежи за картелско договарање на цените за обука на кандидатите. Податоците на Министерството за внатрешни работи (МВР) покажуваат дека во земјата работат околу 130 активни автошколи, а Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) постапува во еден случај со кој се опфатени над 40 автошколи, за кои има индиции за усогласено однесување при формирањето на цените.
„Донесен е заклучок за поведување на прекршочна постапка. Комисијата е во фаза на прибавување на податоци по однос на наведениот заклучок и анализа на истите“, велат од Комисијата за РСЕ и додаваат дека во оваа фаза од постапката не можат да споделат информации.
Додека трае истргата за договарање на цени, во исто време граѓани за Радио Слободна Европа споделуваат искуства дека полагаат и по неколку пати и дека процедурата станува долга и скапа. Дел од нив се сомневаат дека биле враќани повторно да полагаат поради финансиски интерес на автошколите, бидејќи секое наредно полагање значи нови трошоци.
Имињата на нашите соговорници кои ги споделија искуствата со автошколите ѝ се познати на редакцијата и по нивно барање во текстот ги претставуваме под псевдоними. РСЕ не може независно да ги потврди овие тврдења, но перцепциите се дел од пошироките сомнежи на кандидатите за работата на автошколите.
Сведочења на кандидати
Кога првпат се запишала во автошкола за да полага за возачка дозвола од Б-категорија, Бојана Дaрковска од Скопје очекувала дека процесот ќе биде фер - да помине теоретска и практична обука и потоа да полага тестови, полигон и градско возење.
Но наместо тоа, таа раскажува дека по завршувањето со обуката, дури пет пати била вратена на повторно полагање. Иако признава дека дел од неуспешните обиди да положи биле резултат на нејзини грешки, сепак вели дека кај неа се појавил сомнеж во одредени случаи кога комисијата ја враќала назад. Таа смета дека тоа можеби се случувало поради финансиски интерес на автошколата.
Цената на задолжителниот пакет часови за возење за кандидат којшто првпат полага за Б-категорија, во моментов изнесува околу 33.000 денари за теоретски и практичен дел, во зависност од автошколата. Но, трошоците значително се зголемуваат доколку кандидатот не положи од прва.
„Секој пат кога ќе паднеш, пак плаќаш 2.600 денари за ново полагање. А пред секој следен обид, речиси мора да земеш дополнителни часови за да ти ги посочат грешките и да те подготват“, сведочи Дарковска за Радио Слободна Европа.
Видете и ова: Обвинителството поведе постапки за случајот со возачките дозволиТаа се сеќава на ситуација за време на едно од нејзините неуспешни полагања за градско возење било во населбата Дебар Маало, кога од комисијата била упатена да влезе во улица која била привремено затворена - „слепа улица“.
„Тука одиме право, ми рекоа тие и јас отидов право, а потоа ми образложија дека не сум требала да одам право, затоа што имало знак дека улицата е привремено „слепа улица“. Сум требала да кажам - гледам слепа улица и ќе свртам десно - единствена друга опција што беше можна според лентата во која бев“, вели таа.
„Јас почнав да им објаснувам дека тоа не е праведно, дека јас следам инструкции и дека го препознав знакот, но мислев дека сакаат да видат како маневрирам во слепа улица, затоа што има и такви вежби, такви ситуации. А тие одговорија - не, што ќе бараме во слепа улица?“
„Тоа делуваше како местенка“, додава Дарковска.
Истрага за картел во автошколите
Над 40 автошколи од вкупно 130 регистрирани се под истрага поради индиции за „забрането договорно дејствување“ при формирањето на цените за обука на кандидатите, велат од Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК).
Комисијата отворила прекршочна постапка и направила увид поради индиции за „картел при формирањето на цените за обука на кандидатите за возачи“, што значи потенцијално прекршување на член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата.
Од Комисијата ни одговорија дека доколку се потврди постоење на картелско здружување, автошколите може да се соочат со глоба од 10 отсто од вкупниот годишен приход остварен во последната деловна година.
Обуките за возачки испит се дел од сектор низ кој годишно поминуваат десетици илјади кандидати. Податоците на МВР покажуваат дека во една година се издаваат десетици илјади возачки дозволи од Б-категорија за првпат, во кои не се вклучени они што ги продолжуваат.
Во 2023 година првпат биле издадени 25.334 возачки дозволи, во 2024 година 25.223, а во 2025 година 23.527 нови возачки дозволи. Оваа бројка ги покажува само успешните кандидати, бидејќи не сите кои земаат обука добиваат возачка дозвола истата година, со оглед дека некои полагаат повеќе пати или можеби паузираат.
Бројот на кандидати секогаш е поголем од бројот на издадени дозволи, но и овие бројки укажуваат дека секторот може да има приходи од милиони евра годишно, без да се земе предвид секое повторно полагање што носи дополнителни трошоци за кандидатите.
Видете и ова: Сузбиена група што издавала возачки дозволи за париИако автошколите самостојно ги формираат цените за обука, постапката на Комисијата за заштита на конкуренцијата се однесува на сомнежите дека дел од нив цените ги усогласуваат меѓусебно, наместо да се натпреваруваат на пазарот.
Според ценовникот на една од регистрираните автошколи, комплетната обука за Б категорија е 33.000 денари. Тоа вклучува 20 часови теоретска настава (4.500 денари) и 36 часови практична обука (28.500 денари). На тоа се додава и плаќањето за користење на возилото на автошколата за полагање на прв и втор практичен дел што изнесува 1.500 денари од испит, а лекарското уверение чини уште 1.200 денари.
Само како груба ориентација за обемот на пазарот, ако се земе предвид дека годишно се издаваат околу 25.000 нови возачки дозволи, а цената за обука и полагање за Б-категорија во повеќето автошколи се движи околу 33.000 денари, тоа би значело дека во автошколите годишно циркулираат приближно 825 милиони денари, односно околу 13 до 14 милиони евра.
Сепак, оваа пресметка е само индикативна и не претставува точен податок за приходите на автошколите, бидејќи не ги опфаќа кандидатите што паѓаат и плаќаат дополнителни часови, а дел од кандидатите можеби воопшто не стигнуваат до издавање дозвола во истата година.
Недолично однесување
Но, покрај сомнежите за картел и неправедност кон кандидатите, кај автошколите има и други неправилности, но институциите даваат штури одговори за што станува збор.
Од Министерството за внатрешни работи за Радио Слободна Европа велат дека во периодот од 2023 до 2025 година утврдиле неправилности кај шест автошколи, иако полицијата не дава детали каков тип на прекршувања биле констатирани и дали тие биле резултат на пријави од граѓани.
РСЕ побара подетални информации — колку жалби или пријави од граѓани се регистрирани против автошколи во истиот период и по која основа, како на пример некоректно водење на обуката, недостаток на практични часови или сомнежи за манипулации при полагањето.
Дарковска тврди дека нејзиното искуство било дополнително отежнато и од односот на инструкторите на автошколата.
„Бев незадоволна од инструкторите. Првиот инструктор беше маж и ругаше и пцуеше жени во сообраќај. Викаше дека жена не знае да вози, а јас сум жена. Ми се дереше и беше пасивно агресивен“, раскажува таа.
Видете и ова: Битола без полигон за полагање возачки испитПо првиот инструктор, раскажува дека ѝ била доделена инструкторка која за време на часовите постојано разговарала на мобилен телефон.
„Имаше слушалки во уво и зборуваше со пријатели, а мене само ми викаше: лево, десно, прикочи…“, додава Дарковска.
Таа добила и трета инструкторка, а за полагањата вели дека комисијата создавала непријатна атмосфера.
„Комисијата не е љубезна, настапуваат напнато од самиот почеток и ти прават да се плашиш“, вели таа.
Полагање со врски
Филип Ботев од Македонска Каменица ни раскажа дека возачкиот испит го полагал во соседното Делчево, каде што кандидатите од помалите општини често одат бидејќи таму се организираат испитите.
Тој вели дека тој ден, заедно со уште една девојка, биле единствените кандидати од Македонска Каменица.
„Девојката имаше фатено врски, така барем зборуваше, но истиот ден падна на полигон и не стигна да полага градска. Тогаш комисијата ме праша кој е следен после мене и дали има друг кандидат од мојот град. Им реков дека нема“, раскажува Ботев.
Според него, во тој момент членовите на комисијата помислиле дека тој е кандидатот за кој се зборувало дека има „врски“, по што, како што тврди, испитот завршил поинаку отколку што очекувал.
„Мислеа дека јас сум тој со врските и положив. А, на едно место дури поминав и на црвено светло“, додава тој.
Видете и ова: Возачки дозволи со општински пари – инвестиции во безбедност или повеќе хаос?Уште една кандидатка, Ирена Анѓелеска, сведочи дека по неколкуте неуспешни обиди, кај неа се создало чувство дека без „врски“ тешко може да се положи од прва.
„Градска положив на третото полагање, бидејќи веќе беше јасно дека ќе треба да се фатат врски“, раскажува таа, додавајќи дека по испитот, близок роднина ги однел членовите на комисијата на ручек.
„Секако, тие однапред знаеја дека ќе бидат „почастени“, тврди Анѓелеска.
Во меѓувреме, прашања во јавноста беа отворени и околу работењето на испитните центри, но од Министерството за внатрешни работи не одговорија дали имаат евидентирано пријави или жалби од кандидати поврзани со нивното работење.
Неправилностите и сомнежите што ги отвораат кандидатите и институциите не се само прашање на пазарните услови и трошоците, туку можат да имаат пошироки последици. Начинот на кој се спроведуваат обуката и полагањето директно влијае врз тоа какви возачи излегуваат на патиштата, во земја која и онака се соочува со проблеми со сообраќајната култура и безбедноста во сообраќајот.