Со насмевка на лицето додека полицајците му ги ставаа лисиците на рацете покриени со црн шал, поранешниот вицепремиер Артан Груби утринава во 06:10 минути е уапсен на македонско-косовскиот граничен премин Блаце.
Тоа е истиот граничен премин кога пред 14 месеци, во средината на декември 2024 година, откако заврши на американската „црна листа“, пеш ја напушти Северна Македонија, иако беше на „стоп листа“ на полицијата со активна мерка да не излегува од државата.
Како што соопшти МВР, од Блаце, Артан Груби е пренесен во притворското одделение „Скопје“ во Шуто Оризари.
„Од припадници во МВР, лицето Артан Груби е спроведено во нашата установа во 09:20 минути. По однос на процедурата на прием на притворено лице, се врши преглед на нашиот доктор и е сместен во притворското одделение со уште едно притворено лице. Тој е во добра здравствена состојба“, изјави за РСЕ директорот на затворот Бобан Утковски, потенцирајќи дека затворот се грижи за безбедноста на сите подеднакво.
Видете и ова: Уапсен е Артан Груби, осомничен за проневера во Државна лотаријаНа Груби му е определен 30 дневен притвор во отсуство, уште додека беше во бегство надвор од државата. Попладнево, тој е спроведен во Основното јавно обвинителство – Скопје на распит.
Неполн месец пред да поднесе оставка од државен обвинител, Љупчо Коцевски кажа дека истрагата за Државна лотарија во која е осомничен Груби е завршена и дека единствено се чека негова екстрадиција. Неговото бегство беше пречка за воопшто и да започне судски процес.
За разлика од Груби, кој во периодот додека исчезна од државата имаше разни политички шпекулации дека се крие во Косово и Албанија, адвокатот на Бајрами во досега единствената изјава за случајот кажа дека не е избеган, туку неколку месеци пред претресот во неговиот дом, тој живеел надвор од Северна Македонија.
За време на бегството, Груби во два наврати се „појави“ на социјалните мрежи. Првиот пат напиша статус во кој кажа дека не е во бегство, туку во приватна посета на Косово.
Ден по објавата на Фејсбук, полицијата вршеше претрес на две негови локации и не го пронајде дома. Вториот пат, кога Груби сподели роденденски честитки за својот роденден од негови блиски пријатели и роднини.
На веб-страницата на МВР, Артан Груби се уште стои на листата на луѓе кои се бараат со меѓународна потерница. Таму друштво му прави и ексдиректорот на Државната лотарија, Перпарим Бајрами.
Според Обвинителството, предметот за Државна лотарија опфаќа одлуки и договори за кои постои сомнеж дека ѝ нанеле значителна финансиска штета на институцијата, проценета на над осум милиони евра со намера да прибават противправна имотна корист за друг.
Видете и ова: Нерегуларности на секој чекор во „Државна лотарија“, открија ревизоритеРевизороскиот извештај на Државниот завод за ревизија од 16 декември утврди дека лотариските апарати за коцкање за кои обвинителството води истрага за нивната набавка.
„Ревизорите во извештајот ги нагласуваат прашањата за неизвесноста во однос на периодот кога набавените видео лотариски терминали за приредување електронски игри на среќа би можеле да се стават во употреба, поради што постои ризик од нивно технолошко застарување“, пишува во извештајот.
Овие апарати првично беа сместени во простор во Визбегово, кој требаше да биде ново седиште на Државна лотарија, случај кој го откри Радио Слободна Европа и за кого обвинителството поднесе друга кривична пријава за Перпарим Бајрами.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Апаратите за коцкање на Лотарија, за кои има истрага за набавката, прават трошок и невклучени
Но, по истражувањата на РСЕ за начинот на кој овој поранешен ресторан за свадби ја смени сопственоста преку фирмата „Хеј дооел“ и го презеде газдата на „Пуцко Петрол“, Асмир Јахоски, владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го раскина договорот за закуп тежок 2,6 милиони евра за период од 10 години.
Груби ги зовре партиските обвинувања
Денешното апсење на Артан Груби беше проследено со различни коментари од политичките партии во земјава.
Од Демократската унија за интеграција (ДУИ), матичната партија на Груби, позитивно ја оценија неговата одлука да се врати во земјава. Од партијата очекуваат процесот да се одвива според највисоките стандарди на владеење на правото, транспарентност и целосно почитување на презумпцијата на невиност.
„ДУИ останува непоколеблива во ставот дека правдата мора да биде еднаква за сите, без селективност, без двојни стандарди и без политички влијанија. Само правична и професионална постапка ѝ служи на вистината, на институциите и на довербата на граѓаните“, велат од ДУИ, додавајќи дека внимателно ќе го следат процесот во сите негови фази.
„Како што се договорија да го пуштат, така сега се договорија Груби да се врати“, рече партиската портпаролка на опозицискиот СДСМ, Богданка Кузеска, нарекувајќи го неговото апсење како театар на македонската граница. Со денешното апсење на Груби, според опозициската СДСМ се случил театар на македонската граница, нарекувајќи го неговото бегство политички договор.
„СДСМ ова го најави уште во декември 2024 година, а сега само се потврди пред очите на македонската јавност. Целта е политички дефокус и заштита на власта. На овој начин ВМРО, со поддршка од ДУИ, сака да го покрие најголемиот нарко-скандал со 5 тони дрога, кој води до врвот на Владата на Мицкоски.Како нема ниту една камера од 65 илјади за пет тони дрога, а има камери за Груби? Власта ги презема судството и Обвинителството под своја контрола, се рушат предметите на СЈО, сега е вистинско време Груби да се предаде“, изјави Кузеска.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ му возвратија на СДСМ дека ја разбраат нервозата во партијата од апсењето на Груби.
„Сега може да изнесе податоци за аферите и криминалите за кои здружно работеа со Зоран Заев, Вице Заев, Оливер Спасовски, Венко Филипче. Затоа од СДС се обидуваат да ги затскријат трагите и на овој начин да се спасат себе си, се наведува во пишаната реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
За апсењето реагираа и од владејачката коалиција ВЛЕН. Оттаму велат дека Груби ја претставува „црната кутија“ за владеењето на Демократската унија за интеграција (ДУИ) и дека не му останува ништо друго освен да се соочи со сопствените гревови.
„Мала Речица се тресе од страв за тоа што не знаат за што се е подготвен да прозбори Артан. Откако катастрофално изгуби ДУИ на локалните избори и паднаа во вода сите лажни ветувања на Ахмети за предвремени избори и наводен влез во Влада, на Артан не му останува ништо друго освен да се соочи со сопствените гревови. Но кој се ќе оди курбан заедно со него допрва ќе видиме“, се вели во соопштениeто на ВЛЕН.
Видете и ова: До каде се истрагите за милионските корупциски афери?Пред МВР и Обвинителството да тргнат во апсење на Артан Груби во декември 2024 година, Артан Груби заедно со апелацискиот судија Енвер Беџети завршија на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 9 декември, поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството.
Образложението е дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков за предметот „Таргет“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство(СЈО), а се однесуваше на масовното прислушување.
Груби е член на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), поранешен пратеник и вицепремиер во претходната влада на СДСМ и ДУИ.