Достапни линкови

Уапсен е Артан Груби, осомничен за проневера во Државна лотарија

Артан Груби
Артан Груби

Утрово, 23 февруари Министерството за внатрешни работи го уапси Артан Груби, поранешен пратеник и вицепремиер, на граничниот премин Блаце. Тој беше во бегство повеќе од една година.

„Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, соопштија од МВР.

Груби е осомничен за злоупотреба на службената положба во случај поврзан со Државна лотарија, за кој пишуваше и Радио Слободна Европа. Во предметот осомничен е и Перпарим Бајрами, а истрагата се однесува на наводна проневера од околу осум милиони евра преку набавка на ВЛТ апарати.

Според Обвинителството, предметот опфаќа одлуки и договори за кои постои сомнеж дека ѝ нанеле значителна финансиска штета на институцијата, проценета на околу 500 милиони денари, односно над осум милиони евра.

Обвинителството побара притвор за Груби и за Бајрами поради тоа што oд прибраните докази произлегувало основано сомнение дека двајцата соизвршители учествувале во дејствија со кои е направена штета на „Државна лотарија“ со намера да прибават противправна имотна корист за друг.

На 17 декември Кривичниот суд им одреди триесетдневен притвор на Груби и на Бајрами, а Јавното обвинителство подоцна таа вечер издаде наредба до МВР за објава на национална потерница, а потоа и распишување меѓународна потерница за нив двајца.

Артан Груби на Фејсбук нашиша дека не е во бегство, дека се наоѓа во приватна посета во Косово и дека ќе се врати дома, но ден по објавата полицијата вршеше претрес на две негови локации и не го пронајде дома.

Премиерот Христијан Мицкоски тогаш изјави дека Груби „заедно со уште едно лице, стопанственик во возило со дипломатски таблички ја напуштил Македонија и последно се упатил кон нашиот северен сосед Косово“, а за Бајрами рече дека подолго време не се наоѓал во државата.

Инаку Груби заедно со апелацискиот судија Енвер Беџети беа ставени и на „црната листа“ на Стејт департментот, објавена на 9 декември, поради вмешаност во значителна корупција, политичко мешање и обиди за оцрнување на судството.

Образложението е дека примиле мито да влијаат врз судските процеси поврзани со кривичната пресуда на екс директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков за предметот „Таргет“ што го отвори Специјалното јавно обвинителство(СЈО), а се однесуваше на масовното прислушување.

Груби е член на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ), поранешен пратеник и вицепремиер во претходната влада на СДСМ и ДУИ.

XS
SM
MD
LG